Култура

Леон Ристов: Режијата ми е главна определба но, исто така многу го сакам и актерството

„Ќе му се јавам на татко ти“ е втор краток филм на Леон Ристов, студент на завршната четврта година на Универзитетот „Веслијан“ во Конектикат, САД, каде што студира режија со целосно покриена стипендија.  Неговата богата биографија, којашто ја билда од 11 годишна возраст, бележи  учество на многу аматерски филмски фестивали и како автор, со освоени повеќе награди но, и како член на младински жирија. Фестивалскиот живот на овој филм започна со домашната премиера на Beach Film Festival во Охрид, светската премиера се случи во август на Сараевскиот филмски фестивал каде беше селектиран во младинската програма „Тин Арена“. Следни фестивали  на кои беше прикажан филмот се,  Младински филмски фестивал во Скопје, во септември беше на Balkan Film Food Festival во Албанија, а изминатата сабота филмот беше прикажан на „Џифони“  Македонија.

Филмот ги испитува многуте форми на насилство во нашето општество: врсничко и меѓугенерациско, вербално и физичко, „јавно“ и семејно насилство

За месец октомври е закажана американската премиера на фестивалот NFFTY, кој е светски реномиран фестивал посветен на промоција на младите режисери. „Ќе му се јавам на татко ти“ е мојот прв „патувачки“ филм. Пристапот до светска публика за мене како млад автор е големо достигнување. Со или без награда во иднина, јас сум многу благодарен за досегашното внимание, вели Ристов.

Филмот зборува за врсничкото насилство, за коешто велиш дека идејата ти била да поставиш прашања за насилството во нашето општество? Ќе можеш ли да ни го појасниш ова?

Леон Ристов: Иако филмот започнува со случка на врсничко насилство, многу брзо тој проблем ги надминува врсниците. Имено, во ситуацијата се вмешуваат родителите на главниот лик – нападнатиот Дамјан. Оттука, филмот ги испитува многуте форми на насилство во нашето општество: врсничко и меѓугенерациско, вербално и физичко,  „јавно“ и семејно насилство. Некои од овие се директно прикажани, додека други се ставени под знак прашалник. Целта ми беше да ги потенцирам овие многу чести, но табу случки во Македонија и генерално на Балканот, како и начинот на кој истите се поврзани со родовите улоги во нашата култура. Една од моите омилени професорки на Универзитетот Веслиан многу убаво ја сумираше темата на филмот кога ми кажа дека истиот поставува две клучни прашања: „Што значи да се биде маж?“ и „Што значи да се биде родител?“.

„Ќе му се јавам на татко ти“ е финансиран со грант од Универзитетот „Веслиан“ , каде ја завршувате последната година од вашите студии. Дали знаевте за ваквите предности што ги нуди Универзитетот, којшто се наоѓа на листа од шест најдобри факултети за филм во САД? Од што се раководевте бирајќи си го факултетот?

Во мојата потрага по факултети имав два критериуми: добра филмска настава и соодветна финансиска поддршка. Покрај тоа што има високорангирана филмска катедра, Веслиан беше вториот факултет кој ми понуди целосна стипендија. Се одлучив за Веслиан поради неговиот „либерал артс“ модел на настава. Тоа значи дека паралелно со часови од областа на филмот, имам можност да изучувам предмети од други области, како на пример филозофија, социологија, антропологија… Сметам дека мојот напредок како режисер е поеднакво зависен од стручно усовршување колку што и критичко размислување во областа на општествени науки. Од денешна перспектива, можам со сигурност да кажам дека го направив правиот избор. За грантот со кој успеав да го финансирам „Ќе му се јавам на татко ти“ дознав откако пристигнав на факултетот, во првата година од моите студии. Тоа беше грант со цел вон-школски развој на студентите и е еден од многуте иницијативи со кои што Веслиан им пружа поддршка на студентите надвор од наставната програма. Станува збор за престижен приватен факултет кој располага со огромен годишен буџет, благодарение на високата школарина и донациите од истакнати алумни. Морам да кажам дека се’ уште ме изненадуваат цената и приходите на американскиот образовен систем.

Бевте учесник на Талент кампусот на Сараевскиот филмски фестивал во 2018 година. Колку ваквите „работилници“ нудат можност за еден млад човек и имавте ли слични учества на патот кон вашето усовршување за она што го учите на филмската школа во САД?

Во 2018 бев одбран да бидам дел од актерскиот Талент кампус на Сараевскиот филмски фестивал. Покрај можноста да присуствувам на фестивал од таков калибар, мојот омилен дел од кампусот беа пријателствата кои ги остварив со млади колеги од регионот. Се’ уште сум во контакт со голем дел од нив и постојано си нудиме фидбек/поддршка за нашите нови проекти. Од останатите програми на кои имам учествувано би го издвоил курсевите по филмска режија и глума во академијата „Џолев и уметностите“ под менторство на Дејан Џолев и Теа Беговска. Како средношколец, тука ја добив првата настава во областа на филмот. Дејан е продуцент на „Ќе му се јавам на татко ти“, како и на мојот прв краткометражен филм „Виктор сонува да изгуби“.   

Покрај режија, сакате и да глумите! Тука е вашата улога на ликот на Милан во играниот филм, „Кога денот немаше име“ . Дали би си дозволиле, односно би прифаќале во иднина одредени улоги со што би граделе и глумачка кариера?

Режијата ми е главна определба но, исто така многу го сакам и актерството. Кога сум дома, во период од три месеци, одам на сите кастинзи што ќе се појават додека сум таму. Уште од сега сум определен паралелно да ги работам и да ги балансирам овие две работи: режијата и глумата. Искрено, се надевам дека во иднина ќе добијам повеќе прилики.

Вашиот следен проект е сценарио за долгометражен игран филм кој ќе биде ваша дипломска работа? Можете ли да ни откриете повеќе детали за темата во овој филм?

Ситуацијата со Ковид ги измести моите планови да го снимам краткиот филм којшто беше планиран. Затоа решив да напишам сценарио за долгометражен игран филм што ќе биде и моја дипломска работа. Сега брзо почнав да ја поставувам структурата. Се работи за долгогодишна судска постапка околу оспорен тестамент. Повторно ја обработувам темата на родителство како главна водечка тема но во филмот ќе стане збор и за нашето судство и за алчноста кај луѓето.

Студент сте на последната година! Што понатака? Кои се вашите планови?

Како дипломиран студент на еден од факултетите во САД, имам прво да останам една година којашто ќе ја искористам во работа. Би сакал да се обидам во Њујорк, да поработам на некој сет, кој е на 2 часа оддалеченост, а таму се и многу мои студенти – колеги од факултетот, што би се рекло, таму имам мрежа на пријатели. Потоа размислувам за дипломски студии, кои би ги запишал на некој од факултетите во САД.

Автор:

Слични статии