Култура

Фестивал на грчки филм и култура во Милениум и во МКЦ

Од 24 до 27 октомври во киното Милениум и во МКЦ ќе се одржи второто издание на фестивалот на грчки филм и култура во организација на Здружението за промовирање на филмската уметност и култура АРТ СИНЕМА Скопје и Меѓународниот филмски фестивал Киненова.
Програмата е составена од 6 долгометражни играни и документарни филмови од најновата грчка продукција кои го отсликуваат развојот на грчката кинематографија во последните години. Сите се тематски разнолики, но сепак доминираат теми кои реферираат на актуелната стварност во Грција особено во однос на економската криза која го зафати грчкото општество последнава декада, рече директорот на Кименова, Небојша Јовановиќ.
Фестивалот се отвора со филмот „Витез“, црна комедија на повеќекратно наградуваната грчка режисерка со европска кариера, Атина Цангари која е една од предводниците на новиот грчки филмски бран, тн. Чуден грчки бран. Следува „Смак“ на Елијас Деметриу, „Следна станица: Утопија„ на Апостолос Каракасис, „Нејзина работа“ на Никос Лабот; „Неправеден свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану.

 По организирањето на првата ревија на грчки филмови во Македонија во 2017 та година, оваа година оваа иницијатива ја прошируваме со  вклучување и на музичката уметност и тоа со ексклузивен концерт на еден од најпопуларните и најпосакувани грчки бендови.

Ексклузивитет на настанот е концертот на познатиот грчки музичар и текстописец Фоивос Деливоријас кој со својот бенд, ќе изведе посебен перформанс пред скопската публика, нудејќи неповторлива изведба на филмска музика од познати грчки филмови. Станува збор за амблемски песни, кои се дел од  Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или од старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Тео Ангелопулос, кои го водат слушателот на имагинарно патување во филмска индустрија, која патувала надвор од границите на Грција.

Фестивалот има мисија да поттикне поблиска комуникација помеѓу двете општества кои недоволно се познаваат меѓу себе. Фестивалот е официјално поддржан од Амбасадата на Грција во Скопје.

Слични статии