Словенечката драма, сега и овде!
— 22 ноември, 2021(Кон 51 издание на театарскиот фестивал Недела на Словенечката драма во Крањ, Словенија)
Театарските фестивали, меѓу другото се и места каде што се отвора мегданот на националната драмска литература, мотивите, тематската определеност, консеквентноста, органиката и одржливоста. Фестивалот на Словенечката драма веќе сериозно навлегува во својата шеста деценија преиспитувајќи ја и славејќи ја Словенечката драмска литература. Имено, овој фестивал налик на српското Стериино позорје ја презентира Словенечката драма на најдобар можен начин, преку сценските изведби. Педесетгодишното постоење на овој мошне интересен театарски фестивал подразбира и негов раст од обична ревија на претстави работени по дела на Словенечки автори до комплексно театарско збиднување каде што се доделуваат неколку видови на награди и каде што се детектира и анализира и рецепцијата на Словенечката драмска литература во Словенија и надвор од неа. Како што споменува Мирјам Дрновшчек во монографијата на фестивалот, Неделата на Словенечка драма ја доживува својата зрелост исто онака како што човекот во своите педесетти години ја живее целата продуктивност на зрелоста. Секако, покрај претставите кои ги гледа меѓународно жири и ги доделува наградите за режија, актерски остварувања и претстава во целина, она што најмногу импонира на овој фестивал е доделувањето на историската Грумова награда која досега ја добиле 23 драмски автори меѓу кои и легенрадните Душан Јовановиќ, Драго Јанчар и Иво Светина (по четири пати), Винко Морендорфер, Симона Семенич и Евалд Флисар (по три пати), додека совемениот драмски автор и режисер Матјаж Зупанчич оваа награда во своите раце ја имал рекордни пет пати. Секако, нема да заборавиме дека една од добитничките на оваа престижна Словенечка награда за најдобар драмски текст е и нашата Жанина Мирчевска која оваа награда ја доби за својата драма „Крајот на Атлас“. Оваа година Грумовата награда отиде во рацете на младата драматургиња Маја Шорли за драмскиот текст „Овој вкус не сте го пробале“.
Оваа година Неделата на Словенечка драма се одржа во ноември, а не во својот постојан термин во март заради веќе познатите околности со пандемијата и иако неколку од претставите не можеа да бидат прикажани токму заради вирусот, фестивалот сепак помина во прекрасна атмосфера и со сиот свој сјај. Од 3 – 13 ноември на сцената на велелепниот Прешернов театар во Крањ публиката имаше можност да погледне претстави работени по текстовите на Матјаж Зупанчич (Владимир и Нова раса), Ловренц Марушич (Шкофјалошкиот пансион) , Нејц Газивода (Џез), Рок Вилчник – Рокгре (Пошта), Андреј Томше (Митска), Патриција Јуриншчич Финжгар (Бидовец – Марушич: другарство), како и авторскиот проект на Жига Дивјак „Гејм“. Мирјам Дрновшчек споменува дека после дваесетина години овој фестивал се отвора и кон словенечките дела изведени на сцените на театрите во другите држави, а тркалезните маси посветени на разни теми од областа на драматургијата направија од овој фестивал завидно меѓународно театарско збиднување. На репертоарот на фестивалот оваа година се најдоа скоро сите значајни театарски куќи од Словенија како што се Словенско Младинско Гледалишче, Местно Гледалишче Љубљанско, СНГ Љубљана, СНГ Марибор, Словенско стално гледалишче Трст, Екс-театар, Театарот Стојан Бочваров од Варна и Театарот „Реплика“ од Софија, и секако домаќнот, Прешерново Гледалишче од Крањ.
Комплексните режиски концепти на Жига Дивјак, Јернеј Лоренци, Нејц Газивода, Јуш А. Зидар, Матјаж Зупанчич, Христина Васич Томше, Николај Кенаров и Патриција Јуриншчич Финжгар направија театарскиот светоглед на овој фестивал да се вивнува во пламенот на глобалните светск, но и социјални проблеми во земјата. Она што е најинтересно е тоа што добар дел од авторите ги режираат своите текстови што зборува за една многу слоевита автентичност и консеквентност, а она што исклучително воодушевува е неверојатната актерска енергија која е до последен атом доследна на режисерскте концепти, енергија која ја отвора транспарентноста на сите претстави и нивната јасност и читловост. Неделата на Словенечка драма покрај главната програма има и тркалезни маси и читања на номинираните текстови кои се случуваа на АГРФТ, во нијзиниот нов, грандиозен објект каде на студентската сцена беа претставени по неколку сцени од текстовите на Маја Шорли (Овој вкус не сте го вкусиле), Ника Шваб (Работа и девојка: дело на обесправените), Ведрана Грисогоно Немеш ( Франц), Симона Семенич ( Тогаш трчам) и на Нина Куцлар Стикович ( Утре сонот изгледаше поинаку) од страна на студентоте на АГРФТ, како и една подолга дебата за тоа кои се темите и мотивите на Словенечките драматичари. Секако, мора да се спомене и настано и проект „Се надеваме за да си веруваме“ во кој беше на многу интересен начин претставена разликата меѓу онлајн доживувањето на театарскиот чин од оној во живо и на чиј крај беа доделени наградите на Словенечкото здружение на драмски уметници за 2020 и 2021 година кои во различни категории беа доделени на режисерот Томи Јанежич, кореографот и режисер Марко Млачник, актерот Блаж Сетникар кој се закити и со награда за најдобро актерско остварување на фестивалот и на други знаменити Словенечки драмски уметници. Фестивалот Недела на Словенечката драма беше збогатен и со симпозиумот Маѓичниот театар на Руди Шелиго кој беше одржан во Прешерновото гледелишче под покровителство на фондацијата „Руди Шелиго“. Меѓународното жири во кое членуваше и македонската драматургиња и теоретичарка на театар Викторија Рангелова главната награда ја додели на претставата „Шкофјалошки пансион“ на Прешерновото гледалишче од Крањ, а фестивалот беше затворен со концертот „Симпатико“ на дуетот Рок Вилчник рокгре и Марко Залетељ.
Неделата на Словенечка драма е фестивал кој зборува за широката гама на инспирираност на драматурзите од Словенија, за критичкиот аспект меѓу нивните реплики, за острината на една бунтовност и за пораките кои се радикални и многу јасни. Длабоката вертикала на овој фестивал која чекор по чекор во своите педесет години постоење достигнала и мудрост и револуционерност блика од артизам и актуелност, додека аналитичноста во теорискиот пристап кон текстовите наметнува една цивилизациска валидизираност на она што значи општествен и универзален ангажман на словенечкиот драмтург. Грумовата награда со која се овенчале значајни Словенечки драмски автори е уште еден знак дека Словенечката драматика зборува многу отворено и бескомпромисно и дека таа драмска различност и опсежност веќе станала значаен театарски сегмент и во Европски и во светски ранг.
Рецензија на Сашо Огненовски