Култура

Микрокосмосот на малиот човек

(За претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ по текст на Ханох Левин, во режија на Ана Батева, а во продукција на Театарот „Златен елец“ во Скопје)

 Кога гледате претстава на празна сцена понекогаш имате впечаток дека сцената е преполна со многу нешта, чиј колорит останува во вашата глава во вид на претпоставки, впечатоци и сеќавања. Питер Брук токму во својот „Празен простор“ вели: „Сценскиот простор има две правила: се може да се случи и нешто мора да се случи.“ Да, недвојбено е тоа дека актерот е единица мерка за просторот, но и за времето на сцената. Претставата „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ импонира токму со живоста на актерот на таа празна сцена. Театарот „Златен елец“ и оваа година ни донесе на сцена интересна претстава која има вариететски шмек, но и претстава која на многу чуден, по малку Брехтовски начин проговорува за малиот човек, за неговата мазохистичка погубност, но и за искреноста, невиноста и чувствителноста. Оваа претстава е работена по текстот на познатиот израелски автор Ханох Левин „Старицата од Калкута“, но нејзината специфика ни поткажува дека е тоа претстава на актерите и на режисерката Ана Батева. Дистанцата која режијата ја поставува уште на почетокот од претставата ни наметнува дека се работи за една многу интересна параболичност која плени, но и по малку интригира.

Соголената вариететност во оваа претстава е генералната траекторија низ која се движи режиската замисла на Ана Батева. Таа без костимската блескостност и колоритност гради претстава врз остатоците од материјалното богатство со длабока посветеност ан филозофијата токму на „малиот човек“. Иако тоа е индикативно во текстот, Батева успева од неговиот поттекст да направи една црно-бела варијанта која на мигови потсетува на Чаплиновите, но можеби повеќе на Бастер Китоновите слепстици. Така кониципирана, оваа претстава многу лесно се лизга по вниманието на гледачот, што би рекол дека е прилично мудро затоа што на таков начин дистанцата е поголема и суштинските проблеми стануваат повидливи. Сите несреќи на „малиот човек“ во оваа режија стануваат колективна биографија која низ циничните салви ја засилува својата порака повторно до малиот човек кој седи во публиката. Она што, всушност, најмногу плени во оваа режија е суптилното одделување од реалноста. Овде повторно ќе го цитирам Брук кој вели дека „Реалноста е збир со многу значења“. Таа патека е вистинската за оваа претстава која е полна со силни режиски и актерски варијации.

Да, празниот простор ги отвори можностите на актерите и актерките широко да го рашират својот талент. Би било многу неблагодарно да се издвои некој од нив, но од друга страна би било мошне продуктивно да се истакне нивната компактност и посветеност. Целиот актерски ангажман на шесте актери и актерки зрачеше со голема енергија. Имено, претставата расте заедно со компактните ликови и крокија кои тие ги толкуваа, а сите ликови беа со предзнак на една губитничка филозофија, но со специфика која дефинитивно жанровски го одредува ова театарско случување. Најинтересно во целиот актерски ангажман е тоа што актерите и актерките играат и доминантни и субмисивни ликови. Хуморните елементи се оние кои ги измамија и аплаузите од публиката. Надица Петрова, Бобан Алексоски, Димитрина Мицкоска, Григор Јовановски, Миа Кантарџиева и Давид Илиќ создадоа конгломерат од ликови кои, како што посочив погоре го одбележуваат „малиот човек“, неговите животни патеки, амбиси и недоречености. Суптилниот Брехтијанизам во нивната актерска игра е точка на „и“ во компактноста на ликовите кои се прелеваат еден во друг и се вмрежуваат низ таа вариететски акцентирана театарска одредница. Овие шест актери со својата егзактност во актерскиот израз, а и со својата актерска преданост покажаа дека актерот е алфа и омега во претставата и дека токму неговото присуство во најголема мерка го детерминира театарскиот чин. Самите актери говорат дека нивната претстава е еден вид на „панк-рок кабаре кои се борат против статус квото на апсурдните случувања околу нас. “ Јас би додал дека „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ е апурдистичко вариете кое ја разобличува човечката небрежност и го отсликува страдалничкиот „портрет“ на малиот човек, оној кој го има во голем број околу нас и на кого, за жал се мисли многу малку.

Музиката на Стефан Здавески е остра и динамична. Таа го подигнува расположението и го градира дејствието поставувајќи се како еден вид на аудитивна рамка во текот на претставата, додека дизајнот на Христо Христов импонира со својата суптилност и ненаметливост.

„Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“ е претстава која импонира со својата едноставност и храброст. Конципирана во цврсти режисерски рамки, таа се движи по тенките рабови на театарската парабола чии повремени излегувања од четвртиот ѕид значат екстензирање на нејзиниот значенски сегмент. Секако, овој среќен спој на одлична актерска игра, силна порака пренесена преку извонредната актерска игра е театарски продукт на независната сцена кој вреди да се погледне. Генерална е забелешката дека независната сцена во нашава земја многу сериозно се заканува да ја засени онаа, институционалната која се уште е во длабок сон.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии