Култура

Филмот за Куба „Епицентро“ на Хуберт Саупер ја освои главната награда на фестивалот „МакеДокс“

Со доделувањето на наградите на 26 август заврши 11. издание на фестивалот на документарен филм „МакеДокс“ кој годинава се одржа во Парк МКЦ и во летното кино на Кинотеката, како и со онлајн платформата „Синесквер“, каде филмовите ќе може да се гледаат до 20 септември.

Наградите на „Македокс“ се доделија во пет категории: награда за најдобар филм во главната програма „Кромид“, награда за најдобар филм од млад автор „Млад кромид“, награда за најдобар краток филм „Сечкан кромид“, награда за најдобар студентски филм „Кокарче“ и Награда за филм со најдобри етички идеи. Доделувањето на наградите се одржа он-лајн преку платформата „Зум“.

 

Жирито за наградата „Кромид“ беше во состав: Орва Нирабија, уметнички директор на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам (ИДФА), Лари Снајдер, филмски монтажер и дизајнер на звук, и Ненад Пуховски, филмски режисер, продуцент и директор на „Загребдокс“. Жирито одлучи наградата да ја добие „Епицентро“ на Хуберт Саупер со образложение дека во овој филм, режисерот ни го позајмува неговиот светоглед за да ја видиме Куба и да ја искусиме со сета сложеност која се јавува од неговата фасцинација со островот и неговите жители, со реалноста на нивното секојдневие и со сиот симболизам на нивното постоење низ скорешната историја. Преку неговото набљудување, пронаоѓање и анализа, Саупер го има изработено филмот до најмалиот детал, создавајќи архитектура од емоции со ретка стилистичка кохерентност. Тој успева да ни овозможи непосредно доживување на филмот. Ова е филм кој н соочува со прашањата од нашата скорешна геополитичка историја, за минатото и иднината и ни поставува прашања околу претставувањето и погрешното примање и за самото право нешто да биде претставено на некаков начин… и нѐ остава да бидеме истовремено маѓепсани и несигурни, образложи жирито.

Хуберт Саупер се јави од Париз со маица „Утопија“, се заблагодари на жирито и ја посвети наградата на своите млади пријатели од Куба, кои својот живот го живеат во дистопија. На екипата на Македокс ѝ кажа дека прават убава работа во кризно време.

Жирито за наградата „Млад кромид“ беше во состав: Амир Џорџ, филмаџија, куратор и програмски селектор на филмски фестивал во Колумбија, Самир Љума, филмски снимател и дел од снимателскиот тандем на филмот „Медена земја“ и Беатрис Вангонду, продуцентка, сценаристка и режисерка на документарни филмови од Кенија.  Наградата ја доби филмот „Тунел“ на Нино Орјокиниџе и Вано Арсенишвили со образложение дека оваа приказна говори за човечката состојба и луѓето кои се соочуваат директно со нивната смрт, со загубата на можноста да остават нешто зад себе. Социо- политичките теми на овој филм се актуелни во сегашноста и тестамент за идните генерации. Филмот длабоко нѐ допре и навистина ни е чест да ја доделиме наградата „Млад кромид“ на филмот „Тунел“.

Жирито додели и Специјално признание на филмот „Зборувај за да те видам“ на Марија Стојниќ, затоа што е „храбро, сонично и експериментално патување на еден медиум кои полека изумира во светот. Документарец за истрајноста и одржувањето на надежта“.

Жирито за наградата „Сечкан кромид“ во состав: Јармила Утратова од чешкиот Меѓународен документарен филмски фестивал во Јихлава, Тамта Габричиџе, филмска режисерка од Грузија, и Тони Бел од Меѓународната документарна асоцијација, одлучи наградата да ја добие „Фантастичните“ на Маија Блефилд од Финска.

Поради оригиналноста и креативната употреба на аудио интервјуа во комбинација со автентичен визуелен пристап, наградата „Сечкан кромид“ на фестивалот МакеДокс ја доделуваме на Маија Блефилд за „Фантастичните“. Емотивниот краток документарец се фокусира на нечуените гласови и неоткриените светови на севернокорејските бегалци. Жирито, исто така, цени како разговорите за филм и медиуми во филмот претставува одговор на сложените емотивни животи на индивидуите, како и на нивното себе-доживување, идентитет, проекции за иднината и концепти за реалноста, се вели во образложението за оваа одлука. 

Жирито за наградата „Кокарче“ е во состав: Срџан Кеча, филмски автор и доцент на Катедрата за уметност и историја на уметноста во Стенфорд, Мануел Инакер, германско-хрватски режисер кој живее во Берлин и добитник на минатогодишната награда „Кокарче“ на „Македокс“, и Марго Мека од Меѓународниот фестивал на документарен филм во Фиренца, наградата ја додели на „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ.

Студентското жири на 11. МакеДокс му ја додели оваа награда на режисерот Јосип Лукиќ и неговиот тим, поради способноста да раскажат приказна на длабок и само навидум едноставен начин, запознавајќи ги гледачите со секојдневието на протагонистите без осудување, туку со исклучителни емпатија и сочувство. „Ќе доплови Рекс“ е портрет за самохраната мајка – борец на три деца, која работи 11 месеци во годината на брод за крстарење во странство во нелегални услови. Филмот успешно ја претставува одлично раскажаната елиптична драматургија и стои како впечатлив пример за соц-реалистичната традиција на правење филмови. Секоја слика е избрана внимателно, а секоја сцена е засебен фрагмент, а кога сите овие елементи ќе се спојат, на автентичен начин се доловува современото хрватско општество кое се соочува со скоро неизбежна капиталистичка експлоатација и прекаријатни услови за преживување.

Жирито за наградата за филм со најдобри етички идеи е во состав: Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии во Скопје, Јуко Касеки, кореографка и директорка на танцовата компанија „Цокасеки“, и Лука Циут, композитор на музика за документарни филмови, наградата ја додели на „Акаша, мојот дом“ на Раду Чорнициу.

Причината за конечната одлука за оваа награда е способноста на филмот да го улови и моќно да го претстави едно од суштинските прашања на современиот живот- дали државите се трудат да ги заштитат луѓето или се трудат да ги лишат од слобода и да ги вкалапат во системот? Во модерното општество сме опкружени со правила и регулативи кои се создадени за да ни го подобрат здравјето и да ни овозможат подобар живот. „Акаша, мојот дом“ успева да портретира една ситуација во која би се запрашале колку од овие „добри намери“ влијаат на туѓите животи и што значи добро на крајот.

Пред доделувањето на наградите во рамките на серијата разговори под виртуелната смоква на платформата „Зум“ сите 15 членови на годинашните жирија имаа можност да разговараат меѓусебно. Тие ги изложија своите гледишта кон филмовите од програмата на 11. Македокс, објаснија на кој начин ги носеле одлуките за наградите во соодветните селекции, но споделија и свои мислења за состојбата во која се наоѓа документарниот филм во време на пандемијата со коронавирусот. Некои од нив посочија дека в година тешко дека ќе се вратиме во некоја „нормалност“, но треба да бидеме среќни ако, можеби, биде малку подобро од оваа година. На сите им недостасува физичката форма на одржување филмски фестивал.

Фестивалот „Македокс“ е поддржан од програмата МЕДИА на Креативна Европа, Институт „Јунус Емре“, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасадата на Република Чешка во Софија. Пријатели на фестивалот се Музеј на РСМ и Археолошкиот музеј.

Коорганизатори на 11. Македокс се МКЦ и Кинотека на РСМ. Партнери на „Македокс“ се „Петра Пан филм продукција“ и „Кино Култура“.

 

Автор:

Слични статии