Култура

Што и должиме на репресијата?

(Кон претставата „Младост без бог“,режија: Томас Остермаер, гл.улоги: Јерг Хартман, Лоренц Лауферберг, Алина Штиглер, Мориц Готвалд, Бернардо Ариас Порас)

 Еден фон Хорват во една од своите рани пиеси, „Кон прекрасниот поглед“ во една реплика ќе рече: „Јас сум толку различен. Но, имам се поретко време тоа да го покажам.“ Авторот со многу татковини со хрватско потекло и унгарско привремено живеалиште, автор чиј литерарен јазик е германскиот, симптоматично се смета за австриски автор. Во својот краток животен век напишал огромен број на политички обоени пиеси воглавно сатирични и неколкку романи од кои „Младоста без бог“ е оној кој ја крие политичката амбивалентност и не само неговата, туку и онаа синдромската која во грешниов дваесет и први век се крие зад кулисите на демократијата. „Различноста“ на Хорват после гледањето на претставата на Томас Остермаер работена по овој роман ја преформулирав во „амбивалентност“ најмногу заради конфронтираноста на индивидуалноста кон општоста. Ќе каже Хорват и за тоа во уште еден негов цитат кој вели дека: „Никогаш не разбрав зошто љубовта кон човештвото воопшто треба толку често да биде придружена со длабока непочит кон индивидуата.“ Остермаер во оваа претстава не се занимава со априорниот импакт на национал-социјализмот и репресивноста на таа идеологија, туку неговата режија е насочена кон симптиматиката на таа идеологија која е одамна апсолвирана од сите аспекти. Но, не и од тој симптоматскиот контекст. Учителот уште со првата реплика со која почнува претставата која гласи : „Што му должиме на Хитлер?“ испружува една дистанца која главниот проблем на овој секогаш дискутабилен роман на Хорват се дислоцира од самото сиже во неговото круцијално окружје некаде далеку, надвор од урбаниот хаос, во природата. Далечна, но многу асоцијативна просторна детерминираност. Целата претстава на Остермаер се одвива во таа шума каде што се тргнало на пикник и каде што се случило убиството, но и каде што се развила љубовта на двајца млади, но и каде што, всушност се проблематизирала таа субординарност на слепата посветеност на постоечката идеологија колку и да била таа репресивна, колку и да се претворила во застрашувачка. Да, Хорват како што тврди самиот бил различен од неколку аспекти: неговата животна прагматика  во периодот кога животот бил посилен од него, па морал да се предава на некаков ситен конформизам во таа преднацистичка Германија,  неговата лингвална поставеност која до некаде и подразбирала национална диференцијација и конечно жанровското варирање во неговите дела кое на некој начин ја отворало таа негова креативна дистанца.

„Младост без бог“ како и сите други претстави на Остермаер излегуваат од конвенционалната драматургија, но тој во оваа режија намерно ја пресекува истата на ниво на приказна за аспектот на идеолошката конвертираност да го компарира со денешните политички вриежи во оваа, современа Европска издиференцираност. Тој и споменува во едно свое интервју дека „Младост без Бог“ не е претстава за репресијата на нацистичката идологија, туку е претстава за застражувачката можност сето тоа да се врати низ дисбалансот на мултинационалноста никогаш до крај несфатената „диверзификација“. Затоа целото дејствие во оваа претстава се случува надвор од урбаниот „пејзаж“, во едно окружје кое подразбира бескрај и неизвесност. Низ неа се провлекува една многу интересна интерферираност на страста и опсесивноста со сексот во политичкото и идеолошко милје во кое се наоѓа. Сексизмот и садизмот на Третиот Рајх бил една од темите на Хорват кој многу добро знаел да го опише тој вид на еротизам. Хорват во еден момент во неговите „Приказни од Виенската шума“ како реплика на ликот Оскар ќе и каже на девојката Маријана: „Ти нема да ја окупираш мојата љубов!“ Во таа, скоро реминисцентна околност многу брзо се гради кулата на репресивноста од каде самиот учител се одлучува да побегне барем со копнеж и тоа во Африка. Остермаер во оваа претстава говори за една чудесна иреверзибилност проговорувајќи за интенциите на Африканските жители да заминат во Европа како место каде што би можеле да го најдат својот спас од сиромаштијата во која се наоѓаат. И ден денес, после повеќе од осумдесеет години од овој роман. Но, сепак, главната оска на целиот негов режиски концепт е околу несреќната аргументација при идеолошките концепти кои денес, во дваесет и првиот век бледнеат под напливот на клиентелизмот и корупцијата. Зошто ја споменувам иреверзибилноста? Затоа што самиот Хорват велел дека ако говорел против тогашното политичко устројство ќе останел без работа и без храна. „Младост без бог“ не ги открива денешните политички дисторзии во Европа, туку и романот и претставата говорат за автократската интерпретација на демократските вредности која води до себеистреабување и рушење на човечкиот дух.

