Култура

Изложба во Чифте амам по повод 150 години од раѓањето на Ѓорѓи Зографски

Национална галерија ќе ја одбележи 150 годишнината од раѓањето на Ѓорѓи Зографски со изложба на негови дела , што ќе биде отворена на 03.ноември во 19 часот, во објектот Чифте амам. На изложбата ќе бидат претставени педесетина дела (икони и слики), од сите творечки фази на авторот. Истите се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес, семејството Зографски како и голем дел приватни сопственици.

Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност, во втората половина на 19. и почетокот на 20. век е Ѓорѓи Зографски. Тој е последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за прв пат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт, поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.

Во целокупната творечка активност на Ѓорги Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам, користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, а главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири. Посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки.

Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година е од пресудно значење за неговиот развоен пат, во животот и творештвото. Својата необразованост тој ја надоместил преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста. Особено при неговиот престој во Софија, каде што настанале коренити промени во неговото сликарство, под влијание на академски образованите сликари, за обработка на теми со профана содржина.

Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ ,таткото на Ѓорѓи, од 1895 година, е најрано забележана и датирана творба. А, еден од првите портрети што авторот го насликал во 1894 година е „Женскиот портрет“. Зографски насликал уште педесеттина портрети на свои блиски, како и на видни личности од Македонија и Србија. Освен портрети, творештвото на Ѓорѓи Зографски опфаќа и историски композиции, пејзажи и мртва природа.

Куратори на изложбата, што ќе трае до 26 ноември, се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.