Култура

Во процепот на копнежот и лагата

(Кон претставата „Пази на празнината“ во режија на Романо Николиќ, а во продукција на Хрватскиот народен театар од Вараждин. Гл. улоги: Хана Хегедушиќ, Ива Краљевиќ, Бети Лучиќ, Роберт Племиќ и Спазам Оргазам)

Семјуел Бекет во една прилика проговорува многу страстно за осаменоста за која пишувал низ целата своја писателска кариера: „таа пустина на осаменоста и взаемното обвинување што човекот го нарекува љубов“. Овде го наоѓаме тој процеп, тој меѓупростор за којшто зборува преставата на Романо Николиќ низ драматуршките леќи на Оља Лозица. Преставата „Пази на празнината“ е фуриозна драматика, или како што денешните драматурзи љубат да формулираат како (парафразирам) “голема брзина на стоење“, драматика која сосема оправдано го наоѓа своето место на некоја станица за метро, некаде каде што се сретнуваат луѓе кои никогаш не се договориле да се сретнат, место кое би го нарекол царство на случајностите, но и на фаталноста. Романо Николиќ и Оља Лозица говорат за сите канцери на денешницата, за несфатеноста и деструкцијата како единствен начин на мислење, за амбивалентноста како појава која веќе не интригира, туку инспирира, за стравот кој ја заменил љубовта, за констернацијата која се промешала во страста. Претставата се занимава со неколку животни судбини чија реалистична фрагментарност/присутност се метаболизира низ дијалог кој на некој начин ги поврзува сите тие пет ликови. Не отстапувајќи од во ова време и од просторите на модерната раскажувачка драматика, оваа претстава се занимава со несфатеноста на три дами, еден „совршен“ машки примерок и трансвестит чија езотеричност не предупредува на тоа дека сите ововременски гревови се на другата страна од социјалата и политиката и дека интимата навистина нема ништо со сето тоа.

Романо Николиќ гради претстава која е став, храбар и одлучен, но и претстава која има многу нешта со емотивната гама на дваесет и првиот век. Градирајќи ја претставата од тивка и интроспективна исповед до клаустрофобични конфликти на сите ликови кои доаѓаат со дијаметрално различен емотивен багаж, тој гради една слика која ги нема сите бои. Ги има само темните бои, а е врамена во слатка, дречлива рамка. Што кажува тоа? Николиќ и Лозица направиле пресек на едно секојдневие во простор кој е самиот по себе трауматски. Гледајќи ја оваа претстава се потсетив на фамозната експлозија во Лондонското метро во почетокот на јули 2005 година каде се најдов проколнувајќи се себеси што сум допатувал во Лондон токму во тоа време. Она што се случуваше како афтершок после експлоцзијата следниот ден беше лепезата од различните толкување за нејзиното случување. Тоа беше процепот во социјалниот и општетсвен живот на тие ликови кои исцедија еден дел од себе во простор кој е и реална „празнина“ во нивните животи и повотрно се качија на возот кој ги однесе во понатамошниот дел од нивниот живот. Николиќ во својата режија се задржува токму на тоа: на временскиот и просторен процеп во кој ликовите истураат дел од својот живот (минат или измислен) и продолжуваат понатаму. Но, после тоа минување низ тој простор веројатно тие ликови не се истите и ништо околу нив не е исто. Тие, како Владимир и Естрагон на Бекет остануваат таму каде што се, а не би требалод а бидат таму, но можеби и тоа не се тие. Она што импонира во оваа режија е многу храбро и егзактно да с епроговори со јазикот на Бекет во една многу чудна, по малку Јонсековска конотација. Секако, ова не е апсурдистичка претстава, но е претстава која низ режијата на Романо Николиќ говори за апсурдноста на нашето/нивното опкружување.

 

Актерскиот дел од претставата го предводат две сјајни и талентирани дами Хана Хегедушиќ и Ива Краљевиќ чија енергија е неизмерно голема. Два типа на жени одлично одиграни и донесени на сцената како катактери кои многу с  разликуваат од Бети Лучиќ, етеричната дама која импресионира со својата тишина, со својето полно актерско пристутво. Машкиот дел од овој кастинг го сочинуваат Роберт Племиќ, како што го нареков погоре, машки примерок подготвен за секакви турбуленции во својот животен циклус и Спазам Оргазам, млад актер под псевдоним кој извонредно го одигрува трансвеститот чија трагика е еден од аспектите на целата претстава. Секако, што се однесува до актерската енергија, таа импресионира со својата компактност и впечатливост. Не смееме да заборавиме дека овие пет сјајни актери и актерки одигруваат фрагменти, она што значи присетување или преинсталирање на животни ситуации во еден краток временски период, еден временски „процеп“, празнина која одминува и повеќе не се враќа, затоа што доаѓаат други во просторниот „процеп“ за да проговорат нешто друго, да направат нешто друго или да исфрлат од себе некаква жолч или тага.

„Пази на празнината“ е визуелно и музички богата претстава. Одличната сценографија која плени со својата автентичност и колоритната костимографија на Здравка Ивандија Киригин прават целиот режисерски наратив да ја отвори до крај таа темна боја на исповедувањето на ликовите. Овде, секако се придружува и динамичната музика на композиторот Дамир Шимуновиќ, чиј е и изборот на музика, контраст со кој претставата ја добива онаа популистичка боја што е насушно потребна за да се истакнат автентично и до крај сите болести на грешниот дваесет и први век. Секако, од визуелна страна, она што најмногу импонира е видео проекцијата на Иван Лушичиќ која совршено добро го истакнува целиот апсурд на ововремнскиот виртуелитет.

„Пази на празнината“ е храбра претстава чија драматика опонира на едно контиуирано рушење на човековите вредности. Романо Николиќ и Оља Лозица проговориле со еден многу ласцивен јазик за духовната болест што ја носи ова столетие на која, за жал, сите стануваме имуни. Тие зборуваат за немоќта на театарот да промени нешто што можеби тлеело со векови меѓу нас, а таа фрагментирана приказна која ја раскажуваат сите ликови е без остаток и наша, затоа што додека ја гледате претставата имате впечаток дека сте и вие во таа станица и чекајќи да ве земе возот и да ве однесе на некое друго погрешно место за момент сте застанале во судбинскиот процеп и не внимавате на себеси, туку станувате слуги на струјата на свеста, на едно sense memory облеано со многу солзи и завиткано во голем јад.

Кога зборуваме за временскиот процеп имаме во предвид дека времето е она што е најбезмислосно и сакале ние или не тоа тече и кога сме во процепот, така што нашето невнимание е Божји дар за да можеме барем во мислите да го запреме и да ги сведеме сметките, или барем можеби да се преинсталираме себеси за да продолжиме натаму во некој друг простор и со некои други протагонисти кои се фреквентни исто така без да сакаме ние. Токму затоа оваа претстава остава силен впечаток: заради својата универзалност и храброст, со силна порака дека она што доаѓа и си заминува го носи и времето со себе и дека промените прво започнуваат од себе. Не откривајќи големи нешта, оваа претстава открива голема болка во нашите животи, а тоа е нашата индолентност и хедонизам кои постојано не спречуваат да ја промениме филозофијата на нашето живеење.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии