Култура

Слободен влез за кенискиот филм „Пријателка“

Во четврток, 27-ми јуни, во градското кино Милениум со почеток од 20 часот ќе се одржи проекција на кенискиот игран филм „Пријателка“,  „Rafiki“, кој ни ги доближува проблемите и предизвиците со кои се соочуваат геј-луѓето во општество каде истополовата љубов е забранета, а хомосексуалноста е кривично дело кое се казнува со затвор од 5 до 14 години.

Во режија на Ванури Кахиу, „Пријателка“ е филм за пријателството и деликатната љубов која се развива меѓу две млади жени, Кена и Зики. Филмот беше забранет за прикажување во сопствената земја, но ги освои срцата на луѓето ширум светот и доби бројни пофални критики.

Се вели дека „добрите кениски девојки стануваат добри кениски сопруги“, но Кена и Зики копнеат за нешто повеќе. И покрај политичкото ривалство меѓу нивните семејства, девојките истрајуваат и остануваат блиски пријателки, поддржувајќи се меѓусебно во следењето на своите соништа во едно конзервативно и религиозно општество какво што е она во Кенија. Кога љубовта процветува меѓу нив, тие ќе бидат приморани да направат избор меѓу среќата и безбедноста.

„Пријателка“ ја имаше својата интернационална премиера во програмата „Un Certain Regard“во рамките на официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал во 2018 година; инаку тоа беше првиот кениски филм прикажан на фестивалот. Досега има освоено десеттина награди на повеќе филмски фестивали во светот.

Билетите за еднократната филмска проекција се бесплатни и може да се подигнат на билетарницата на киното. Настанот го организираат Скопје филм фестивал и Млади артивисти за промена во соработка со Здружението за културен и медиумски актвизам КВИР СКВЕР од Скопје и со финансиска поддршка од Амбасадата на Холандија.

Слични статии