Култура

„Дневна доза мазохизам“ нова претстава на Пресврт

Во Младинскиот културен центар – МКЦ, утре (24 јуни) со почеток во 18 часот, (Сала 25 Мај) ќе биде одиграна премиерната изведба на претставата „Дневна доза мазохизам“ по текст на младата хрватска авторка Дина Вукелиќ, а во режија на Лука Кортина. Претставата е во продукција на театарската група Пресврт, која делува во доменот на вонинституционалната театарска продукција. 

Ликовите во претставата ги толкуваат младите Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Марјан Наумов, Јанка Лефкова и Ава Хусеини, како и веќе докажаните и фантастични Амернис Нокшиќи, Димитрија Доксевски и Ѓорѓи Јолевски. Сценографијата на претставата е на Мартин Манев, костимографијата на Ирина Тошева, додека пак кореографијата на Наталија Теодосиева. Продуцент на претставата е Петар Антевски.

 Во соработка со организацијата „Ла Култура Нуова“ од Прато, Италија, режисерот Лука Кортина за претставата вели: „Театарот е интимно поврзан со суштината на бидување човек на оваа планета. Постоењето и враќањето на театарот е еднакво со постоењето и живеењето на човековиот род. Претставата за која имавме среќа и се изборивме да ја направиме е во суштина приказна за нас, луѓето, кои се прашуваме дали сакаме или не сакаме да живееме. Одговорот на животот треба да биде љубовта“.

Истражувајќи ја опсесијата како генетски код врз кој се создаваат односите меѓу луѓето и опседнатоста како пракса што се артикулира во секојдневието, новиот театарски проект на Пресврт, „Дневна доза мазохизам“ го разложува човековиот емотивен распад преку конфликтот што се наоѓа во обичните ситуации. Заслепени од виртуелниот идеал, луѓето често се наоѓаат на крстопатот помеѓу тоа што е и тоа што посакуваат да биде, како што му се случува и на Тома, чие несовпаѓање со светот длабоко се истакнува преку неговата привлечност кон младата „инфлуенсерка“ Софија, која пак се бори со сопствениот наметнат калап на своите обожаватели.

 Драмата на Вукелиќ „Дневна доза мазохизмот“ за прв пат ќе биде поставена не само во Р. С. Македонија, туку на 24 јуни ја доживува и својата светска премиера. Праизведбата на овој драмски текст во нашата земја означува сериозен чекор во развојот на соработката помеѓу младите театарски работници од регионот и Европа. „Праизведбата на мојот текст „Дневна доза мазохизам“ во МКЦ е од големо значење за мене како автор, а верувам и за Пресврт, кој со овој проект отвора интресен простор на независната сцена и ги поврзува уметниците на интелектуално ниво, истражувајќи нови изрази и естетики. Се надевам дека оваа пракса ќе продолжи и во иднина. Од перспектива на хрватска авторка сметам дека ни се потребни не само праизведби на современи текстови, туку и соработка со уметници од овие простори со кои делиме доволно сличности за да се испреплетат темите што нè засегаат, а и доволно различни за да учиме едни од други“- вели Дина Вукелиќ.

 По премиерата на 24 јуни, првата реприза на претставата „Дневна доза мазохизам“ е закажана на 25 јуни со почеток во 20 часот. Билетите се достапни на билетарницата во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk.

 Продукцијата на претставата „Дневна доза мазохизам“ е финансиски поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија, како и поддршката од Италијанската амбасада во Скопје, компанијата Нетсетера и пријателите од Добар бар.

 

 

Автор:

Слични статии