Неверата и хипокризијата
— 26 мај, 2021(Кон претставата „Морска шир“ од Бранислав Нушиќ во продукција на Југословенскиот Драмски Театар од Белград. Режија: Егон Савин. Главни улоги: Ненад Јездиќ, Слобода Миќаловиќ, Љубомир Бандовиќ, Бојан Лазаров, Бојан Димитриевиќ)
Бранислав Нушиќ на овие простори е најпознат по своите бесмртни комедии. Српските театри особено се навраќаат на нив со разни видувања и преоткривања на скриените значења во неговите парадигматични ликови и сцени. Овој голем комедиограф е многу помалку познат и по своите драми кои, секако ги имал многу помалку, а во кои, и те како бил исто така умешен во дијалозите и ликовите како што бил умешен и во комедиграфските дела. Меѓу најпознатите негови драми е и драмата „Морска шир“ која се појавила со појавувањето на дваесеттиот век, поточно во 1901 година. Имено, оваа пиеса се занимава со семејна драма на добростоечко Белградско семејство која под ударот од минатото потиснат љубовен триаголник, доживува голема трагедија. Имено, семејството на Владимир Недељковиќ кое живее во голема материјална благодет може да се пофали со една идила која, со текот на дејствието ќе се види дека е на стаклени нозе. Турбуленциите во семејството започнуваат со општестевните испреплетувања на настани кои инволвираат и други членови на поширокото семејство, а под чии притисоци се отвораат црните духови од минатото. За да биде ситуацијата полоша, Нушиќ на оваа драматургија и додава и тековна семејна трагедија која тлее и која на крајот силно ќе ги погоди сите, а тоа е болеста на малата ќеркичка на Владимир Недељковиќ, Олгица. Режискиот концепт на Егон Савин ја следи и приказната и реалистичната траекторија на овој многу интересен драмски текст на Нушиќ. Дотолку повеќе што тој ги истакнува и комичните пасажи, потенцирајќи типизирани ликови многу слични на ликовите во другите комедии на Нушиќ, како што е ликот на Станковиќ, кој и по драматургијата многу наликува на Перо Писарот од „Госпоѓа Министерка“, како и ликовите на двете дами Живковиќ и Николиќ, кои совршено наликуваат на женските ликови од семејството на Живка во истата комедија. Савин, како режисер, интервенира најмногу драматуршки. Имено, тој режисер со право препознава дека целото дејствие натежнува кон љубовниот триаголник и кон општствената хипокризија и ја ублажува семејната трагедија на крајот од пиесата, претворајќи ја во едно френетично трагање по малото девојче кое едноставно исчезнува од куќата во која сите се опседнати од своите интриги и себедокажувања, немајќи никаков обзир за нејзиното присуство. Неговото режиско видување е најмногу концентрирано на аналитиката на ликовите и компактноста на дејствието кое гради еден многу интересен пресек на френетичноста на општествените и социјални тектоники кои на многу наврати доста наликуваат на денешните превирања.
Оваа претстава изобилува со извонредни актерски креации. Ненад Јездиќ одигрува мошне интересен лик на добростоечки функционер кој ита кон се поголемо напредување во челните позиции на министерството каде што работи, не ни сфаќајќи дека еден ден духовите од минатото ќе му отворат провалија и ќе го наместат на нејзиниот раб. Овој исклучително талентиран актер овој лик го гради со низа детали и емотивни амплитуди кои фасцинираат. Јездиќ и во својот говор и во својот емотивен набој развива фантастичен лик на богат човек со кого судбината решила да се пои гра на многу ригиден начин. Слобода Миќаловиќ својата Јованка ја одигрува многу емотивно, но напати доста здржано посебно во сцените со семејството и сцените каде што се обидува да делува рационално. Оваа прекрасна актерка формира лик на жена која грчевито се бори со тоа премолчената тајна од минатото да не и го уништи семејството и тој комплексен лик таа како да го исфрла од себеси со една многу продуктивна енергија која станува и енергија на целата претстава. Како пан дан на овие два лика е ликот на Јован Недељковиќ, братот на Владимир кој мошне лежерно го толкува Љубомир Бандовиќ, актер кому без остаток му лежи овој лик со оглед на тоа што овој лик е дел од онаа комична галерија на ликови типични за Нушиќевиот комедиографски сенс. Савин низ овој лик, а и низ сите други комични ликови ја отвора онаа друга врата на социјалната хипокризија, а тоа е сатиричната дистанца. Јован е типичен примерок на малограѓанското милје кое како сенка се надвива над семејството на главниот лик и овој актер со неговата исклучителна смисла за хумор многу успешно гради комплексен тип на материјалист полн со цинизам и деструктивност. Еден од најинтересните ликови во оваа претстава е ликот на Станковиќ, паразит кој шурува низ градските луќи ширејќи озборување и скандали. Бојан Димитриевиќ овој пластичен лик кој на некој наин е и најкомичен во целата претстава го одигрува со голема говорна и физичка елоквентност. Неговиот Станковиќ иако драматуршки наликува на Перо писарот од „Госпоѓа Министерка“ како што споменавме погоре, сепак во оваа претстава со себе ја носи специфичноста на наместена горделивост и доследност на човек кој се „грижи“ за социјалните текови на градкиот живот, па на накој начин допринесува и на ова семејство. Одлична епизода на актер кој својата комика знае одлично да ја дозира и да создаде многу интересен и специфичен комичен лик.
Претставата „Морска шир“ е визуелно одлично конципирана. Иако крајно реалистично, сценографијата која ја потпишува самиот режисер со себе носи една ововременска сигнификантност и едноставност која заедно со костимографијата на Лана Цвијановиќ делува многу современо и колоритно.
„Морска шир“ е претстава за разорноста на општествената и социјална хипокризија. Воведувајќи го ликот на Министерот кој го нема во интегралниот текст на Нушиќ, Егон Савин на некој начин наметнува една ововременска сличност со функционер чии дамки од минатото стануваат колатерална штета не само за семејната хармонија, туку и за една општествена децентност, конечно за една чиста морална слика на едно општество. Фаталното писмо од министерот во текстот на Нушиќ, Савин го претвора во длабоко емотивна сцена на која е присутен и главнот лик што зборува за уште еден слој на социјална первертност длабоко присутна во денешните општствени превирања.
Како и комедиите, така и драмите и трагедиите на Нушиќ се голем предизвик за театарските режисери. „Морска шир“ е претстава чија актуелност и порака и тоа како допира до гледачите оставајќи голем впечаток и отворајќи значајни прашања од општествен и интимен карактер.
Фотографии на Никола Бабиќ
Рецензија на Сашо Огненовски