Култура

Богатата програма ја постигна актуелноста и предизвика големо филмско доживување

Јубилејното 20. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ и оваа година, почнувајќи од минатата, поради пандемијата со Ковид 19, се одржа на отворено, што е еден одличен потег на организаторите на фестивалот со поместување на терминот на одржување во летен период,  (исклучок беа двата  врнежливи дена, кога проекциите се одржаа во „Милениум“, киното „Фросина“ и во Кинотека). Фестивалот, годинава, забележа поголема посетеност од лани, понуди уште побогата програма и содржини во неа, а изборот на најновите  европски филмови предизвика едно убаво филмско доживување, ја постигна актуелноста на моментот, особено што неколку филмови речиси истовремено се прикажуваа и во Скопје и во „Кан“. Имено, „Синедејс“ оваа година се отвори со истиот филм со кој беше отворен и фестивалот во Кан, американскиот мјузикл „Анет“, во режија на Леос Каракс и во главните улоги на Адам Драјвер и Мерион Котилард. Освен овој филм организаторите ги донесоа директно од Кан и „Меморија“ на Апичатпонг Версетакул, „Бенедета“ на Пол Верховен“, Грипот на Петров“ на Кирил Серебреников и „Три ката“ на Нани Морети, одлични филмови, сите од Гала програмата, а за да се видат вакви филмски остварувања од познати  режисери, но и одлични филмови на помалку познати режисери, филмските фестивали се речиси единствена можност за тоа.

На врвот на Водно се прикажа оскаровецот „Уште една тура“

И кога сме веќе кај големите режисерски имиња, на затворањето на „Синедејс“, беа прикажани два филма: најновата комедија на Вуди Ален, „Фестивалот на Рифкин“, лежерна комедија која за своја тема, покрај љубовниот триаголник го имаше филмот, а тоа го постигна така што во оваа комична приказна вметна цитати од големите филмски режисерски имиња, како што се Годар, Бергман, Буњуел и, тука е вториот филм на затворањето,  „Човечкиот глас“ на Педро Алмодовар, со Тилда Свинтон во главна улога, работен по истоимената монодрама на Жан Кокто. Во најобемната Гала програма со вкупно 16 филмови, се најдоа и оскаровците, „Земја на номади“ на Клое Жао и „Минари“ на Ли Ајсак Чанг, потоа „Кво вадис, Аида?“ на Јасмила Жбаниќ, кој беше номиниран за Оскар за интернационален филм. Во оваа група е и  „Драги другари“ на големиот Андреј Кончаловски, „Мејнстрим“, на Џиа Копола, нејзин најнов филм, премирно прикажан на Венецискиот фестивал, потоа, вториот филм на италијанската режисерка Ема Данте, „Сестрите Макалузо“, како и сјајниот режисерски обид на актерот Виго Мортенсен „Паѓање, тука е и филмот „Егзил“ на косовскиот режисер кој работи и живее во Германија, Висар Морина. Данскиот филм, „Уште една тура“ на Томас Винтерберг , награден со Оскар за најдобар интернационален филм, беше прикажан во програмата „Lux audience award“, на врвот на Водно, една од многуте локации на кои се одржуваше Фестивалот, а во истата програма се најдоа и филмовите „Телото Христово“ на Јан Комаса, како и документарниот филм „Колектив“ на романскиот режисер Александар Нанау и двата номинирани за Оскар.

Дел од локациите на кои се одржуваше годинешниот „Синедејс“

На 20. „Синедејс“ главната награда „Златна ѕвезда“, во официјална конкуренција, ја доби косовскиот филм „Улиште“ на Блерта Башоли, каде се најдоа пет филма. „Улиште“, како и повеќето косовски филмови, ја има темата од војната во Косово и последици од неа. Жена од Косово, чиј маж исчезнал во војната се бори за својот егзистенцијален опстанок. Наградата „Златно сонце“ прикажан во Си програмата ја доби турскиот филм „Мир и хармонија“ („It,s all obout peace and harmony“ на режисерот Несими Јетик, моќен женски филм, во којшто трите женски актерки одлично ги пренесуваат трите човекови придобивки: љубов, омраза и конфликт.  За наградите одлучуваше тричлено жири во состав:  Зејнеп Атакан, турска продуцентка и Маризела Розети покрај главната одговорна и за наградата Luz award и Славко Собин, хрватски актер, кој преку видео порака, на одличен англиски, ги соопшти наградените филмови, кој рече дека имале многу тешка задача бидејќи сите филмови биле многу добри.

