Култура

Лиза Џерард и бугарски женски хор вечерва настапуваат во Филхармонија

Една од најголемите светски world music атракции, сензационалните The Mystery of the Bulgarian Voices, во вторник, 8. октомври ќе настапат во Скопје, а на големата сцена на Македонската филхармонија ќе им се придружи легендарната австралиска вокалистка и уметница Лиза Жерард.

Откако пред точно 30 години ја освоија престижната Grammy награда за world music албум на годината, некогашниот женски хор на Бугарската радиотелевизија,The Mystery of the Bulgarian Voices доживеа светска слава и статус на еден од најпосебните вокални ансамбли воопшто. Најголемиот квалитет на овој исклучителен проект беше и остана нивната тенденција, негувањето на автентичната вокална традиција да се поврзе со современите музички стремежи. На тој начин, beat boxing стана неизоставен дел од нивните настапи, а не беа ретки ни соработките со другите големи музичари ширум светот. Една од таквите е и соработката со фантастичната Лиза Жерард, вокалистка и креативна половина на легендардното австралиско дуо Dead Can Dance, со која минатата година го објавија одлично прифатениот албум „BooCheeMish”.

По потекло од ирски емигранти, Лиза Жерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја почнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981. година го создаваат уникатниот проект Dead Can Dance, кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

Dead Can Dance се неприкосновен и по многу нешта автентичен музички состав, кој обединува два вокали, кои со својата моќност и боја како да го сликаат почетокот или крајот на светот. Lisa Gerrard и Brendan Perry својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење. Нивната музика може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа.

Во текот на речиси четиридецениската кариера, Лиза освен со Dead Can Dance оствари и завидна самостојна кариера која кулминираше со музика за филмови, која ја компонираше со легандарните Енио Мориконе или Ханс Зимер. Токму со Зимер беше номинирана за Оскар и освои Златен глобус за музиката за блокбастерот „Гладијатор”, филм чиј врв претставуваше композицијата „Now We Are Free”, во која невидениот вокален и композиторски талент на Лиза Жерард блесна во полн сјај.

The Mystery Of The Bulgarian Voices се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Почетокот на нивниот планетарен успех датира од средината на осумдесетите години, кога Питер Марфи, фронтмен на култната група Баухаус му достави снимки на основачот на дискографската куќа Ајв Вотс-Расел, кои низ 15 години истражување под името Le Mystère des Voix Bulgares ги собра и објави швајцарскиот етномузиколог Марцел Селие. 4AD наскоро објави реизданија на албумите, од кои „Volume Two” ja заслужи веќе споменатaта Grammy награда.

 

Слични статии