„Медена земја“ номиниран за Оскар во две категории
— 13 јануари, 2020Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите, Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, доби две номинации за Оскар. Филмот е номиниран во две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова се резултатите од гласањето на членовите на Американската филмска академија. Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што „Медена земја“ испиша историја.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
Во категоријата најдобар документарец, покрај „Медена земја“, избрани се уште четири филма: „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Работ на демократијата“ и „За Сама“. Во категоријата најдобар странски филм во изборот влегоа: „Медена земја“, „Корпус кристи“, „Клетници“, „Болка и слава“ и „Паразит“.
„Медена земја“ по краткиот документарен филм „Дае“ на Столе Попов, како кандидат на поранешна Југославија и „Пред дождот“ во 1995 година на Милчо Манчевски е трет македонски филм номиниран за Оскар.
Свечената церемонија на доделувањето на наградите „Оскар“, што годинава ќе се одржи по 92-ри пат, е закажана за 9 февруари во Холивуд.