Култура

Вечерва се затвора 40. ИФФК „Браќа Манаки“ со филмот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски

Вечерва, во Домот на културата во Битола, ќе заврши  40. јубилејно издание на ИФФК „Браќа Манаки“ коешто започна на 14 септември. На затворањето на овој фестивал, ќе му биде врачена наградата „Златна камера 300“ за животно дело на  кинематограферот Јоргос Арванитис. Исто така, меѓународното жири ќе ги соопшти имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 за најдобри кинематографски остварувања од годинашната главна селекција, во која се најдоа 12 филмови, од кои повеќето беа наградени на фестивалите во Венеција, Кан, Берлина… Исто така ќе биде врачена и наградата „Мала камера 300“ за најдобиот кинематографер во селекцијата Кратки филмови. Веднаш потоа ќе се одржи специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“, чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкуловски и кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.

Во текот на вчерашниот фестивалски ден, беа врачени наградите кои се доделуваат првпат оваа година – за најдобар ангажиран документарен филм, која ја доделува Општина Битола и за најдобар филм според публиката од програмата Мак поинт. 

Тричленото жири кое одлучуваше за најдобар документарен филм, го награди филмот „За Сама“, на режисерката и кинематограферка Ваад ал-Катеаб и кинематограферот Едвард Вотс, опишувајќи го како интимно и епско патување во време на војна, низ очите на една новинарка. Користејќи ја камерата, новинарката ги има уловено драматичните мигови во Алепо, Сирија и страдањето на невините луѓе за време на стравотните бомбардирања и воените напади на градот.

-Заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, одлучивме да ја воведеме оваа награда на фестивалот бидејќи на тој начин ја продолжуваме традицијата на браќата Манаки, кои се првите документаристи на овие простори. Се надевам дека овој пристап и однос кон нивното творештво ќе остане аманет и за оние кои и во иднина ќе бидат дел од овој фестивал и дека ќе го негуваат документарниот филм, рече Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.

Во програмата Макпоинт, која ги прикажува најновите остварувања на македонските автори, публиката гласаше по секоја проекција и според нејзините гласови, победи филмот „Скопје 2020“ на режисерот Радован Петровиќ и кинематограферот Андреј Лембанов.

 

Слични статии