Култура

Отворена изложбата „Flux Identity“ во Чифте амам

Во објектот Чифте Амам, завчера, Националната галерија официјално ја започна програмата за тековната година со меѓународниот проект со наслов „Flux Identity“. Овој проект веќе е реализиран во Србија, во моментов се претставува пред македонската публика, а наредната дестинација е Црна Гора. Изложбата ја прикажува современата уметничка сцена на Канада во дијалог со македонските уметници, организирана од Националната галерија во соработка со Канадската Амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија.

 Авторот на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ од Нови Сад, стручна соработка на овој проект е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска. Светлана Младенов, на отварањето, говореше за идентитетот разбран во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, зашто денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен туку постојано е во процес на промена и трансформација. 

Изложбата ја прикажува сцената на современата уметност во Канада, преку делата на девет канадски уметници од Квебек Сити, Монтреал, Торонто, Отава и Ванкувер: Два Гуливер (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ , Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ. Во Скопје, со уметници од Канада, на истата тема, ќе се организира ликовниот дијалог заедно со избраните уметници од земјава: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.

Олгица Маринковиќ, која е одговорно лице за односи со јавност на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, на отворањето изрази голема благодарност до Националната галерија за долгогодишната успешна соработка, и го сподели воодушевувањето за прекрасниот простор во кој е поставена инсталацијата на проектот. 

Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата. Темата за идентитетот, разбрана во широка смисла, со многу паралелни слоеви, препознаени по својата тенденција да бидат флуидни и пропустливи, може да се разгледа од различна почетна перцепција: национална, полова, економска, културолошка, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка религија, итн. Во многу делови на светот, оваа тема е многу актуелна во денешно време. Тоа е една од темите што ја поврзуваат Канада со земјите од Југоисточна Европа кои се соочуваат со проблеми предизвикани од различни и разновидни идентитети. Позитивен пример за канадски соживот и толеранција меѓу вкрстените идентитети може да отвори динамичен и важен дијалог.

Изложбата ќе биде поставена до 26 февруари.

Автор:

Слични статии