„Синедејс“ го отвори мјузиклот „Анет“ на Леос Каракс во Градскиот парк

Покрај „Улиште“ во официјалната конкуренција, чија селекција ја направи Бернд Будер,  беа прикажани и филмовите: „Ане ја нема“, („Ann is missing“), филм на младиот 34 годишен шпански режисер, Давид Перез Сануд, премиерно прикажан во септември 2020 година, со веќе освоени повеќе награди, „Збогум СССР“ сценарио и режија на финскиот режисер Лаури Рандиа, роден во Естонија, е филм кој иако покажува дека минатото е трагично, може да се направи и да се смеете на тоа. „Спирала“ е унгарски филм во режија на Сесилија Фелмери, премиерно прикажан во октомври 2020 година, закитен со три награди од три фестивали и „Корзиканско лето“ во режија на Паскал Тагнар, француска и корзиканска продукција, премиерно прикажан во февруари оваа година, засега со освоена една награда од учество на два фестивали. Во Си програмата покрај „Мир и хармонија“ беа прикажани, „Во сенките“, турски филм во режија на Ердем Тепегоз, со освоено повеќе награди на фестивали,  потоа „Човекот со одговорите“ во режија на Стелиос Камитсис и бугарскиот „Збогум Џони“ во режија на Константин Буров.

Проекција на македонски филмови на брегот на езерото во Градскиот парк

На последниот филмски ден покрај езерото во градскиот парк беа прикажани 13 кратки филмови од програмата МК кратки филмови, вкупно 11 од македонска продукција, еден од Велика Британија, „Ослободи се од грижите“ на Луис Џалили, и „Валцер за 1 Мај“ од Хрватска, во режија на Македонецот Зоран Стојковски кој живее и работи во Хрватска.  Видовме многу интересен избор на филмови од 11 македонски претежно млади автори: „Афтер“, Сегеј Сарчевски, „Новиот почеток“, Тања Симоновска, „Блузот на фармерот“, Ибер Деари, „Глуводол“, Бруно Вељановски, „Паразит“, Марина Аврамовиќ, „Експертот“, Владислав Гавриловиќ, „Влакна“  Милена Витман, „Ритамот на Падот“, Ѓорѓи Митревски, „Карантин“, Иван Андреевски и „Paw law“, Тамара Котевска.

„Бенедета“ на Пол Верховен“ дојде директно од Кан на „Синедејс“

И годинава „Синедејс“ донесе гости од регионот и пошироко, дел од нив физички присутни, а дел од нив одржаа предавања он лајн. Осбено голем интерес предизвика големиот унгарски режисер и воопшто еден од највлијателните режисери во изминативе 30 години,  Бела Тар, кој одржа мастер класа на фестивалот, а беа прикажани неговите најзначајни филмови: „Хармониите на Веркмајстер“ по сценарио на познатиот унгарски писател Ласло Красанхоркаи. Бела Тар скоро сите свои филмови ги режирал по сценарија на Краснахоркаи, од кои еден од најголемите е неговата филмска епопеја од цели седум часа „Сатантанго“ работена по неговиот истоимен роман. Неговите последни филмови „Човекот од Лондон“ работен по истоимениот роман на Жорж Сименон и „Турински коњ“ повторно по сценарио на Краснахоркаи се филмови кои беа едни од најзабележителните на Берлинскиот и Канскиот фестивал во 2007 и 2010 година. Бела Тар е особено важен заради правецот на т.н. социјален филм, неговите филмови прикажуваат обични животи во нивните достоинствени борби.  

Мјузиклот „Анет“, во режија на Леос Каракс гоотвори „Синедејс“

„Синедејс“ е еден од најголемите и најдобри фестивали во нашата земја кој според програмата и квалитетот што го нуди, особено оваа година, ја оправдува акредитацијата што ја има во меѓународната асоцијација FIAPF. Годинава повеќе од 40 филмови беа селектирани во следниве селекции; официјална селекција, гала програма, селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм, МК кратки филмови, БАФТА 2020, SEE програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – cinEmusic, која донесе неколку звучни имиња, меѓу кои швајцарската група L’éclair, која настапи на затворањето на фестивалот. Во придружната програма, предавање на тема „Музиката во македонскиот игран филм“ одржа проф. д-р Александар Трајковски и се одржа „Living music project“ со Дариа Андовска. Локациите беа раштркани низ градот, почнувајќи покрај Вардар, МКЦ, Градскиот парк, со две локации од кои едната поктај езерото во стариот дел, паркот Ибни Пајко, Кале, врвот на Водно, киното Милениум, Кинотека, Фросина.

„Кво вадис, Аида?“ на Јасмила Жбаниќ, беше номиниран за Оскар за интернационален филм

Слични статии