Култура

Низ политичко чистилиште

(Кон претставата „Јулиј Цезар“ од Вилијам Шекспир во режија на Ивица Буљан, а во продукција на Националниот експериментален театар „Кујтим Спахивољи“ од Тирана, Албанија. Гл. Улоги: Ромир Зала, Алфред Требицка, Вин Бејлери, Амос Мужи Захарија, Адријана Толка, Алерт Челолај, Матео Дервишај, Ендри Чела, Енџел Хоџа, Енеа Ника, Анџело Шкрели.)

Автократијата на Цезар е политичка парадигма од која учат дури и демократските политички инсталменти. Тоа е евидентно, но е на некој начин и суицидно, политички крајно деструктивно, и во овие хаотични времиња во кои не можеме ни да дишеме, а камоли да делуваме, тој рецепт ни се сервира како забрането овошје. Шекспир го одбрал Јулиј Цезар за драмски конструкт најмногу заради таа суицидност, заради итањето кон смртта и заради неверата која е неодвоива од секоја власт. Продукцијата на Националниот експеримантален театар е импактна и парадигматична затоа што се двиѓи по рабовите на таа параноја која носи небрежност и инфицира со својата ирационалност. Ивица Буљан во својот исклучително оригинален концепт ја понудува на актерите таа параноична шема во вид на dans macabre од чии тактови се раѓа апсурд зачинет со констернација.

Овој Јулиј Цезар се игра во екстериер и се досега нема своја ентериерна верзија што е на извесен начин индикативно, но е и поврзано со еден крајно варварски потег на власта, а тоа е рушењето на театарот, чин кој оваа извонедна актерка екипа не може да го заборави. Токму тој варваризам Ивица Буљан на некој начин го метаболизира и прави претстава која се случува пред вратите на институциите, во парковите и на плоштадите, меѓу сообраќајниот хаос, но под ѕвезденото небо над Тирана, над Драч, над Валона, а се надевам и под ѕвезденит неба на светските метрополи. Цезар во неговата режија поседува една грозоморна демократура од која се инфицираат сите оние кои сакаат да го потоморат, да каснат од неговото месо и да се напијат капка од неговата крв. И во оваа концепција (која carte blanche би требало да се теоретизира и да се учи во наставата по режија) ликовите на Брут, на Касиј, на Каска, Порција, Калпурнија, на Цицерон, па и на малдиот Октавијан минуваат низ политичкото чистилиште од кое, се разбира дека не научиваат ништо, како што после Цезар, па и после Шекспир како негов драматург не научиле голем број на диктатори и и нанеле зло на целата планета. Ивица Буљан со оваа режија предупредува на една хибридна власт, која нема политичка провиниенција и која е крајно нехумана, дури и без демократијата како мимикрија, една дистописки конципирана автократија која отворено би пропагирала доминација од најгрозен вид. Тактичното нараснување на гневот и неговото претворање во зло се динамичкиот метроном на оваа извонредна претстава која ви носи морници и ве остава замислени подолго време на тема: „Каде оди ирационалниот пат на човечкиот род?“

Еден од најцврстите столбови на оваа претстава е Ромир Зала, грандиозен актер кој ликот на Јулиј Цезар го донесува од најситните и најтемните бразди на својот кортекс, од најголемите и најразнообразни регистри на неговиот актерски гениј и кој воодушавува со својот логос, со својот став и емотивна мапа. Неговиот Цезар е парадигма, без остаток, отворена книга од која сосема транспарентно се чита и се согледува овој лик кој е еден од најкомплексните во светската драматургија. Ромир Зала доминира на сцената не како автократ, туку како несфатен владетел чија диктаторска фунција се обидува да ја понуди како единствено можно решение за мир во земјата. Тоа е висока математика во актерскиот хабитус на овој актер чиј поттекст и чие физичко дејствие е партитура семантички прецизно одредена, но, од друга страна и податлива за прочит од страна на публиката. Вин Бејлери го одигрува свјот Брут низ една друга актерска траекторија: низ ирационалната суровост чија фрагилност е воочлива уште при првата сцена. И тој приод го прави овој Брут многу поинаков од сите досегашни и од режиски и од актерски аспект. Неговата решеност да направи преврат се одбива од сите оние кои ја плетат политичката конспирација и тој како лик останува сам, несфатен и од самиот себе и од другите. И токму затоа таа негова бриткост и темнина во говорната партитура до крајот на претставата станува тивка неодлучност која го носи во неизбежна смрт. Во таа гама влегува и Касиј на Амос Мужи Захарија, со уште повисока вокална поставеност и уште поширока ирационалност. Овој млад актер импонира со ригидноста која од репликите прави стрели, а од својата физичка констелација незаборавна геометрија.

