Утре ќе биде погребан Златко Славенски, следниот ден ќе се одржи комеморација на ФДУ
— 9 април, 2019Режисерот и професор на Факултетот за драмски уметности Златко Славенски, кој почина вчера на 53 години, утре ќе биде погребан на градските гробишта Бутел во Скопје. Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата од 13 до 14 часот, дедека комеморацијата ќе се одржи следниот ден на 11 април на ФДУ.
Славенски е роден на 8 август 1966 , во Скопје, каде завршува основно и средно образование. Во 1986 се запишува на редовни студии на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Во 1988 во Лондон се запишува на студии по филмска режија на Меѓународната филмска школа. Поради стопирање на државната стипендија (во почетната фаза на распадот на СФРЈ), во 1990 го прекинува студирањето во Лондон и се враќа во Македонија, каде истата година се запишува на ФДУ , на отсекот за интермедијална режија, во класата на професорите Слободан Унковски и Столе Попов, диполомирајќи во 1994. Исто така, паралелно продолжува со прекинатите студии од општа и компаративна книжевност, каде дипломира во 1993.
Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“. До крајот на овој семестар, м-р Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање доктор по уметности.