Сандра Ѓоргиева го сними првиот мјузикл во Македонија, што претставува смел потфат на кој малкумина се одлучуваат да се испробаат со овој филмски жанр. Неодамна скопската публика имаше можност да го види овој краткометражен игран филм со наслов, „Црно бело“, во полната сала на киното „Фросина“ при МКЦ. Филмот е нејзина дипломска работа на која таа се потпишува како режисер, сценарист и она за што учеше на ФДУ, ја направи и монтажата на филмот.
За себе вели дека е благословена што има работа што ја сака и која ја доживува како место каде може креативно да се истроши, работата за неа е убаво поминато време. Тазе дипломирана, својата иднина на филмот ја дефинираше како можност да прави нови филмови, да работи на себе, да расне и да се усовршува со секој проект се повеќе и повеќе, да го има истиот ентузијазам како сега но, да знае повеќе од сега.
Малкумина се одлучуваат да снимаат мјузикли. Зошто токму мјузикл?
Многу порано, пред да добијам идеја да се запишам на Факултет за драмски уметности, сакав да гледам мјузикли и се што е поврзано со музика и со танцување. Првиот што го паметам беше Футлуз со Кевин Бејкон, и многу ми се допадна. Во четвртта година кога требаше да избереме каков филм ќе снимаме за дипломска работа, јас го одбрав мјузиклот. Мислам дека денес голем број луѓе не можат да си ги изразат своите мисли и едноставно премолчуваат работи, не можат да вратат или не сакаат да се спуштат на нечие ниво, или избегнуваат да влезат во конфликти. Така ми се роди идејата тоа да се направи низ песна, и спротивставувањето да биде имагинарно. Затоа го одбрав мјузиклот, каде можам да склопам и пеење и танцување и да има и играни делови кои не враќаат во реалноста и во кои главниот лик Јована не се спротивставува.
Архитектот на стидентскиот дом „Гоце Делчев“ Ѓорѓи Константиновски
Каков ти беше пристапот во процесот да одлучиш што треба да се испее, а што да оди како реплика?
Во пеењето, главниот лик, Јована, се навраќа и во нејзиното минато. Одлучив, нејзината интима и нејзините мисли да бидат ставени во песна, песната во имагинација, всушност, сето тоа што таа не може да го каже во играното е ставено во имагинарното и таа го пее. За ова многу ми помогна Тамара Котевска, со која седнавме една вечер, јас и кажував што треба главниот лик да го каже, а Тамара паралелно тоа го преточуваше во стихови.
Како го осмисли дејствието, односно темата во филмот. Прашањето произлегува од фактот што повеќе мјузикли се комедии или se од забавен карактер?
Откако сфатив дека сакам да работам мјузикл, гледав повеќе мјузикли од 50-60-тите години, Звукот на музикат, Мери Попинс, .. Целиот тој џез, .. но исто така и мјузикли со премиса неподатлива и несекојдневна за мјузикл но маестрално изведени, пример Лондон Роуд еден филм каде се работи за детективска приказна обработена преку мјузикл, и сфатив дека било која приказна може да се направи како мјузикл. Се одлучив за мјузикл кога сфатив дека главниот лик може да ги пее тие работи што ги мисли.
Пред премиерата, Тамара Котевска, претставувајќи го филмот но и тебе како автор, рече дека имаш луди идеи! Дали и овој мјузикл спаѓа во тие луди идеи? Дали се гледаш како храбра во поглед на изборот што го правиш во твоето креативно изразување?
Повеќе би рекла дека сум упорна, за било што не сум сум дозволила да не го истерам до крај. Дури и да ми откажуваат луѓето, не го откажувам проектот. Сметам дека проектот е над луѓето, кога ќе се роди идеата за него и ќе се оформи, ќе влезат луѓето да го реализираат, не можам така да ги оставам работите и да се откажам, поради другите луѓе што ми помогнале во филмот. Луѓето не треба така лесно да се откажуваат од работите, ако се пролонгира проектот, треба да се има верба дека проектот ќе се заврши. Исто така, за да се оствари нешто, многу е битно да се прават компромиси и некои откажувања, како на пример социјалниот живот во тој период, или помалку да спиеш…
Со кои тешки моменти се соочивте за време на снимањето на „Црно бело“. Дали ова ви беше еден од потешките проекти?
Од мојата досегашна работа, како режисер и монтажер, „Црно бело“ е најтешкиот проект со кој се имам соочено, но во исто време и најхаризматичниот, бидејќи ми донесе многу нови познанства кои и понатаму сакам да ги задржам и да соработувам но, и луѓе со кои не сакам понатака да работам. Повеќе бев разочарана од човечкиот фактот, дека луѓето едноставно, не зборам за луѓето од екипата, туку некои претходни соработници, не го видоа жарот и ентузијазмот со кој влетав во проектот, па така имаше разни постави на други актери, соработници, композитори, едноставно се менуваше екипата, бидејќи ова беше процес што траеше две години…
Дали за тоа време дојде до некои промени во филмот од првичната замисла?
