УНЕСКО ќе го стави Охридскиот регион во групата, загрозено светско културно наследство
— 22 мај, 2019Општината Охрид е глува за препораките на УНЕСКО и многу е веројатно дека на конференцијата на Комитетот за светско наследство што ќе се одржи на 30 јуни во Баку, Азарбејџан, природното и културно наследство на Охридскиот регион ќе биде ставено во групата „загрозено светско културно наследство“. Оваа нема да биде ниту малку пријатно за земјата која веќе го направи првиот чекор на патот кон НАТО и ЕУ, бидејќи тоа ќе значи откажување од финансиски аранжмани и експертска поддршка што ги обезбедува УНЕСКО за одржување на тоа наследство, земјата ќе ги осети и политичките штети што ќе се одразат на странскиот туризам, за кој знаеме да се пофалиме дека оди по нагорна линија. Со еден збор на Охрид и на нашата земја не ни треба еден ваков имиџ којшто јасно испраќа порака на корумпирана држава и на владеење на локалните „шерифи“. Последната забелешка на УНЕСКО е дека подрачјето останува погодено од несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој предизвикан од силен притисок од туризмот. Примерот со никнатиот хотел минатата година на брегот на Езерото зборува дека ние се правиме глуви и градиме игнорантен однос кон реномираната и единствена организација УНЕСКО. Имено, во 2017 година беше јасно нагласено дека е потребен мораториум за градба во крајбрежните и урбаните делови, но и покрај тоа, на стартот на 2018 година било издадено одобрение за градба на локација непосредно до брегот на Охридското Езеро. Наместо да се запрат апетитите на урбанизаторите, додека не се донесе План за управување со охридскиот регион и се усогласат урбанистичките планови, напротив, узурпацијата на крајбрежјето продолжува и понатаму. На ваквата неспособност на Владата, со нов закон да го уреди градежното инвестициско дивеење и управувањето на брегот и на водите на Охридското Езеро, сосема е оправдана одлуката за преиспитување на досегашниот статус кој го имаше овој регион. Законот, што треба најитно да се донесе, треба да обезбеди систем за планско одлучување и управување, низ соодветни тела кои ќе се грижат за заштитата на културните и природните убавини на Охридското Езеро, во што спаѓа и заедничко управување со ресурсите на Езерото со властите од Албанија, која се стреми да влезе на листата на културно наследство на УНЕСКО со нејзиниот дел на Охридското езеро.
Нацртот на лошата препорака, што за нашата земја би имало далекусежни негативни последици, веќе се разгледува во седиштето на УНЕСКО во Париз, што спаѓа во завршните подготовки за конеренцијата што ќе се одржи во јули во Баку.
За волја на вистината, нашата земја испорачала повеќе од барањата на УНЕСКО, во кои спаѓаат: откажување на ски-центарот на Галичица како и средувањето на сообраќајните решенија во стариот дел на Охрид, пренасочување на најголемиот загадувач на Езерото, реката Сатеска, во старото корито на Црн Дрим, санацијата на колекторскиот крајбрежен систем. Но, ова не може да ја поправи сликата дека државата е моќна да ги совлада апетитите на поедини одделни моќници зад кои најчесто стои одредена политичка партија. Излегува дека убавината на Охридското езеро и чистата средина, ова природно и културно наследство е во втор план кога се работи за доаѓање до профит.
Затоа сега УНЕСКО достави Извештај, кој ќе биде разгледан на конференцијата на Комитетот за светско наследство во Баку од 30 јуни до 10 јули, во кој се бара од државата да спроведе уште неколку работи:(Извор СКД)
- Да се направи проценка на нелегалните градби и да се утврди нивното влијание на заштитеното подрачје и потоа да се срушат сите кои претставуваат опасност за подрачјето. Строго да се спроведуваат законите и правилниците за да се спречат понатамошни дивоградби.
- Да се финализира планот за управување со цел да се заштити и одржи заштитеното подрачје и да се предаде предлогот на Комитетот за светско наследство пред да биде усвоен.
- Да се имплементираат сите претходни барања на Комитетот за светско наследство и препораките на мисијата од 2017 година.
- Се бара од државата, во консултација со Комитетот за светско наследство, да направи предлог за посакуваната состојба на Конзервација за отстранување на подрачјето од Листата на загрозено светско наследство и сет на корективни мерки, вклучувајќи временска рамка за нивна имплементација и таа да биде разгледана на конференцијата на Комитетот за светско наследство во 2020 година.
- Се бара од државата до 1 февруари 2020 да достави до Комитетот за светско наследство дополнет извештај за конзервација на подрачјето за да биде прегледан од Комитетот на конференцијата во 2020 година.