ДУХОВИТО И БЕСКОМПРОМИСНО ЗА ЉУБОВТА
— 3 јануари, 2022(За романот „Од легендата на Калина Калин“ од Лилјана Пандева во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2021)
Читајќи го овај исклучително динамичен роман полн со духовитост и несовладлива живост низ главата ми пролета познатата мисла на големиот драматичар Оскар Вајлд кој вели дека: „Разводите се создадени во рајот.“ Низ таа духовита максима се обидував да го разберам овој Сагановски роман на Лилјана Пандева чиј стил е питок, но од друга страна особено комплексен затоа што се работи за една од најдобрите прозаистки во поновата генерација на македонската книжевност, авторка чиј раскажувачки вруток е незапирлив, а сите настани кои ги истура тој вруток се интересни и полни со сочни ликови.
„Агендата на Калина Калин“ започнува со нејзиниот развод „по кратка постапка“, развод кој на Калина и траел десетина минути подолго од склопувањето на бракот. Оттаму, од тој 10.45 часот започнува да се изместува целата агенда на Калина и да се претвора во сосема поинакво секојдневие преполно со дилеми и недоразбирања. Имено во тоа истркалување на активности и состојби кои сега изгледаат сосема поинаку овој многу динамичен лик на средовечна жена со многу прашалници започнува да живее еден сосема нов живот. Подобар или полош од претходниот? Има ли право Оскар Вајлд? Овоременското социјално опкружување познава огромен број на раскинати бракови и секако, огромен број на „сосема поинакви“ и нови започнати животи. И, кај Калина тоа напластено секојдневие е исто така преполно со козметика, гинекологија, реновирање, фитнес, готвење, менструален циклус, стоматологија и што уште не. Но, тој нов животен циклус носи и нова енергија. Нејзиното семејство секако дека не може да ја препознае, но е постојано со неа: нејзината мајка која исфрла мудри мисли во она време кога на Калина најмалку и се потребни, нејзината сестра близначка Нена се обидува да ја следи и на некој начин да и помогне, а онаа која треба најмногу да се прилагоди на новонастанатата ситуација е нејзината ќерка Лебеда која е на прагот на пубертетот и која чувствувајќи ги навевите на првото вљубување мора да се соочува со остатоците на љубовната врска на нејзината мајка.
Лилјана Пандева во овој роман говори за животната пресвртница на жена на која баш и не и е сеедно што излегла од брачните води и својот брод го завртила кон многу побурните и поматни води на самохрана мајка додека нејзиниот поранешен сопруг веќе побрзал да создаде ново семејство. Нејзиниот лик го води тој брод многу внимателно и со голема тешкотија внимавајќи да не се заглави во спилите на недоразбирањето и депресијата затоа што осетливиот период во кој се наоѓаат заедно со нејзината ќерка може да преизвика непосакувани и многу опасни животни турбуленции. Пандева во овој краток, но многу комплексен роман намерно навлегува во ведрата страна на оваа состојба создавајќи животни ситуации полни со хумор не оставајќи им на трагичните моменти да се развијат во нешто што би значело безизлез. Калина Калин е бескомпромисна, но бескрајно комуникативна. Тоа е системот на преинсталирањето на новиот животен тек. Најзината состојба не подразбира некаков патетичен еквилибриум затоа што се чини дека таа патека е и стилски, но и животен ќорсокак. Авторката инсистира на таа хуморна глазура не толку заради жанровскиот баланс, колку заради пораките кои се многу хумани и јасни. Нејзината сестра близначка Нена која е дијаметрално различна од неа во еден момент ќе каже: „Да се чуди човек. Звучиш како луда. Само тебе може да те прави среќна туѓата среќа на сметка на твојата несреќа. Како да не си ми сестра.“ Овие два антиподи го отвараат токму прашањето на тежнеењето на Калина да воспостави нов животен баланс после големиот предизвик после разводот. Можеби затоа Оскар Вајлд ја изрекол таа цинична, но донекаде и точна сентенца. Новиот живот на Калина Калин можеби не е рај, но е токму нов предизвик. Лилјана Пандева во овој роман зборува за огромниот напор на жената која излегува од брачната институција и грчевиот се обидува да создаде нов живот без машки примерок со неа. Секако, за неа нејзиниот поранешен сопруг не е лошиот волк, тој е за неа минато кое има посебно место во нејзиниот живот, но и причина за нејзината понатамошна борба на која не помислувала кога застанала на олтарот со него. Калина Калин е лик кој животот не го гледа црно бело како што го гледа нејзината мајка, а повремено и нејзината сестра. Таа се обидува својот понатамошен живот да го изгради од позитивните екстрати затоа што во црно-белото размислување во оваа борба донесува небулоза, апсурд и делува прилично лошо на нејзината ќерка. Духовитите ситуации кои ги носи секодневието се обид да се застане на една друга позиција, да се набои тој животен колорит со други, свежи бои и да се зафати колосек кој нема да биде погубен ни за Калина, а ни за Лебеда.
