Кафезот и логосот
— 14 мај, 2021(Кон претставата „Каспар“ од Петер Хандке во продукција на Југословенскиот Драмски Театар. Режија: Милош Лолиќ. Гл. улоги: Миодраг Драгиќевиќ, Никола Ракочевиќ, Ангелика Симиќ, Сања Марковиќ, Петар Бенчина, Милош Самолов)
„Вие сте насочени кон вас. Вие сте цел на нашите зборови. Вие служите како цели. Тоа е метафора. Вие служите како цел на нашите метафори. Вие служите како метафори“, вели Петер Хандке во својата пиеса „Пцуење на публиката“ (Навредување на публиката), која е дел од таа негова славна тетралогија од шеесеттите години која ја разбива конвенционалната драматургија, а во која припаѓа и пиесата „Каспар“. Тие т.н. „зборовни“ пиеси чија логографија импресионира со својата импактност и репетитивност, потсетува на едно дадистичко реконцептуализирање на драмската литература. Од друга страна, Хандке во оваа пиеса се занимава со есенцијален проблем, а тоа е отуѓеноста која тој ја позајмува веќе отелотворена низ ликот на Каспар Хаузер, младо момче од деветнаесеттиот век кое пораснало во голема изолација и кое влегува во општествениот реалитет како tabula rasa. Она што е најважно и во другите интерпретации на овој лик (Фолкер Шлендорф) е тоа дека со восприемањето на логосот и можноста да го „разбере“ општетсвениот и социјален контекст во кој е безмилосно фрлен, Каспар Хаузер без остаток станува негова жртва и тоа на своја 22–годишна возраст. Хандке низ оваа „зборовна“ пиеса која би ја нарекол драматуршки „раскршена“ монодрама низ овој лик прави студија на деструктивниот нагон на разиграниот homo ludens на дваесеттиот век. Цитатот на почетокот не наведува на тоа дека во оној момент кога нашите реплики кои минуваат низ нас во една секојдневна, социјална реторичка дигестија, на крајот од денот се претвораат во метафори, т.е. самите ги побаруваат своите споредбени точки. Каспар на Хандке ги собира тие лингвални трошки и гради пиеса со иманентно интензивна драмска тензија која извира и повторно заоѓа назад во зборот. Пиесата од 65 сцени самиот Хандке ја нарекува „зборовно измачување“ во кое Каспар е систематски уништуван од други „Каспари“ се додека не исчезне во тишината од каде што и дошол.
Режијата на Милош Лолиќ нуди една поинаква констелација, една дијаметрално различна инсценација на овој текст. Неговиот Каспар е веќе затворен во својот логос (научен, но недонаучен), но неговиот вистински кафез е неговиот сопствен свет. Каспар Хаузер и оној Каспар на Хандке никогаш не го нашле својот свет. Тие се жртви на оној свет во кој западнале. Режијата на Милош Лолиќ ни говори за два света, за еден очигледно затворен свет, но чист и интактен, и за еден кој живее под правилата на лажната слобода. Сместен во една крајно дистописка средина, фрлен во кафез кој со својата проѕирност е крајно индикативен, овој Каспар, всушност нема други Каспари. Милош Лолиќ во овој концепт говори со јазикот на одамна посакуваната „чиста“ цивилизација во која Каспар е жртва на онаа „претходната“ која својот човек го отрула со својот конзумеризам. Сите оние кои процесуално работат на тоа да го преформулираат, да го преорганизираат или можеби да го прересетираат денешниот/идниот Каспар се преживеани/имуни примероци на свет од кој се исцедени емоциите и духовноста. Каспар на Милош Лолиќ подава рака кон историјата и обидувајќи се да ја врати натуралистичката констелација на светот за кого на почетокот на претставата не може да се искаже, го проблематизира кафезот и откажувајќи се од него го подарува на оние, кои грижејќи се за него станале гола, историска фактографија. Дотолку повеќе, концепцијата на Милош Лолиќ е храбра затоа што овој млад и талентиран режисер низ овој режисерски студиум успеа да докаже дека Каспар не е мртов, дека онаа теза на Хандке дека во текстот ќе биде „објаснета СМИСЛАТА или БЕСМИСЛЕНОСТА на реченото“ се претворила во гола прагматика во која главната цивилизациска дисторзија е во градителите на социјалното опкружување и дека се она што ќе се рече, всушност е начин на владеење. Затоа и добар дел од текстот во оваа претстава се слуша на принципот на „Големиот брат“, а оние кои не кореспондираат со говорење, објаснување и конфронтирање се сите оние кои дефинитивно ја следат прашината на никому потребната фактографија.
