Промоција на „На ракавот на градот“ во МКЦ
— 19 мај, 2021Вечерва, со почеток од 20 часот, на платото во Младинскиот културен центар, ќе се одржи промоција на првата стихозбирка „На ракавот на градот“ од Ивана Јовановска, во издание на ПНВ Публикации. Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани на отворен простор.
Во поговорот на оваа стихозбирка, проф. д-р Владимир Мартиновски меѓу другото вели: „Поезијата на Ивана Јовановска со својата свежина, едноставност и непосредност, со секој нов стих, со секоја нова поетска слика, со секое ново пеење нè потсетува на потребата да се зачува, да се обнови, да се втемели разнишаното достоинство на современиот Човек. (…) Меѓу редовите на песните на Ивана Јовановска како дискретно да се открива една од тајните на добрата поезија – не само да ја поттикнува здравата надеж во нас, туку и да нè потсетува „да љубиме, / поинаку, / повеќе“.
Писателката Калина Малеска, пак, ќе рече: „Јовановска изнаоѓа свој автентичен израз, со кој ги контролира силните емоции преку нивно метафорично и смирено прикажување, а чувството за ритам е видливо преку мали трансофрмации во синтаксичкиот редослед, коишто не го нарушуваат природниот говор, а сепак имаат поетски призвук.
За стихозбирката се огласи и Мања Величковска, која ќе додаде: „Зад привлечната димензија на поетско кокетирање со хронотопијата на Градот и симпатичната дебитантска смелост, во време кога сите заминуваат некаде, стиховите на Јовановска зборуваат за мошне сериозната одлука да се остане таму каде што сме“.
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Учествувала на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјален центар „Дуња“ и др. Нејзините песни се објавени во: списанието за литература „Современост“, порталот за книжевност и култура „Окно“, електронското списание „Репер“, платформата за поезија и книжевност „Фуснота“, интернет платформата „100 Илјади поети за промена“, порталот за феминистичка култура „Медуза“ и на е-списанието на студентите на Филолошкиот факултет „In Medias Res“. Аматерски се занимава и со уметничка фотографија.