Во оваа режиска поставка на Јулиј Цезар сите ликови се видливи и сите со своето постоење на сцената носат некаков персоналитет, некаков интегритет кој е сосема органично вмрежен во цврстата режисерка поставеност. Во оваа пиеса на Шекспир женските ликови се епизодни, но во ова видување и Калпурнија на Ермира Хисај и Порција на Илирда Бејлери се актерски остварувања достојни за почит. Калпурнија на Ермира Хисај е столбот на Цезаровото семејство, или она што останува од него. Таа со себе ја носи целата женска проникливост чиј труд да ја спречи занесеноста на нејзиниот сопруг е залуден. Заедно со Илирда Бејлери чија Порција е експлозивна и доминантна, ја носат онаа нитка на претставата која совршено кореспондира со уште еден сегмент за кој режисерот Буљан со право помислил д ка е неопходен, а тоа е традицијата. Овие две дами ја фрлаат мрежата на маѓичните состојки на албанската традиција и фолклор и тие искри во овој Цезар многу ненаметливо навлегуваат во целото ткиво на претставата. Ивица Буљан носејќи ги овие ликови скоро низ целата претстава многу мудро го затвора тој триаголник: традиција – антика – современост низ премисата дека автократијата е незибришлива во човечката страст и лакомост и како таква никаква општествена формација не може да ја отрфли, па ни демократијата. Во ова верзија еден од најинтересните ликови е оној на Цицерон, во интерпретација на доајенот на овој театар Алфред Требицка, актер кој минува низ претставата како дух што минува низ ѕидовите и може совршено добро да го рационализира целото лудило. Низ овој лик, режисерот говори за една тажна цикличност на историјата, за една отуѓеност која власта ја практицира секогаш кога ужива во својата моќ, за една неуморност на таа иста историја која никогаш не запира со пишување и забележување. Требицка импонира со својата смиреност и децидност, со својата блага иронија и со тивката лирична дистанца. Некаде околу целото дејствие го загледуваме оној кој треба да ја наследи власта и по драматургија и по реѓија и по судбина, а тоа е младиот Енеа Ника кој го толкува ликот на избезумениот Октавијан, човек кој многу тешко може да излезе од многуте, и чија динамика нема моќ и влијание. Овој сјаен млад актер се наметнува со својата енергија и остроумност, па така од овој лик прави вистински бисер на сцената.

Конечно, она што најмногу фасцинира во оваа до срж оригинална интерпретација на Цезар се неговите последни два чина во каде таа ноќ пред театарот Александар Мојсиу во Драч каде што ја имав честа да ја гледам оваа претстава го видов целиот глобален политички blackout на овоземната автократија или барем неговиот репетиториум. Она што Шекспир го остава како беседнички aftermath, Буљан го трансферира во анархистичка тажаленка низ стиховите од поемата „Капитол“ на норвешкиот автор Јенс Бјернебуе во изведба на доајенот Алфред Требицка. Овие последни сцени се кратка, компримирана хроника на тоа политичко слепило кое како збор, можеби како punch line ми пролета низ главата, како еден погреб на хуманоидните остатоци од кои тешко дека ќе се роди новиот човек.

„Јулиј Цезар“ на Народниот експериментален театар во Тирана во режија на Ивица Буљан е парадигма која отвора бројни дилеми и носи комплексна порака која заедно со актерите и режисерот ни ја пренесе и целиот тој урбан хаос, таа недефинирана врева околу претставата, таа благосовена дисонантност.

Фотографии: Клеа Мани

Автор на текстот: Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии