Промоција на „Југослав“ – роман од Ана Вучковиќ
— 26 октомври, 2021Вечерва, во МКЦ, во салата Фросина, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на романот „Југослав“ од Ана Вучковиќ од Србија. Промотори на оваа книга ќе бидат, Лилјана Пандева и Сашо Огненовски, кој се потпишува како преведувач на оваа книга, додека модератор ќе биде Јулијана Величковска.
„Југослав“ е една елегична поема за заедничкото време што јунакињата го поминала со својот татко, со посебен акцент на времето поминато во убиената Југославија, ќе напише Срѓан Средиќ.
„Ана пишува за недостигот на работите за кои обично не мислиме дека толку ќе ни недостигаат. Може ли, воопшто, на човекот да му недостига нешто што не го ни имал? Може ли да ни недостигаат доживувања и чувства што допрва ќе ги доживееме и почувствуваме или, пак, оние што никогаш и нема да ги доживеееме? Секако дока може. Кога ќе изгубиме некого или нешто, како што вели таа, со него си одат и неговите манири, начините на кои нешто работел, неговиот мирис. И тогаш сме по малку љубоморни на сите луѓе на таа возраст што ја имаат среќата уште да се тука, вели Оливера Лазаревиќ.
„Овој роман е своевидна вивисекција на интимата внатре во општеството, кое своите правила ги поставило на многу едноставен начин, рапсодија на деструкцијата и несфатеноста, која никако да запре, и интерпретација на едно „друго тело“ што кореспондира со суровоста и отуѓеноста“, вели Сашо Огненовски.
Ана Вучковиќ (1984, Белград) дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за драматургија, а магистрирала на филмологија. Нејзината писателска кариера ја започнува на петнаесетгодишна возраст во 1999 г. кога за краткиот расказ „Нишалка“ ја добива наградата „Борслав Пекиќ“. Авторка е на романите: „Епохата пцовиса вчера“ (2003), „Ласт’н’даст“ (2004), „Сурфинг Србија“ (2021) и „Југослав“ (2019), како и на збирката раскази „Плишениот солитер“ (2007). Со својот прв роман и со романот „Југослав“ беше во потесен круг за НИН-овата награда, додека, со збирката раскази „Плишениот солитер“ беше во потесен круг за наградата „Исидора Секулиќ“. Таа е новинар во Радио Белград, пишува колумни за „Сити магазин“ и уредник е на повеќе емисии на Радио Апарат ‒ алтернативна радиостаница во Белград.
Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните протоколи за организирање настани во затворен простор.