Култура

Наместо лани, Егзит ќе го слави 20. роденден оваа година

Градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, потврди дека оваа година ќе биде можно да се одржи фестивалот Егзит, што, според организаторите, би било симбол на победата над пандемијата. Фестивалот лани не беше во можност да ја одбележи 20-годишнината поради кризата со коронавирусот, но успешната имунизација во Србија им оди во прилог на организаторите, кои веруваат дека тој ќе се одржи според планот од 8 до 11 јули.

Егзит е музички фестивал кој се одржува еднаш годишно на Петроварадинска тврдина во Нови Сад, почнувајќи од 2000 година, и обично трае четири дена. Важи за еден од најголемите музички фестивали во југоисточна Европа.  Покрај титулата „најдобар европски фестивал“ освоена на Европските фестивалски награди во Холандија, 2014 година со 620.000 гласови од целиот свет, Егзит во 2007 година е прогласен за најдобар европски фестивал и на Британските фестивалски награди. Фестивалот добивал признанија и за него било пишувано од медијските магнати како Си-ен-ен, Би-би-си, Тајм, Гардијан, Сан, Дејли мејл, Индепендент. Околу три милиони луѓе од над 60 држави во светот го посетиле фестивалот кој бил домаќин на најголемите музички ѕвезди на денешницата како и многубројни домашни и регионални ѕвезди.

„Изјавата на градоначалникот Вучевиќ дека Егзит ќе може да се одржи ова лето одекна како сензација во светските музички кругови. Тоа претставува клучна потврда дека големата прослава на 20 години Егзит ќе се одржи на Петроварадинската тврдина од 8 до 11 јули“, соопштија организаторите.

Вучевиќ кажа дека влез ќе биде дозволен за сите кои се вакцинирале или го прележале ковид-19.

„На останатите посетители од земјата и странство ќе им се обезбеди брз антигенски тест во посебна зона во близина на фестивалот“, додадоа организаторите. Годинашната листа учесници се состои главно од врвни имиња од електронската сцена.

Автор:

Слични статии