Овој роман на Лилјана Пандева е дијаметрално различен од „Доилката“ каде што имаме една историска констелација раздробена во состојба која е опасна заради политичките контексти и времето во кое се случува, но едно е заедничко: љубовта. Оваа бескрајно талентирана авторка пишува за љубовта на најразлични начини. Без патетика и тривијалности. Пандева говори за различни љубови и за различни околности, за последиците од недоразбирањето, но и за нејзината непресушност најмногу во оние моменти кога нејзините ликови помислуваат дека веќе ја нема. „Агендата на Калина Калин“ не е љубовна приказна за напуштена жена во нејзиниот најчувствителен период, во средните години. Тоа е роман за преиспитувањето на Калина Калин впуштејќи се во една неизвесност за која не сака ни да помисли колку би била опасна кога би го испуштила кормилото од рацете. Ведрината на овој роман укажува токму на тоа: на лечебната моќ на секојдневието кога една љубов си заминува и дека животната радост не смее да се напушти толку лесно. Калина Калин на Лилјана Пандева не оди по мочуришните предели на депресивноста, таа храбто чекори по рабовите на непознатото успешно држејќи рамнотежа затоа што знае дека после онаа љубов која толку брзо си заминала од нејзиниот живот ќе дојде друга и дека нејзината духовитост и благонаклоност можат само да и помогнат во нејзиното трагање.
„Агендата на Калина Калин“ наликува на оној минималистички реализам на Франсоаз Саган, но ја има и спецификата на Лилјана Пандева која ситуациите ги ниже и вмрежува во една приказна која пред нашите очи се одвива со филмска брзина. Новинарката Калина Калин не е прозаична жена која би се впуштила во ирационални авантури и со тоа би ја растурила целата своја надеж, туку продолжува успешно да ја работи и својата професија, но и да ја живее таа агенда која значи нови навики, ново сфаќање на животот, но и нови опасни дијалози со средината која во многу наврати чека на нож сакајќи да се забавува на туѓата несреќа. Секако, Калина Калин на Лилјана Пандева е силна личност иако во секоја глава од овој роман околу неа се извиваат низа дилеми. Таа се обидува да се провлече низ секој предзивик што го носи денот и да заземе став кој ќе си го одбрани и пред себеси, а и пред другите.
И секако, говорејќи за љубовта, Пандева овој роман и го завршува со нова љубов која инспирира. Женскиот свет кој оваа авторка го анализира е многу комплексен и сите нејзини дела зборуваат за различни типови на жени кои се соочуваат со големи предизвици, жени чија таинственост и слоевитост значат цивилизациска придобивка, жени чија храброст и бескомпромисност се потврда за тоа дека машкиот принцип нема погусто филозофско ткиво од женскиот. Женските ликови во романите, а и во расказите на Лилјана Пандева ги имаат и двата принципи во себе: и машкиот и женскиот. Нивната стаменост е, се чини голема инспирација за оваа брилјантна прозаистка.
Рецензија на Сашо Огненовски