ГОЛЕМИТЕ ИСТОРИИ НА МАЛИТЕ ЛУЃЕ
— 25 јуни, 2022(Кон збирката раскази „Луѓенца“ од Лилјана Пандева во издание на ПНВ Публикации, Сkопје, 2020)
Тркалото на историјата секогаш го завртувале големите личности со пронајдоци, политички стратегии, големи уметнички дела, но и со големи војни и геноциди. Но, некаде внатре, во сите нивни дела пулсира животниот вруток на оние што иницирале, што направиле, што извршиле, што едноставно го одживеале тој светски поредок и неговите плодови: малите луѓе. Оние што Лилјана Пандева ги нарекува со еден сладок и галовен деминутив: луѓенца. Во седумнаесетте раскази од оваа збирка вибрираат судбините на оние што водат нерамни битки со животот, но и што не се подгрбавуваат под налетот на сите животни искушенија. Пандева во оваа збирка раскази наликува на големиот мајстор на прозата Рејмонд Карвер, кој вели дека: „Има значајни моменти во сечиј живот што можат да направат литература. Затоа пишувајте“. Раскошните описи на прототиповите и „значајните моменти“ за кои зборува Карвер се јадрото на оваа збирка раскази којашто на подарок дава цел еден човечки живот со сите страдања, љубови, стравови и надежи. Читајќи ги овие раскази се наоѓате среде еден исклучително богат универзум во кој човековата историја е ткаеж од насмевки и солзи и долг од двете точки: раѓањето и смртта. Тука ги гледате сите оние луѓе што минале покрај вас, што истовремено се качуваат во автомобил или се затрчуваат по некој што им избегал, но ги гледате и оние што стојат на работ од висококатница во длабок очај и во недоумица дали да му стават крај на својот живот. Пандева по „Класифицирано“ и „Заорани“, раскази мотивирани од руралните подрачја, со „Луѓенца“ покажува една сосема поинаква онтологија на човековото битствување, а тоа се судбинските вертикали на себенаоѓањето. Оној, најтешкиот механизам за духовно преживување во светот, чија брзина веќе никој не може да ја контролира, е подеднаква желба на сите прогатонисти од овие прекрасни раскази: да го прегрнат животот колку што можат и тој да биде тука, со нив. Да не биде на друго место, да не копнеат по него, да не поминува покрај нив, да не им се потсмева од зад аголот, да не им го живее некој друг и да не си поигрува со нив. Протагонистите на овие раскази живеат на работ од катастрофата, во „нешто што личи на сопче“, не можат да врзат крај со крај со банките, се обидуваат да се променат себеси и физички и духовно, прават натчовечки напори да останат здрави заради своите деца итн. Со еден збор, овие седумнаесет раскази се рапсодија на трагиката на секојдневието, една суштествена транспарентност на она што би го нарекол „црн транзитивен реалитет“, наметната деструкција од која сите протагонисти се обидуваат да направат свој животен стил и да изградат едно катче каде што сигурноста би им била загарантирана.
Тешко е да се одбере расказ што остава најголем впечаток. Но, со секој прочит на овие прекрасни раскази како координата се наметнува расказот „Ронка леб“ во кој низ целата траекторија на ронката леб што ја носи врапчето од ронките што ги рони госпоѓата до човекот што оди да ја храни својата мајка во старечкиот дом се вдомиле сите други протагонисти од сите стории: тука се и двете Лила и Мила со нивната флуидна љубов, маката на кутрата мајка на Дамјан, која мора да оздрави по секоја цена, извонредната, мудра приказна за момчето и мајсторот за крзна – Фарко, но и хипохондријата на Иван („Аспиратор“), на артизмот на Марија, која пандемијата ја претвори во своја инспирација за од својот талент за цртање да стане и општествено „полезна“ („Портрети“), тука се и многу други страдалници, вистински „луѓенца“ од чии животи е исткаена една историја на тактичниот и бавен распад на општествените и социјални констелации. Во тој пат на ронката која пренајадената птица ја испушта пред мажот на кој му навикнал стомакот да ја дочека, има многу преиспитувања, големи недоумици и потрага по себеси со огромен број прашања. Пандева гради еден свет на личности во чиј поттекст секогаш стои прашањето: „Зошто токму мене?“ Токму затоа ја споменав судбинската нишка меѓу сите протагонисти. Нивната поврзаност не е само сплетот на околности и пајаковата мрежа на транзицијата (која авторката и ја споменува неколку пати), не е само страдањето, туку и огромната желба да се опстои, да се преживее и да се заграби малку од онаа сончевина и свеж здив, да се дише со полни гради.
