НЕИЗМИЕНИТЕ РАНИ НА СУРОВОСТА
— 29 јуни, 2022(Кон претставата „Генерација З – неспоредлива убавина“ по текст на Валерија Шулцова и Дарина Сбрахамова, во режија на Зузана Фјалова, а во продукција на Павол Оршаг Хвездослав Театрот од Братислава, Словачка. Гл. улоги: Марија Шумерова, Анамарија Јанекова, Романа Ондерјковичова, Вивиен Квасницова, Паула Гогола, Ема Шутовцова)
Пронаоѓањето на самите себеси во светот полн со измами и измислици, бекството од неисплатливото и несреќно релативизирање на родово ниво и неговото социјално десктрукруирање, духовните потреби на младите мажи и жени во светот чиј хедонизам е веќе на точка на вриење, но и помислувањето на правата во време кога глобалните вредности го губат сјајот и формираат аморфни и виртуелни „институции“ се на еден многу интересен визуелен начин акцентите на претставата која зборува токму за таа „неспоредлива убавина“, за еден идеал од којшто младите мажи и жени се дефинитивно многу далеку. Оваа претстава се случува во многу краток временски период – еден час и започнува со една чудна изложба (инсталации) која не води кон темните коридори на насилството кон жената и духовната дехуманизација во некој дистописки, но сепак сегашен општествен симулакрум. Актерките во тие делови збуваат за жртвените аспекти на жената како „убавина“ со диспаратна конституција, низ темните коридори до седиштата во многу индикативната алтернативна сцена не донесоа тие замаглени и уметнички многу сигнификантни апстракции на женската судбина кои подоцна во инсценацијата на текстовите на Шулцова и Сбрахамова да се соочиме со една реалност во еден чуден, Линчовски манир. Режисерката Фјалова со овој концепт отвора еден свет кој е и далечен, но и близок до нас токму заради дистопискиот амалгам во него. Можеби е прееуфемистично кога се употребува терминот „дистописки“, но предупредувачкиот контекст на овој термин не наведува на тоа актерската игра која е промешана на многу интресен и до крај органичен начин со видео делниците да не воведе во таа понижувачка и деструктивна константа на светот каде родовите релации се крајно девастирани од социјалните мрежи, а релациите маж – жена се измиваат преку една квази ортодоксна матрица опасна од сите нејзини аспекти. Кога зборувам за „ортодоксноста“ не помислувам на религискиот контекст, туку на една мета-догматска „норматива“ чии последици стануваат далекусежни најмногу заради темниот, пулисрачки реципроцитет во родовите релации. Режисерката во оваа претстава конечно, најголемиот акцент го поставила врз насилството врз жената, но и врз недоумиците околу континуумот на одржувањето на женскиот принцип. Тоа се чини дека станува и ангажман на ниво на идеологија, но е исклучително горлива тема која во оваа претстава, би рекле дека најмногу се устреми кон индолентноста и комодитетот и во социјална и во општествена смисла. Фјалова играјќи си со видеата во кои совршено добро ги вклопува и актерките, всушност како концептуална референца ги доведува медиумите заговарајќи дека борбата со измамите на социјалните мрежи може многу лесно да го засени вистинското прашање или барем јадрото на женската револуција чие #MeToo веќе почнува да се истоштува и да се оддалечува од актуелноста. Актерките во оваа претстава можат да се пофалат со една многу рационално понесена енергија, но и со суптилна емотивност која совршено импонира. Режисерскиот концепт на Фјалова подразбира многу визуелизација, но оваа млада режисерка не заборавила и на актерскиот израз. Секако, тука можеме да зборуваме и за низата реквизити на сцената која е многу блиску до нас, до публиката, кои асоцираат на еден патријархат за којшто режисерскиот концепт во преносна смисла говори дека тој е на некој начин методологија на лошо прогресираната етика која пак од друга страна родовиот анархизам ќе ја претвори во црна верзија на правецот многу слатко наречен flowers powers. Марија Шумерова, Анамарија Јанекова, Романа Ондерјковичова, Вивиен Квасницова, Паула Гогола, Ема Шутовцова играат многу посветено и емотивно точно, се провлеуваат низ главната тема во претставата прилично вешто користејќи ја својата актерска изразност како механизам низ кој можеби и ќе исцизелираат и прототипови на жени кои пак, од друга страна и ќе ги претворат во нешто што значи деконструктивен родов трактат од каде што ќе се извлечат сите дамки на релацијата маж жена, затоа што, конечно за одржување на видот потребен е и пород, нели? Овие актерки носејќи ги своите ликови со себе, но и од себе, минуваат низ бунтовните коридори на несогледливите последици од насилството врз жената, се придружуваат и на уште едно круцијално прашање кое не мора да биде поставено на жената, а тоа е: што е попродуктивно – да се биде убава или рационална? Колку убавината го губи својот примат врз рациото и колку духовната корупција во таа насока значи само лошо толкуван патријархат. Големиот Британски прозаист Хенри Милер во една прилика рекол: „…секогаш кога во мојот живот предолго сум гледал на Убавината, особено на убавината на жената, секогаш тоа сум го доживувал со чувството на страв. Страв, но и допир на ужас“. „Генерација З – неспоредлива убавина “ зборува токму за тој ужас отелотворен во социјалната и општествена недореченост која веќе почнува мнигу да боли.
Како што споменавме погоре, оваа претстава има силен визуелен момент. Сценографијата, костимографијата, инсталациите на почетокот на претставата се дело на трите уметници кои се појавуваат и како актерки во истата: Вивиен Квасницова, Паула Гогола, Ема Шутовцова. Ова зборува за една сплотеност на уметниците во претставата со секој нејзин сегмент, како и за една ретка појава актерската енергија да биде совршено органично споена со нејзиниот визуелен сегмент. Музичката илустрација на Самјуел Д. Абрахам и видео проекциите на Иван Финта се аспект без кој не би се доловиле вистинските третмани на главниот мотив на целата претстава. Видео проекциите совршено добро се вклопуваат со актерската игра, посебно сцените во креветот во првиот дел од претставата, така што целиот визуелен аспект на оваа сјајна претстава остава извинреден впечаток.
Женскиот проблем и родовите односи во овој грешен дваесет и први век се незапирлив извор на мотивираност, но се и проблеми кои се повеќе се отвораат. Битката на половите е секогаш во позадина на големите и непростиви војни, но таа се случува под кожата, во ганглиите, внатре, во духовниот хабитус на човекот и не е незабележлива. „Генерација З –неспоредлива убавина“ е претстава со голема порака компримирана во ислучително впечатлив час одлична актерска и режисерска експресија.
Рецензија на Сашо Огненовски