Глигор Кондовски: Во Македонија нема стабилни критериуми за да се процени вистинската вредност на еден уметник
— 19 април, 2019Глигор Кондовски се занимава со најбитните работи што се потребни за еден филм: режија, сценарио, музика, фотографија. И, иако сосем заслужено се најде во списание за филм, текстот го почнуваме со една негова успешна реализација на музичко поле. Имено, пред неколку дена неговиот албум со наслов, „Around the bend“ беше издаден од страна на шпанската издавачка куќа „Seamless Recordings“ и ова е негов трет албум по ред со амбиентална музика, после „Flown letters” во 2012 и „Crumbly secret” во 2009 година.
Музиката и филмот биле секогаш на иста фронтална линија во неговиот живот. Кога создава музика секогаш има приказна во мислите, додека кога пишува сценарио, ја слуша музиката во идеите, вели Кондовски, објаснувајќи ја неговата мултимедијалност.
-Отсекогаш ме фасцинирало тоа што се случува зад камерата, таа визуелизација преточена во фотографија и режисерска парадигма. Музиката за мене најмногу е врзана за филмот во нејзината форма на изразување, иако филмот како седма уметност е врзана со сите уметности. Виолината ми помогна да го изградам тој сензибилитет на визија, за подоцна филмската режија ми помогне да создадам своја архитектонска скица во мојата глава за креирање на филмска амбиентална музика. Додека студирав на двата факултета, често наидував и на недоразбирања од професорите. Тоа е поради академските правила кои многу често создаваат кочница во слободата на креирање, и тој мој замислен свет на поврзување меѓу музиката и филмот. Затоа одѕивот врз себеси надвор од тие правила кај мене беа доста успешни. Но, пак од друга страна тие правила ми помогнаа филмот и музиката да се надградуваат едно врз друго.
Кондовски како режисер е автор на неколку кратки филма, два документарни и девет музички спотови. Документарецот „Постојам“ е приказна за неговата мајка а вториот документарец е експериментален филм со наслов „Restart”. Има завршени сценарија но, во оваа земја, вели дека е тешко да се дојде до нивна реализација.
-Покрај студентските филмови, направив нов краток филм “Попладневни малини” кој е примен на фестивалите во Италија и во Нигерија. Чекам одговори и од други фестивали каде аплицирав. Документарниот филм “Постојам” беше на неколку фестивали во Хрватска, Србија, Велс, Бугарија, Италија. Сценарија имам, но во оваа земја, тешко се доаѓа до нивна реализација. Лани со продуцентот Дејан Милошевски од Revolution аплициравме за краток филм, бевме одбиени. Тука би споменал уште една интересна соработка со музичарот Тимко Чичаковски и неговиот канон, со кој снимивме девет спотови. Соработките се отворени. Сега сум во преговори со попознати имиња и од филмскиот и од музичкиот свет, надвор од оваа земја, но тоа за сега ќе остане на, времето да го каже своето.
Филмовите на Кондовски досега биле прикажани на повеќе фестивали надвор од земјата, но не и пред домашната публика.
-Филмот „Постојам“ не беше примен на фестивалите „ Синедејс“ и „Македокс“. Сметам дека затворените уметнички кругови постојат насекаде, но вистинските уметници никогаш не биле интегрирани и нема да содејствуваат со тие кругови. Разликата е во тоа што во Македонија нема стабилни критериуми за да се процени вистинската вредност на еден уметник и затоа често чекаме признанија од надвор, па отпосле да го слушнеме признанието во нашата земја. Естетизмот е тоа што го прави уметникот стабилна и оригинална индивидуа, без разлика дали тој креирал во екипа или комплетно самостојно. Еталон на маркирани уметници од клан постоел секогаш во историјата, па така и денес. Доволна е само приказната помеѓу Салиери и Моцарт од филмот “Амадеус” на Милош Форман, за да стане јасна таа дистинкција помеѓу вистината и лагата. Делата кои уметниците ги создаваат, некогаш не се ни самите свесни со каква вредност располагаат. Затоа не смееме да се ругаме кон ниту едно дело, затоа што секое дело ќе го најде своето место во историјата. Многу дела низ историјата сме ги прочитале како неуспешни или непознати во нивното време, а денес се веќе на листата да се изучуваат како историски факт. Наспроти се, Бела Барток вели дека натпреварите се за коњи, а не за уметници. Значи, најважна е љубовта која треба да е простодушна и така треба да постапуваме и кон уметноста. Колку и да е неприфатена, таа ќе го добие своето место во историјата. Оттука е и односот на пораките кои сакаме да ги пренесеме преку нашите дела. Ние не го користиме емпиристички искрено нашето духовно тло да се искажеме, туку потпаѓаме под влијание на група луѓе на кои политички така им одговара за да не им го завземе некој местото, и со тоа самите себе се маргинализираме, во нашата потсвест. Вистинската уметност е чиста форма. Инаку зошто Пабло Пикасо би рекол: „Секое дете е уметник. Проблемот е како да остане уметник откако ќе порасне.“
Завршил Факултет за музичка уметност, отсек виолина на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на Олег Кондратенко. Денес е професор по виолина на ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” во Тетово каде и живее. Во 2016 година дипломирал на Факултетот за драмски уметноси при Државниот универзитет во Тетово, во класа кај Проф. Иса Ќосја, филмска и тв режија. Паралелно, ги завршил и магистерските студии на ФДУ во Скопје, филмско и тв сценарио во класа на проф. д- р Сашко Насев.
За неговата љубов кон филмот и музиката и нивната поврзаност, Кондовски се служи со зборовите на режисерот, сценарист и композитор, Џим Џармуш:
“Музиката за мене е најубавата форма, и јас го сакам филмот, бидејќи филмот е многу поврзан со музиката. Таа Ве покренува во нејзиниот ритам. Тоа не е како да читате книга или кога гледате слика. Тоа ви дава сопствена временска рамка, како музиката, затоа тие за мене се многу поврзани. Но музиката за мене е најголемата инспирација. Кога сум депресивен, размислувам за сета музика што не сум ја слушнал досега!” Замислете го светот без музика. Човеку, подај ми пиштол, ќе може ли? ” (Џим Џармуш)
Секоја хармонска поврзаност е раскадрирањето во филмот, секој звук, атмосфера, и тишина е голем дел од парабола на приказната за да се создаде филмот, вели Кондовски одговајаќи на прашањето каков пристап има во создавање на филмската музика.
-Искуството на филмските композитори е индивидуално. Јас сум на раскрсница помеѓу музиката и филмот, би сакал да учествувам уште од креирањето на сценариото. Но, тоа јас би сакал така, инаку мислам дека е тоа реткост. Таа координираност од страна на режисерот ќе биде уште попрофесионална за да може низ соработката да ја зацврсти својата перцепција на метафорична фотографија, за да се создадат “култните” сцени за кој скоро секој режисер се стреми и сонува. Да бидам појасен: Култните сцени многу често биле создадени од режисери кои бил поврзани и со другите уметности, инаку би биле само обичен шематски приказ. Со тоа се креира и жанрот на музиката, кој често е и поврзан и со жанрот на филмот.