„Луѓенца“ е панорамска збирка раскази во која ликовите и приказните блескаат со еден Дикенсов шарм, истргнуваат емоции, но и испраќаат голема порака. Пандева во оваа збирка зборува со јазикот на човекот со празен стомак и празен џеб, но и со јазикот на човекот со големо срце и длабока истрајност. Тие „луѓенца“ некако минуваат крај нас и ние не ги забележуваме затоа што едно од нивните проклетства е да станат невидлив дел од ганглиите на секојдневието, нивниот животен пат да биде незабележлив за големите потези или за глобалните процеси, но Пандева во своите раскази за нив зборува како за оние во чии животни филозофии лежат и големите цивилизациски пресврти затоа што токму тие – „луѓенцата“, со товарот на материјалното и духовното недоразбирање во својот живот заедно ги придвижуваат пресвртите за кои историјата има свои толкувања. Секоја од овие истории е белег, но не само на општествените дисторзии, туку и на човековото поимање на светот. Лилјана Пандева со својот препознатлив стил, типичен само за неа, изградила еден свет што има мирис на вечност, затоа што малиот човек е оној од којшто се испилиле големите луѓе, човекот што нема пари да си го плати автобускиот билет, оној што не може да си ја плати ратата во банката, оној што станал дел од своите заумности и го истоштила хипохондријата. Таа, како голема писателка, знае дека овие мали луѓе, овие нејзини „луѓенца“ се вовлекле во биографиите на сите оние што подоцна цивилизацијата ги памети како големи личности. Таа знае дека во малиот човек се крие силата на оваа планета, а во неговата храброст се крие и вистинскиот инстинкт за преживувањето на човечкиот род.
Седумнаесетте раскази во „Луѓенца“ се уште една голема книжевна авантура, книга што носи нескриена возбуда и неизбришлив впечаток, збирка раскази што ја прави Лилјана Пандева можеби малку поразлична од она што сме навикнале да го читаме од неа, најмногу заради постмодерничките навеви во некои од расказите, но е и книга од чија порака ја извлекуваме есенцијата на човековиот стремеж да се остане исправен и покрај предизвиците што искрснуваат со секое разденување. Овде повторно ќе се навратам на големиот мајстор на раскажувањето Рејмонд Карвер. Тој вели: „Ако имаме среќа, и како писател и како читател, ќе го завршиме последниот или два реда од расказот, и потоа, само ќе седнеме една минута, тивко. Идеално, ќе размислиме што тукушто сме напишале или прочитале; можеби нашите срца или интелекти ќе бидат поместени само малку од местото каде што биле порано. Потоа, дишејќи рамномерно и стабилно уште еднаш, ќе се собереме, писатели и читатели, ќе станеме ’создадени од топла крв и нерви‘ како што вели еден лик на Чехов, и ќе продолжиме на следното нешто: Животот. Секогаш живот.“ Кога Лилјана Пандева раскажува имаме впечаток дека животниот вруток ќе нѐ поплави со целата своја живост и комплексност. Нејзиниот раскажувачки гениј генерира и ликови и судбини за кои чувствувате дека се внатре, во вашите дамари, таа ги отвора дури и темните патишта на човековата тага, но ги раскршува и нерамните патчиња на хуморните консеквенци.
„Луѓенца“ е уште еден драг камен во македонската проза, уште едно книжевно патување што тргнува од нас и циклично
повторно завршува во нас. Лилјана Пандева навлегувајќи во животните текови на оние што и се радувале и се наведнале под тешкиот товар на своите судбини, навлегува во нашите замисли, копнежи, се промешала во нашите одлуки, но и нѐ поучила, затоа што пораката на оваа прекрасна збирка раскази се крие токму во искуствениот контекст, а таа значи дека упатува на тоа животот да го погледнеме право в лице и да се охрабриме да го водиме онака како што ни шепнал ангелот. Така ќе знаеме дали тој ќе ни се насмее или ќе нѐ прекори. И во двете ситуации „луѓенцата“ на Пандева се подготвени постојано за нови борби, додека нивното искуство се преточува како екстракт во глобалното искуство на светот што нѐ опкружува. Запловувајќи во раскошот на секогаш неисцрпниот стил на Лилјана Пандева, со оваa збирка раскази се облагородуваме побогати за уште едно книжевно доживување.
Рецензија на Сашо Огненовски