Култура

Почесното „Срце на Сараево“ за Алехандро Инариту

Мексиканскиот режисер, продуцент и сценарист Алехандро Инариту, познат по проникливите, универзални приказни за човековата состојба, е добитник на почесното „Срце на Сараево“, награда за исклучителен придонес на филмската уметност, која ќе му биде доделена на 25-от јубилеен Сараевски филмски фестивал. Инариту во Сараево ќе одржи и мастерклас, а ќе има и специјална проекција на неговиот филм „Брдмен“, за кој доби „оскар“ за режија.

 Директорот на СФФ, Мирсад Пуриватра, изрази задоволство од можноста да му оддаде признание на овој истакнат филмски автор, кој секогаш одново ги поместува границите и својата единствена визија ја преточува во непредвидливи и генијални филмски приказни.

– Неговите филмови, кои се одликуваат со посебен стил и ритам, ги освојуваат и возбудуваат и публиката и критичарите низ светот. Се радуваме што ќе имаме шанса да бидеме домаќини на овој режисер и да му ја врачиме наградата за неговиот неизмерен придонес во историјата на филмската уметност со безвремените и наградувани класици што ги прави од почетокот на својата кариера – рече директорот на Сараевскиот филмски фестивал.

Инаку, годинава тој беше претседател на жирито на Канскиот филмски фестивал. Во изјавата за печатот по изборот за претседател на жирито, Инариту рече дека Канскиот филмски фестивал има големо значење од аспект на неговата кариера и дека чувствува големо задоволство, чест и среќа што има можност да биде претседател на годинашново жири на фестивалот. Првпат во историјата на фестивалот еден мексикански режисер беше претседател на жирито. Инариту на свеченото доделување на 88-та награда „оскар“ пред две години во Лос Анџелес, со освојување на наградата за најдобар режисер двапати по ред, го повтори успехот на Џон Форд и Џозеф Л. Манкиевиц.

Автор:

Слични статии