Култура

На фестивалот за книжевност „Друга приказна“ главната награда ја доби Ненад Величковиќ

Добитник на главната награда на четвртото издание на фестивалот за книжевност „Друга приказна“, кој ќе се одржи од 5 до 8 септември е Ненад Величковиќ, писател од Сараево, Босна и Херцеговина. Овој автор има комплексен и разгранет книжевен опус, а неколку негови книги се преведени и на македонски јазик. Тој има големо искуство во некои алтернативни образовни книжевни практики кои често се занимаваат и со тоа која книжевност треба да биде „канонска“ („национална“, школска), а која да биде „на маргините“.

Роден е на 2 мај 1962 година во Сараево, каде што и дипломирал во 1986 година на Филозофскиот факултет, на Одделот за југословенска книжевност и српскохрватски јазик. Магистрирал со тезата „Политичкиот театар на Душан Ковачевиќ“. Од 1999 до 2007 година бил сопственик на книжевната работилница Омнибус, за која има уредено над 20 книги. Тој е еден од иницијаторите на книжевниот фестивал „На половина пат“ во Ужице, а има отпочнато и уредувано повеќе списаниеја (Визија, Омнибус, Алчак, ФАН, Книжевен журнал, Школегиум, Текстура) . Од 2009 година во својата рубрика Škljocam i zvocam на интернет изданието на Deutsche Welle пишува сатирични текстови. Докторирал на Универзитетот во Сараево со теза за идеолошката инструментализација на книжевноста со примери од читанките од петто одделение до четврта година средно образование во Босна и Херцеговина. Со улогата на книжевноста во образованието се занимава во своите книги „Дијагноза – патриотизам“ и „Школокречина: национализмот во босанските, хрватските и српските читанки“. Работи како професор на Катедрата за српска книжевност на Филозофскиот факултет во Сараево. Член е на босанскиот ПЕН центар.

Автор е на книгите: Konačari (роман, 1995), Đavo u Sarajevu (збирка раскази, 1996), Sexikon/Sexpresionizam (проза, 1998), Sarajevski gastronauti (проза, 1999), Sahib: Impresije iz depresije (Сахиб: импресии од депресијата, роман, 2001, објавен и на македонски во издавачката куќа „Икона“), Otac moje kćeri (роман, 2002), Viva SEXICO (2006), 100 zmajeva (роман, 2007), Dijagnoza-patriotizam (есеи, 2010), Vremenska petlja (роман, 2011), Školokrečina: nacionalizam u srpskim, hrvatskim i bošnjačkim čitankama (збирка сатирични есеи, 2012), Vitez švedskog stola (Витез на шведската маса, збирка раскази 2013, објавена и на македонски во издавачката куќа „Темплум“).

Претходни добитници на Главната награда на фестивалот „Друга приказна“ се Давид Албахари, Влада Урошевиќ и Оља Савичевиќ Иванчевиќ.

Слични статии