Култура

Во секоја држава го има Миле – спрега на власта и криминалот, вели Мирјана Карановиќ по премиера на „Втора Шанса“

Македонскиот филм „Втора шанса“ прв игран филм на режисерката Марија Џиџева, синоќа го отвори  22. издание на Скопски филмски фестивал, воедно ја имаше премиерата во кино „Милениум“. Филмот е работен во македонско-српска копродукција, почнал да се снима во 2016 година а се работи за три женски лика, секоја од нив со свои проблеми и своја лична борба да се најде излезот, а времето во кое се случува дејството е конфликтот во 2001 година

Се работи за филмска приказна за  три женски карактери и нивните затворени светови, сместени во една историска рамка, рече режисерката Марија Џиџева на денешната прес-конференција, на која беше присутна речиси целата актерска екипа и двајцата продуценти.  Филмот е снимен по сценарио на Огнен Георгиевски и во него играат, Мирјана Карановиќ, Даниела Иваноска, Наталија Теодосиева, Јорданчо Чевревски, Дениз Абдула и Златко Митрески. Директор на фотографија е Дејан Димески.

Зборувајќи за својата улога во „Втора шанса“, големата српска актерка, Мирјана Карановиќ дека во филмот се три главнои улоги кои ги толкуваат три жени, на возраст од 30, 40 и 50 години – Сандра, Елеонора и Ангелина. Иако живеат во иста зграда, тие не комуницираат меѓу себе. Заедничкото место каде тие се среќаваат се лифтот и болницата како и прашањето, како да се оди понатака?  Таа го игра ликот на Ангелина, потисната и речиси безгласна жена во семејството, која не зборува за проблемите туку ги чува во себе.

– Тоа е затоа што живееме на простори каде што да се зборува отворено е слабост.  Ние не сме воспитувани да се отвораме и комуницираме, да зборуваме за проблемите. Ние живееме на терен во кој отворање всушност значи слабост, позиција од која можеш да изгубиш се. Тоа се случува на Балканот, но и во други делови од светот кои повеќе поминувале во војни и беда наместо долги периоди на мир и благосостојба. Тоа се пренело и на воспитувањето – молчи и ништо не прашувај. Кај нас е всадено сѐ да се држи во себе- рече Мирјана Карановиќ. 

Актерката Наталија Теодосиева, која ја игра 30-годишната Сандра, дополни дека покрај лифтот и болницата, ликовите ги поврзува и конфликтот во 2001, за кој не разговараат, туку  дека на сите животот им е испреплетен со настаните од конфликтот, но не разговаат за тоа. 

Даниела Иваноска кажа дека еден од најубавите моменти во приказната е за односот на самата женска природа и гледање на нештата, за тоа како секоја од трите успева да се избори, како жената да продолжи понатаму, дали има втора шанса и како ја гледа таа шанса, рече Иваноска.

„Сите беа возбудени дека им е премиера на прв филм, јас толку околу премиерата не, колку повеќе од фактот дека сите кои работеле на филмот се мои поранешни студенти. Можам да кажам дека учениците го надмина учителот“, рече Чевревски, кој беше професор и декан на Факултетот за драмски уметности (ФДУ).

Низ филмот постојано се провејува ликот на Миле, корумпиран висок полициски службеник, кој физички не се појавува, но е како нишка која ги поврзува сите ликови. На прашањето кој е Миле,  Џиџева вели дека е измислен лик кој треба да остане енигма, а на тоа се надоврза Карановиќ, велејки дека во секоја држава има Миле. Тоа не е една личност, туку комбинација од разни личности, но јасно е кои се тие луѓе, спрега на власта и криминалот!.

Продуцентот Светозар Ристовски кажа дека преговараат од кога да почне кино-дистрибуцијата на филмот и дека аплицирале на повеќе фестивали.

Скопје филм фестивал ќе трае до 25 април во Милениум, Фросина, Котур и во Кинотека. 

Слични статии