Скулптурите на Петар Хаџи Бошков во Стоби треба да влијаат врз подигнување на свеста за заштитата на културното наследство
— 20 септември, 2021На археолошкиот локалитет „Стоби“, во саботата, беше отворена голема изложба на дела од реномираниот скулптор Петар Хаџи Бошков со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“. Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на авторот, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година.
Петар Хаџи Бошков e еден од најзначајните ликовни творци во втората половина на 20 век, човек со космополитски дух и отворен светоглед. Неговите дела, инспирирани од античката култура, го најдоа своето упориште во Стоби, во просторот пред театарот, потоа Полукружниот плоштад, Виа сакра, сцената на Античкиот театар и коридорот под гледалиштето, Храмот на Изида и Серапис, и на големиот неистражен простор, кој се протега до Градбата со Арки. Поставката на интересен начин овозможува заемно разоткривање и суштинска врска меѓу вредностите на модерната и антиката. Куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.
Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство. Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, се позајмени и директно од ателјето беа пренесени на локалитетот Стоби.
На отворањето на изложбата беше присутна и министерката за култура, Ирена Стефоска,која во нејзиното обраќање пред присутните рече:
„Присуствуваме на редок културен настан. На дијалог меѓу Стоби и Петар Хаџи Бошков. Се вкрстуваат цивилизации и епохи. Модерната е внесена во античкиот град. Сигурно имаат што да си кажат. Овој храбар уметнички предизвик, не е само атрактивно случување за афирмација на локалитетот или на модерната во македонската уметност. Овој проект е и рефлексија на современата ангажирана уметност, која е свртена кон актуелните општествени текови. Она што особено ме радува е што изложбата, на креативен начин, го реактуализира прашањето за местото на модерната денес. Скулптурите на Хаџи Бошков, кои се веќе културно наследство, ги бараат своите врски со античката уметност. Две и пол илјади години потоа, поставени вака во Античкиот театар, на Виа сакра, Храмот на Изида и Серапис, тие по подолг период, на свој начин ги реафирмираат вредностите што ги има модернизмот во земјава, а кои беа тргнати од нашето сеќавање, вредност на која постојано мора да се навраќаме. Со овој проект вниманието е свртено повторно кон уметник кој е доајен на модернизмот во нашата земја, автор и општествена фигура која преку своите дела и ангажмани остави траен белег во формирањето на денешната еманципирана, модерна македонска држава. Очекувам овие модернистички дела – кои зрачат со слобода, интегритет и индивидуалност, со европски дух, поставени на древниот локалитет – да влијаат врз подигнувањето на свеста за значењето на заштитата на културното наследство“, потенцираше Стефоска.
Иницијативата за реализација на овој проект е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото е да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна-програма „Стоби – жив град“.
Поставката на локалитетот „Стоби“ ќе биде отворена до 11 октомври.