„Медена земја“ освои награда за најдобра кинематографија на светските награди на ИДА во Лос Анѓелес
— 8 декември, 2019„Медена земја“ освои две престижни признанија на 35. Интернационални документарни награди ИДА, што се одржа вчеравечер, 7 декември, во Лос Анќелес, во студијата на „Парамаунт“. На најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филм, кој е во организација на ИДА, режисерот Љубо Стефанов, ја прими наградата „Паре Лоренц“, која на ИДА се доделува „за давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“. Снимателот Фејми Даут ја прими наградата за најдобра кинематографија, којашто подеднакво ја заслужија камерманите на „Медена земја“, Фејми Даут и Самир Љума. Примајќи ја наградата, Даут рече дека таа е голем поттик за него да продoлжи со работата и признание за 8-годишната соработка со Стефанов.
Екипата на „Медена земја“ вчера се подели за да присуствува на свечените церемони за наградите. Режисерот Стефанов и снимателот Даут беа во Лос Анџелес, а режисерката Тамара Котевска и Љума беа во Берлин. „Медена земја“ е првиот македонски филм номиниран за престижната награда на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како европски Оскар.
Сирискиот документарец„За Сама“ го победи македонскиот филм по вторпат во една вечер – освои ИДА за најдобар филм и европски оскар за најдобар документарец неколку часа претходно во Берлин. Филмот „За Сама“ го следи животот на Сиријката Ваад ал-Катеаб, една од режисерите на филмот, за време на петгодишната војна во Алеп, кога ја добила ќерката Сама.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија. Номинациите за 92. доделување на Оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а свеченоста е на 9 февруари. Ден претходно, во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.