(За романот „Хроника на сомнежот“ од Владислав Бајац во издание на Авант прес, Скопје, 2021)
Турбулентните времиња на повоена Југославија оставија многу измешани чувства, многу непреспиени ноќи, многу недоумици, многу политизирања и деполитизирања, но и многу сомнежи кои во романот на Владислав Бајац се артифициелизираат како наративни струи испреплетувајќи се со неговиот искуствен сублимат од чии атоми извлекуваме впечатоци, но не и заклучоци.
Владислав Бајац
Читајќи го овој многу специфичен роман си го поставувам прашањето дали сме живееле во темни времиња во таа никогаш непростена, но и никогаш непрежалена југословенска федерација? Дали нашите стари, а конечно и ние се навикнувавме на одблесоците на еден политички мазохизам што премолчано го прифаќавме обидувајќи се да мислиме на она со што се занимававме и на бенефитите од тој социјализам кој никогаш не премина во комунизам? Оваа книга остава многу отворени прашања, но од друга страна, се обидува да не пренесе во еден свет во кој повторното завлегување е многу погубно. Значи, Бајац низ ова четиво оперира со една „невозможна мисија“ потонувајќи повторно во конгломератот од интелектуализам од каде што креативноста секогаш излегла како победник. Објаснувајќи го поимот „хроника“ на самиот почеток на оваа книга авторот не конципира хронолошки подредени настани, туку ги промешува годините контекстуализирајќи еден проток кој е временски „обележан“, но е оправдан со моменталната мотивираност. Говорејќи за себе како за трето лице, авторот себеси се става во трет план, додека во прв план е духовната струја на тогашна Југославија од ослободувањето, па до нејзината дезинтеграција. Говорејќи за уметноста и за книжевноста, овој негов текст упатува на една многу недофатлива духовна еволуција на самиот автор од агол на доцните години, едно неселектирано сеќавање кое нема за цел да обвинува и демонизира, ниту да проколнува, туку да ги сведе сметките преку толкување на настаните, личностите и фактите што ги знаеме сите, но можеби и не сме ги осознале убаво. Имено, и самиот автор зборува дека оваа книга започнал да ја пишува и не знаејќи дека ја пишува. Неговите белешки од кои се роди оваа неконвенционална хроника бележат сеќавања без децидност, без заклучоци, без конечност затоа што и самиот вели дека „сеќавањата траат колку што трае животот“ и токму таа литерарана флуктуалност е драгоценоста на овој роман. Откривањето на не многу познатите податоци за Коча Поповиќ, една од круцијалните фигури на Југословенството, како и претресувањето на бунтовните шеесетти и седумдесетти години низ театарските претстави како што била „Коса“, Бајац го провлекува својот Јас низ едно време кое можеби го има привидот во ова, недоследно, недефинирано и променливо време на дваесет и првиот век. Читајќи го романот се обидувам да направам една лесна компаративна релација во која Бајац и во главите посветени на годините од дваесет и првиот век зборува за истата недоумица и за истиот немир, но со една стаменост на еден Јас кој доживеал иста таква недоумица но со висока доза на невиност, напати и неверба. Споредувајќи го Јас во шеесеттите години и Јас во почетните години на дваесет и првиот век доаѓам до констатација дека авторот намерно ја отфрла илузорноста на доживувањето на интелектуалните текови сфаќајќи ги сите настани како дел од неговиот духовен крвоток, за во оваа несигурна и деструктивна денешница да го понесе товарот токму на таа илузорност: „Јас во таа 1968 година беше само посматрач на бурните случувања (покрај оној „заслужен“ вовед во демонстрациите една година порано) на кои сепак беше присутен, а за среќа избегна во блиска средба да добие ќотек од народната полиција … дали книжевноста го победи животот, кога стварноста толку успешно ја изврте наопаку?“ Комапартивното струење е само дел од комплексноста на ова четиво. Бајац навлегува во суштинско реплицирање со минатото, но низ елегантното опструирање на ликовите од тоа време. Тој својот однос го остава за сегашноста затоа што како што наведува и тој, и тие ставови се променливи. „Хрониката на сомнежот“ е роман кој пулсира во чести временски амплитуди и се реконципира со секоја глава, ја растегнува својата енергетска структура имплементирајќи ги и компаративните пасажи за случувањата во светот кои сакале или не влијаат на таа многунационална држава. На многу наврати тој го споменува југословенството како никогаш незгасната утопија која после распадот на самата држава ја носеа само оние што не живееја таму. Преносно, Бајац многу често го поставува прашањето за издржливоста на Југословенот во време кога слободата на говорот била луксуз кој се плаќал многу скапо, а немирите многу брзо се заканувале да станат помодарство. Тој говори за една авангарда која во духовниот живот на таа Југославија останала како таква затоа што постмодерната никогаш не останала доследна на своите постулати, но останала како уметничка возбуда, но зборува и за една национална платформа чија хибридност во тие години на Југославија се претворила во националистички карусел: „Години потоа, безобразието се претвораше во самоувереност, хунор и иронија. Но, како што течеше времето и државата полека тонеше, уживањето се претвораше во плиткост, самоувереноста во самољубие, а иронијата во циничност. Потоа тој его-трип на поединецот се претвораше во колективен национализам, а цинизмот во омраза.“