На проектот работеа многу луѓе коишто требаше да се соберат во исто време, на исто место и без пари. Сe случуваше некој актер да откаже поради икс причини, и тогаш се се поместуваше.
Сценариото се менуваше постепено, но со мали нијанси. Овде би сакала да ја потенцирам помошта на Ирена Лозинска, кореографката, која беше секогаш тука до крај на проектот, благодарна сум на Филип Стевановски, кој ја направи музиката, а за главниот лик, Јелена Јованова, немам зборови, таа е вистински професионалец, доаѓаше секогаш спремна на пробите. Имам голема благодарност до сите актери кои останаа до крај во овој проект и оние кои ги нема во филмот, поради поместување на датите на снимање.
Кој е патот на филмот понатаму?
Филмот постои сам за себе, го пуштам на фестивали, се надевам дека нема тука да застане приказната, … а дури и да застане тука, јас се чувствувам горда на себе и на сите други што ми помогнаа, бидејќи истуркавме една голема работа до крај и поместивме колку толку една линија. Понатаму би сакала да се подобрам и да пораснам во овој жанр.
Документарниот филм „Зелени ѕидови и црна храна“ беше прикажан на фестивалот во Сараево каде беше одлично примен. Дали филмот кај нас ја постигна целта за која беше снимен, да се подобри состојбата на студентскиот дом „Гоце Делчев“?
Знам дека две згради од домот се реновирани, сакам да верувам дека филмот убрзал некои работи за санација на студентскиот дом. Јас бев зачудена што на проекцијата во студентскиот дом „Гоце Делчев“ студентите не се спуштија да го погледнат филмот, го пуштав во групата на студентскиот дом, од каде ме избришаа, претпоставувам да не се шири филмот. Има некои луѓе кои се задолжени да се чува „добриот“ имиџ на домот. По прикажувањето на филмот во Скопје, ми пријдоа многу луѓе велејќи ми дека не знаеле оти е толку лошо! Најмногу беше погоден архитектот, Ѓорѓи Костантиновски, кој немаше стапнато 40 години во Домот. Јас таму живеев две години и мислам дека бев вистинскиот човек што требаше сето тоа да го документира.
Како млада авторка, дали Ви е блиска или ви пречи поделбата на женски и машки филм?
Мислам дека поделбата е повеќеслојна, може да се однесува на внесување на женски сензибилитет, потоа, според бројот на женски ликови или женски автори. Но, мојот став е дека проектот треба да е над луѓето што работат во него, треба да се следи приказната и не е битно дали на него работат повеќе жени или мажи, туку на него да работат вистинските луѓе.
Во 2014 година го снимивте документарниот филм за чичко Симе. Како дојде оваа животна приказна до Вас?
Јас доаѓам од студиото на чичко Симе каде поминале околу 1500 ученици. Таму почнав да фаќам некои работи од филмот и музиката. Кај нас во Штип немаше кино, немаше некои активности или клубови, ама постоеше чичко Симе. Симеон Гаврилов на негова 25 годишна возраст бил професор во Виница, каде направил аматерска група со која патувале во многу држави низ Европа и освојувале награди. Во ова студио учевме за актерството, рецитиравме, читавме поезија, но пред се учевме за најосновните човечки принципи: како да се дојде до себе преку себе, како да научам да учам, не е битно колку туку како да се научи. Кај него учевме многу работи, практикувавме медитација, правевме вежби за брзо говорење. Сите кои сме биле кај Симе, се викаме од Симе школата, бидејќи сите размислуваме на сличен начин; како да се биде одговорен, да се исполнуваат задачите до крај… Чичко Симе и ме мотивираше да одам на монтажа. Во тоа време снимав видеа од мојот град и ги праќав на деца од Мексико со кои комуницирав.
Колку монтажата може да биде битна за еден филм, во смисла да се наметне и да угестиида ја подобри основната замисла? Дали сте исфрлиле некои сцени за кои сте сметале дека се добри?
Се вели дека последната режија, последното сценарио е во монтажа. Во мјузиклот исфрлив сцени за кои ми е криво, но сметав дека тоа е нужно за доброто на филмот. Проблемот не е во наметнување, туку треба и двајцата да го имаат на ум проектот. Монтажерот треба да ги каже неговите сугестии, да најде начин да го претстави тоа, да направи втора верзија и да се најде начин за добра комуникација. Во моментот работам на монтажа и сум дел од тимот на серијата „Преспав“, и „5+ Фамилија“.
Од твоето режисерско искуство кое е твоето мислење, како треба да се постави режисерот за да има авторитет?
Тоа е нешто и јас исто се прашувам и го учам, Според мене, не само кај режисер, туку кај секого се стекнува кога е подготвен, доаѓа на време, ги почитува другите, знае што сака, кога работи за доброто на филмот. Спремен, одговорен точен, може да оствари добра комуникација, режисерот треба да знае да направи муабет со секого, кој знае да слуша, да прима, да е приступачен, отворен. Без разлика кој колку години има, треба да се однесуваме професионално треба да се однесуваме спрема улогите кои ги имаме на одреден проект.
Интервјуто е објавено во магазинот за филм, „Филм +“