Култура

Годишната програма за култура сè уште е скандалозна

Министерството за култура, ја објави „ревидираната“ Годишна програма на проекти од национален интерес во културата,  ставена од вчера на сајтот на Минстерството за култура. Многумина, меѓу кои се поединци, здруженија и институции останаа без средства и со „ревидираната“ програма, ако не се земат во предвид корекциите што ги опфатија неколку случаи. Меѓу првите кои реагираа повторно и на оваа „ревидирана“ програма е режисерката Зоја Бузалковска чија реакција ја објавува порталот Окно.мк. 

„Освен корекциите на кардиналните грешки и на катастрофалните одлуки во неколку случаи, сето друго е токму како што предвидов – забошотување, „затнување усти“, пополнување дупки, залажување, тивка уцена на оние кои сакаат нивните институции да продолжат да постојат и проектите сепак да бидат реализирани, како-така. Во најголемиот број случаи, промените се состојат во дополнување на проекти и средства, наместа претумбување во договор со институциите и исправка на некои превиди.

Она што не е направено е – тотална, темелна ревизија, во која ќе се преиспита како е можно толку големи (поточно, какви било!) средства да се одлеат на институции кои не биле ниту легално отворени кога е завршен конкурсот за оваа програма и како е возможно толку големи средства да се одлеат на институции и поединци, кои зад себе имаат сосема мало портфолио, никакви успеси и достигнувања во досегашната работа, на сметка на други институции и поединци, кои со години работат успешно и се докажуваат и на домашен и на меѓународен план. Токму во овој дел апсолутно ништо не е променето. И по делумната ревизија, за овие институции и поединци одлуката останува иста, што е сосема разбирливо кога ќе се знае дека таму единствениот или најважниот применет критериум е партискиот. Со тоа, тие крупно го оштетија буџетот за култура оваа година и направија, вистински квалитетните проекти да мора да бидат реализирани со мизерни финансии.

Останаа и нелогичностите и непропорционалностите помеѓу бодирањето и доделените средства, различните аршини за ист тип на проекти, нејасните критериуми (мислам дека воопшто и ги нема) и проценки „од ѓутуре“, како и непочитувањето на Националната стратегија во културата 2018-2022 во донесувањето на одлуките, кои проекти и на каков начин ќе бидат поддржани. Нема приоритети, нема повисоки цели.“

Целосната реакција може да се прочита на порталот Окно.мк. 

Автор:

Слични статии