Култура

МАНУ го прослави стотиот роденден на академик Ѓорѓи Филиповски, еден од тројцата основачи на оваа институција

Академик Ѓорѓи Филиповски е единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ, кој заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ биле задолжени за формирање на МАНУ и оваа институција е формирана на 23 февруари 1967, а прв претседател бил Конески. Академик Филиповски на 6 мај наполни 100 години, а вчера на 16 мај, во  Академијата се одржа свеченост по повод неговиот роденден.

Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високообразовни институции во земјава како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,  Земјоделско-шумарскиот факултет, МАНУ.

Со шеги на своја сметка за годините, академик Филиповски стоечки, без подготвен говор зборуваше за почетоците и за историјата на оваа институција и притоа спомена многу имиња на кои им се заблагодари. Зборувајќи за неговите години, рече дека често пати го прашуваат за тајната на долгиот живот но тој не е стручњак за тоа и го кажа неговото искуство за начинот на кој тој живее. Тој го сака пешачењето и планините, сам го уредува дворот. Порано имал кајче коешто му било украдено и сега само плива. „Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави, затоа секој ден читам“, рече академик Филиповски. Заблагодарувајќи му се на своето семејство, тој кажа дека неговата сопруга починала пред две години, и дека му била десна рака во пишувањето на сите трудови.

„Жалам што само јас останав од првиот состав од МАНУ. Јас сум најстар академик, вториот е шест години помлад од мене, а третиот 11 години. Им посакувам да сторат гајрет, да ме стигнат и надминат“, кажа академик Филиповски.

Роден е на 6 мај во 1919, во село Сорович, Леринско, егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД.  Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.

Тој е почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор (една година) во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студиуми од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит) каде што бил избран на меѓународен конкурс. Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетацископочвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ (педологија, агрохемија).