„Хроника на сомнежот“ е четиво кое и интригира, но и предупредува. Владислав Бајац зборува за времиња кои се одамна завршени, но никогаш до крај одживеани. Токму затоа и појавата на терминот „југоносталгија“. Говорејќи за ументоста и духовниот живот од времето на Југославија, тој зборува за една енергија која сега е разлеана низ комодитетот на медиумите, за тајновитоста која се претворила во мимикрија, но и за инспирацијата која се претворила во помодарност. Неговиот Јас не е човек со име и презиме, туку е автодистанца за чија естетика тој не зборува, но само назначува. Владислав Бајац не напишал „хроника на едно време“, не напишал „хроника на раѓањето и умирањето“, не напишал „хроника на послушноста и непослушноста“, тој напишал „хроника на сомнежот“, како единствено чувство кое останало после застрашувачката цикличност на времето. Со целата своја леснотија во раскажувањето овој ингениозен автор својот живот, како што споменав погоре го става дури во трет план: во првиот план е времето, во вториот план настаните, а во третиот план неговиот живот кој е понесен од целото тоа време, искуствено променет низ сите настани, но и мудро задомаќинет во длабоките години. Велам задомаќинет затоа што одвојувањето од местото подразбира и пресметка со времето. Бајац и како автор и како интелектуалец зазема големо место во тој тогаш Југословенски, а сега и Европски културен простор. Неговата мудрост го изнедри ова дело веројатно не заради сведување на сметките, туку заради заокружување на едно време кое пулсира, кое се враќа и потсетува, а ние секогаш се сомневаме, но немаме храброст да одговориме на многу прашања затоа што и таа хибридна земја која постоеше под илузијата на „братството и единството“ си замина со неодговорени прашања.
Со проекција на македонскиот игран филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, проект во кој кинематографер е Душан Кардалевски, вечер во Битола завршува 44. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Според востановената традиција, пред доделување на фестивалските награди за најдобрите кинематографери за кои одлучуваат неколку жири комисии, на сцената во НУ Центар…
Кинематограферот Шеjмус Мекгарви, добитникот на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, во рамки на 44. издание ИФФК „Браќа Манаки“, денеска во битолското кино одржа мастерклас. Тој зборуваше за неговите почетоци, почнувајќи од неговото детство, па до соработката со врвни режисерски имиња. -Пораснав во мал град во Обединетото Кралство, во католичко…
Под медијаторство и иницијатива на Форумот за разумни политики во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ се потпиша меморандум меѓу седум киноприкажувачи во Македонија: Кинотека на Северна Македонија, Синема паркинг кино-Битола, 3Д Кино Битола, Центар за култура-Битола, Киноверзум Свети Николе, кино Фросина од Скопје, кино Милениум и Синеплекс, заедно со Агенцијата за филм и канцеларијата на…
Филмот „Совршени денови“ на Вим Вендерс се прикажа во рамките на официјалната селекција Камера 300 на 44. ИФФК „Браќа Манаки“, прекрасен филм на познатиот режисер Вим Вендерс, снимен во Токио, во кој се прикажани 17 различни архитектонски креации на тоалети во овој град. Убавината на филмот ја дополнува и прекрасната глума на шармантниот и харизматичен…
Проекцијата на турскиот филм „За сувите треви“ од познатиот турски режисер Нури Билге Џејлан, предизвика големо интересирање и покрај тоа што филмот трае 197 минути а почна речиси во 22 часот. Следниот ден на прес конференцијата, што исто така беше посетена од голем број новинари и филмски работници, беа кинематограферите Куршат Уресин и Џевахир Шакин,…
„Збирка на вокални дела на композиторот Љубомир Бранѓолица од опусот на популарната музика“ е наслов на проектот од кој што произлезе изработка на збирка ноти „Поп – музика за Пијано и глас“. Збирката се состои од 20 нотографирани композиции од композиторскиот опус на забавна – поп музика. Создавањето на оваа збирка на ноти е продукт…
Неапол e град на контраст, со прекрасни места и екстремно грди делови, каде царува екстремна сиромаштија, град познат по нарко мафијата, град каде има најмногу дилери на дрога. Зошто тој град е толку привлечен за снимање, беше едно од прашањето поставено на прес конференцијата по повод прикажувањето на филмот „Носталгија„ на Марио Мартоне, на вториот…
Мојата цел беше да пренесеме приказна која што е интересна и ќе има силно значење за гледачите, рече режисерот Горан Столевски на филмот, „Домаќинство за почетници“, со кој се отвори 44. „Браќа Манаки“ на денешната прес конференција на којашто присуствуваше заедно со кинематограферот на овој филм Наум Доксевски и со дел од екипата од филмот….