Јерг Хартман оцртува многу комплексен лик на Наставник кој се наоѓа во крајно неблагодарна ситуација сакајќи да ја искристализира својата идеолошка позиционираност, но околностите му отвораат пекол од чии пламени скоро да не може да се спаси. Овој актер многу умешно одигрува лик кој повремено излегува од своето актерско живеалиште и се впушта во комантари и проблематизирања. Овие валери прават одлично одигран лик со силни емотивни пасажи, актерска партија за паметење. Лоренц Лауферберг го игра З, момчето кое започнува љубовна врска со Ева, но Остермаер низ овој кастинг, како и низ другите (освен кај ликот на наставникот) ја отелотворува таа идеолошка амбивалентност. Имено, Лауферберг игра и други ликови кои се крајно контрастни со ликот на З како то е Полицаецот што му овозможува на овој актер да покаже палета од различни типови, но во концептуална смисла и да одигра една естетка контрастност. Во истиот тој комплекс ликови се вклучува и младата актерка Алина Штиглер која покрај вљубената Ева ја игра и Директорката, една огромна спортивност. Двајцата млади актери со огромна енергија и вокална доследност одигруваат цела една социјална мапа од која повремено како и главниот лик излегуваат заедно со снимените делници да го антиципираат галиматијасот на она што значи идеолошка припадност, но и репресивност.

Во визуелна смисла најинтересна е сценогафијата на Јан Папелбаум, која, како што споменавме и погоре претставува шума пред чии дрвја се случува целото дејствие. Мракот зад тие дрвја е она место каде што сите ликови, за жал, треба да се вратат после тој кобен пикник. Јан Папелбаум со оваа сјајна сценографија на шума низ чии дрвја пробива ледена магла потсетува на застрашувачките амбиенти од делата на Стивен Кинг и тој визуелен акцент е еден од главните водилки на режискиот концепт. Сивиот амбиент кој го доловува оваа сцениграфија го разбиваат повремените колоритни костими на Ангелика Гец, но тие се само контраст од нејзиното генерално сино-зелено униформирање на скоро сите ликови освен на Наставникот. Генерално, костимите и сценографијата на „Младост без бог“ го отсликуваат тој идеолошки амбис во кој полека тонат енергиите на посветеноста на младите ученици.

„Младост без бог“ не е претстава за репресијата, но таа сепак говори за репресијата. Остермаер на многу наврати, најмногу во пасажите кои излегуваат од контекстот на Хорват проговорува за ововременската репресија која се крие најмногу зад фрагилните демократии, но и за репресијата која е априорна, многу лесно препознатлива во земјите со „цврст“ демократски концепт. Ова е претстава за алармантноста на лажната демократска практика, за погубноста од бледилото на идеологијата, но и претстава за младиот човек кој низ козјите патеки на политичката реалност минува многу тешко без изгледи за спас и успех.

Рецензија на Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии