Издавачката куќа PDV од Хрватска, го пушти своето најново издание во продажба во Словенија и Хрватска, а наскоро истото ќе може да се најде и во Македонија во музичката продавница „Ап(о)тека“ при Младинскиот културен центар-Скопје.
Станува збор за саундтракот од музичкиот документарен филм „Мојот превртен свет“ (My World is Upside Down), во режија на Петра Селишкар и во продукција на Petra Pan Film-Словенија, ППФП-Македонија и Restart-Хрватска. Материјалот е достапен на винилен ЛП носач со додатен 7” винил, како и во дигитални формати, и го продуцираше издавачка куќа PDV од Хрватска. Во филмот се испреплетуваат музичките изведби на актуелните водечки алтернативни музичари во светот, кои ги реконструираат песните на „словенечкиот Чарли Чаплин“, универзалниот уметник Фране Милчински-Јежек, со неговата неверојатна архивска граѓа.
Фране Милчински-Јежек
Изданието е резултат на долгогодишната плодна соработка на полето на креативната документаристика помеѓу филмските продуцентски куќи Petra Pan Film од Љубљана, Restart од Загреб и ППФП од Скопје во соработка со музичката издавачка куќа PDV од Пула. Во филмот водечките алтернативни музичари во светот денес ги свират песните на Јежек и истите се испреплетуваат со архивската граѓа од 1960-те до 1980-те години, со што се создава една волшебна атмосфера на еден безвремен наративен простор.
Сатиричните песни на Јежек, кои датираат од истиот период како и архивските снимки, денес звучат поавтентично, поактуелно и поуниверзално од кога било, а ги изведуваат музичари како Kimmo Pohjonen (фински авангарден хармоникаш), легендарната хрватска пејачка Josipa Lisac, македонскиот пост-панк б(р)енд „Бернајс Пропаганда“, британскиот рок-маг John Parish, неодоливата Teresa Salqueiro од Madredeus, современата jazz икона Т. Китановски со неговиот Черкези караван, па сѐ до Hugo Race (бившиот член на групата The Bad Seeds на Nick Cave) и неодамна починатите Robert Fisher и Tomaž Pengov, легендарниот словенечки кант автор. Саундтракот го продуцираше и миксаше инди-рок иконата Chris Eckman, дизајнот е дело на исклучителниот млад уметник Самир Карахасан, а мастерингот на звучниот носач го направи Петар Дундов.
Јежек имаше обичај да каже: „Ние комичарите, не сме луѓе кои имаат стан на Олимп, ниту викендичка на Парнас или обратно. Нашето место е на дното на падината каде што обичните луѓе се трудат да поминат низ стегите на секојдневниот живот“.
Светот кој што го опишува не се променил многу за овие 50-тина години, се уште е превртен наопаку и го запознаваме низ музичкото патување кое тргнува од „one man band“ мајсторот на класичната гитара, па сѐ до оркестар со 60 музичари.