Најголемиот дел од оваа претстава е ликот на Каспар кој маестрално го одигрува младиот актер Миодраг Драгиќевиќ. Студиозно и прецизно до секунда, а и до милиметар, овој актер широко го распостила својот талент и толкува неверојатно тежок драмски карактер чиј дијапазон е огромен. Миодраг Драгиќевиќ на овој Каспар му дава еден бестијален тон кој е дијаметрално различен од субмисивноста на оној кој го напишал самиот Хандке. Каспар на Драгиќевиќ еманира страотна енергија и кога не говори ништо, а неговиот поглед и паузи се застрашувачки. Секое негово излегување надвор од стаклениот кафез е прекршување на овој лик кој обмамува со својата издиференцираност и во вокална и во физичка смисла. Но, и во емотивна. Каспар во актерската имагинација и игра на овој талентиран актер има длабоки емотивни гами кои ги отвора многу мудро, дел по дел, парче по парче, се додека не се отвори целото негово страдање во последните монолози. Високите вокални амплитуди одлично проследени со сјајно организираните физички дејствија го прават Каспар на Миодраг Драгиќевиќ антологиски одигран лик кој ќе остави неизбришлива трага не само во свеста на театарската публика, туку и во аналите на српскиот театар.
Во оваа режија на Милош Лолиќ, Каспар не е one man show. Уште пет други актери и актерки креираат извонредни минијатури чии дејствија и ликови од тој дистописки свет совршено кореспондираат со животната приказна на Каспар, ликови кои се комични, напати тажни и насилни, но и сентиментални и нежни. Сите овие ликови не изговоруваат скоро ниедна реплика, но нивните конвулзии и тишини, крајно сигнификантните ситуации кои ги склопуваат градат еден поинаков свет од оној на Каспар, свет на лажна наклоност, свет на една глобална редундантност од која Каспар излегува како еден нов Адам, еден нов homo erectus кој успева да ги вовлече сите тие ликови каде што им е местото – во историјата. Ликовите на Никола Ракочевиќ, Анѓелика Симиќ, Сара Марковиќ, Петар Бенчина и Милош Самолов на сцената егзистираат како еден организам и нивната органичност која се состои од многу тага, радост, смеа и тишини е исклучително важна за механизмот на целата претстава. Секако, за органиката на оваа претстава во добар дел е заслужен и драматургот Периша Перишиќ кој и онака дисперзираната „драматургија“ на Петер Хандке ја преинсталира во едно дистописко милје и направи од тој драмски анрхоиден „реалитет“ едно ново видување на херојот на цивлизациската изгубеност.
Белината на геометриски точно организраната сценографија на Јасмина Холбус е визуелното окружје кое импресионира. Тој чуден ентериер кој на прв поглед потсетува на некаква психијатриска болница од формат на романите на Стивен Кинг, подоцна го добива контекстот на хабитат од некое чудно, нехумано време. Во слични бои (бела, светлосина) ориентираните костими на Марија Марковиќ Милоев се придружуваат многу децидно и артистично на оваа сценографија, а музиката на Невена Глушица која наликува на класична говори за една Кјубриковска атмосфера со уште еден асоцијативен слој на ова многу оригинално видување на „Каспар“ на Петер Хандке.
Пораката која ја испраќа оваа претстава е дека грешниот 21 век крие многу Каспари меѓу нас. Игнорантноста е духовна болест која се шири најмногу низ енормниот наплив на информации и сулудиот конзумеризам чиј галиматијас е застрашувачки, а рациото преживува со натчовечки напори. Не случајно Хандке го одбрал логосот како најзатсрашувачки вирус и најзаклучен кафез за чивечкиот дух. „Каспар“ е пророчка пиеса чија поетика на деструкцијата Милош Лолиќ одлично ја детектирал и направил многу возбудлив театарски чин.
Фотографии на Небојша Бабиќ
Рецензија на Сашо Огненовски