Култура

Што ќе ѝ е „Ханиленд“ на Македонија?

Убаво е кога денот ќе почне со една убава вест, како оваа за триумфот на долгометражниот документарец „Ханиленд“ на филмскиот фестивал Санденс. Убаво е кога тоа ќе го препознаат и медиумите и по долго време ќе ја стават културата како топ-вест на своите информативни емисии и страници. Убаво е кога ова ќе го препознае и премиерот Зоран Заев и ќе им честита на авторите. Убаво е дури и кога владата ќе одговори на апелот на продуцентот на филмот, Атанас Георгиев, искажан од фестивалската сцена, „да се исчисти најзагадената земја на светот“.

Сето тоа е убаво. Додека не спласне еуфоријата. А потоа повторно ќе почне да нѐ фаќа позабица за она што се случува во опкружувањето, во Белград, Софија, Загреб… За тоа какви и колку филмови таму се снимаат, какви и кои книги се објавуваат, какви фестивали се организираат, какви изложби се прават. Всушност, пред имињата на споменатите градови во опкружувањето треба да се додаде она фамозното „дури и во…“, зашто ниту еден од овие градови не важи за некаков светски културен центар, па ни за некаква европска културна метропола. Сите се тие, на овој или на оној начин, всушност длабока културна провинција.

Значи, за ден-два ќе спласне еуфоријата, културата ќе биде закопана во длабоката медиумска илегала, сѐ додека некој индивидуалец или некоја ентузијастичка иницијатива повторно не нѐ изненади и повторно не почнат да фрштат честитки од сите страни. Дотогаш, по обичај, ќе живееме во турбо-кич транзиционото време и ќе ги шириме мантрите за Македонија како лулка на цивилизациите и културите.

 

Успехот на „Ханиленд“, сепак, покажува дека не треба да се срамиме од овдешното промислување на културата. Напротив. Македонските културњаци креираат трендови, ги бележат глобалните новуми, или барем ги осовременуваат и структурираат во таа смисла сопствените умеења. Македонија има културњаци, кои со своето дејствување ја менуваат целокупната општествена средина, луѓе кои со години водат успешни пошироко забележени (не)зависни културни платформи, теоретичари, па и менаџерски практичари, чии промислувања се слушаат со големо уважување на поширокиот општествен спектар.

И тоа е така додека не ги погледнете плановите на културните институции, кои сѐ потешко ги креираат сопствените програми, водејќи нерамноправна битка со инфраструктурните проблеми: студените погони, пукнатите цевки, прокиснувањето на покривите, целосно несоодветните простори, скудните програмски средства, превработеноста… И сето она што е погоре кажано за македонското промислување на културата одеднаш паѓа во вода.

Во таа смисла, македонската култура е прилично контроверзна дејност. Знаеме и сакаме да се гордееме со неа, а од друга страна практично се отвора шампањско кога културата ќе допре еден отсто од државниот годишен буџет. Иако, таа е практично единствената дејност што создава трајни вредности. На ниво на државна политика, културата речиси секогаш била онаа монета за поткусурување на дневно-политичките партиски прагми и полигон за вежбање на административната строгост.

А во оние периоди кога (навидум) не било така, тогаш културата се користела за исполнување на грандиозните амбиции токму на малите, искомплексирани и провинциски политичари или барем за перење пари („Скопје 2014“ не треба да го спомнувам).

 

Со други зборови, успехот на „Ханиленд“ не е резултат на каква било овдешна стратегија или успех на некакво менаџирање со живата култура, туку резултат на упорноста, талентот и воопшто квалитетот на неколку поединци што успеаја да ја раскажат својата приказна на начин на кој таа ќе биде препознаена на големата глобална сцена.

Самиот факт дека филмот се снима од 2016 година, дека е почнат како „невладина тезга“ и дека на крајот е истуркан како долгометражен наративен документарец, доволно говори за она што тука се нарекува културна стратегија. Истуркан е овој филм (како впрочем и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, но како и многу други работи) на мускули и врз челичните нерви на авторскиот тим.

Во таа смисла, успехот на „Ханиленд“ ги има сите шанси да остане само тоа – уште еден инцидент во овдешната загадена зачмаеност. Едно од сирачињата на македонската култура што успеале во светот.

А има што да се научи и од успехот и од пристапот на авторите кон сопствениот проект. Еве еден пример: екипата на филмот, преку својата официјална веб-страница, реши на глобално ниво да го продава медот од дивите пчели што го произведуваат токму протагонистите на документарецот. И парите заработени на овој начин секако ќе бидат помош токму за нив и за дечињата што се појавуваат во филмот.

Ова, инаку, модерно се нарекува општествена одговорност, а можеме да го сведеме и под поимот „солидарност“ – таа кај нас одамна заборавена категорија врз која се базира интеграцијата на секој општествен слој, па и на целото општество, воопшто.

Со други зборови, авторите што го освоија Санденс, прецизно ни покажуваат што точно претставува културата во едно општество. И како таа го следи и го менува.
На крајот на краиштата, мораа да отидат до далечната Јута во САД, за да можеме ние тука да ги препознаеме. А како ќе ги препознаеме поинаку? Кога немаме култура за следење на културата!

Автор:Ѕвездан Георгиевски

Извор:Призма

Автор: