Култура

„Златна камера 300″ за Хелен Лувар за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао”

„Златна камера 300″ на 40. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” меѓу 12 филма во конкуренција освои франуцуската кинематограферка Хелен Лувар  за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао”.  „Сребрена камера 300″ доби Џинсонг Донг од Кина, кинематографер на филмот „Езерото на дивите гуски”, а  со „Бронзена камера 300″  е награден Даниеле Ципри од Италија, кинематографер на филмот „Пирани”. На свеченото затворање на јубилејниот фестивал во Битола му беше доделена и наградата за животен опус на грчкиот кинематографер Јоргос Арванитис, која му ја врачи директорката на ИФФК, Гена Теодосиевска. Добитниците на трите награди од натпреварувачката селекција не присуствуваа на доделувањето поради други професионални обврски.

Во нивното образложение за првонаградената Лувар е наведено дека кинематограферката „маестрално ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни”. Поради суптилното користење на боите и силните композиции кои ги откриваат емоциите на ликовите и не’ приближуваат до приказната. Хелен Луварт маестрално ни ги покажува можностите на кинематографијата и нејзината психолошка моќ за раскажување приказни, сметаат членовите на жирито.Беше доделена и „Мала златна камера 300″ од категоријата краток филм која и беше врачена на Констанца Сандовал од Аргентина. Наградата во име на Хелен Луварт ја прими Ерик Готје, нејзин долгогодишен пријател и колега.

 -Се разбира јас не сум Хелен Луварт, се пошегува Готје. Таа во моментов треба да е во Хрватска, се обидов да ја добијам на телефон, но и беше исклучен сигурно снима, но многу сум среќен за неа. Таа е храбра жена, исклучителна кинематограферка која е храбра и се бори не само за жените кои се нејзини колешки, туку и за уметноста. Знам дека би била многу среќна. Не знае дека сум тука и дека ја примам наградата во нејзино име. Му благодарам на жирито, но длабоко му се заблагодарувам на мојот пријател Ед Лакман, рече Готје. 

Одлуката за наградите ја донесе меѓународно стручно жири во кое членуваа  Ед Лакман од САД, Калојан Божилов од Бугарија, Доминик Велински од Франција, Ненад Дукиќ од Србија и Фејми Даут од Северна Македонија.

За време на изминатите фестивалски денови, на ова 40. издание се славеше јубилејот со најдобрите луѓе во филмската уметност, со Ед Лакман, Љупчо Константинов, Хозе Луис Алкаине, Џим Шеридан, Рајнер Клаусман, Фатих Акин, Џон Метисон, Најџел Волтерс, Пол Рене Роестад, Ангус Хоџис, Тудор Мирчеа, Атанас Ѓоргиев, Фејми Даут, Самир Љума, Ерик Готје, Роберто Баруеко, Глеб Филатов, Франк Грибе, Стефче Хаџи Антоновски, Бетина Хирш, Елеонора Венинова, Севдије Кастрати, Флоренс Папас, Ивар Таим, Иван Мариновиќ, Јоргос Карвелас, Арто Халонен, Јонас Пулканен, Уршка Џукиќ Кимковска, Констанса Сандовал, Катарина Вахл, Алберто Марчиори, Марин Тизон и Томас Мартин Гарсиа…

-Најпрво сакам да им честитам на организаторите на овој фестивал, на директорката Гена Теодосиевска и уметничкиот директор и селектор на главната програма Благој Куновски Доре на извонредниот фестивал, кој ја слави филмската уметност. Го славевме јубилејот на овој исклучително автентичен високо професионален и најстар фестивал во светот кој ја негува, ја почитува и ја вреднува креацијата на кинематограферите кои раскажуваат успешни приказни, но пред се треба да имаме предвид дека филмот е визуелен медиум, а понекогаш станува и визуелна уметност кога е во рацете на вистинските мајстори, какви што имавме на овој фестивал. Благоја ја направи селекцијата на филмови многу пријатна од една страна, но, од друга страна навистина тешка. Добрата страна, она што ни беше пријатно е тоа што гледавме многу добри филмови, со добра камера, а од друга страна тешко беше да се избере победникот, рече Ненад Дукиќ,  кој се обрати во името на жирито.

Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради, како што подвлекуваат од жирито, „ квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната“. 

Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“ поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото заедно со глаткото движење на камерата, а на Јоланта Дилевска, кинематографер на филмот  „Ајка“ и е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата- пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик. 

-Не можев да допатувам во Битола, за да бидам вечерва со вас, бидејќи го снимам мојот нов филм во Калабрија, но навистина многу ми е драго што ја добив оваа награда и многу сум благодарен. Како и секој филм и овој е колективен потфат и иако оваа награда ја заслужуваат повеќе луѓе ќе си ја задржам само за себе. Се надевам дека следната година ќе можам да учествувам на фестивалот во Битола со свој сопствен филм, рече Даниеле Ципри во своето видео-обраќање по повод добиената награда.

Наградата „Мала камера 300“ и припадна на Констанца Сандовал од Аргентина, за филмот  „Чудовишен господ“, поради поетичноста на сликата и суптилното користење на боите во приказната, а посебно признание доби Гијом Ле Гронтек за филмот „ Комбето“ поради употребата на рачната камера која ги истакнува главните аспекти на приказната и употребата на боите на експресивен начин.

-Оваа награда многу ми значи, го сакам овој фестивал и во овој момент не би можела да бидам посреќна, ви благодарам, рече Констанца Сандовал која допатува од Аргентина во Битола за да учествува на ИФФК „Браќа Манаки.

Вечерта, на затворањето на фестивалот, на Јоргос Арванитис му беше доделена награда за животно дело „Златна камера 300“. Во текот на речиси шест децении тој осветлил и обликувал слики со исклучителна убавина во повеќе од стотина играни филмови низ Европа и низ Медитеранот. Во меланхоличниот свет на режисерите доловува јасност со ненадмината елеганција, со својата камера дава текстура и длабочина дури и на сенишните и лаконски ликови, а работел со Тео Анѓелопулос, Жан Жак Адриен, со Динос Кацуридис, Пантелис Вулгарис, Волкер Шлендорф, Микаел Какојанис, со Жан Пјер и Лик Дарден, Марко Белокио, Агњешка Холанд, Бруно Подалидес, Горан Паскаљевиќ, Марко Ферери…

По доделувањето на наградите почна проекцијата на филмот „Манаки – приказна во слики” чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски, кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.

Слични статии