Култура

Збогум Љубиша Георгиевски!

Со Љубиша Георгевски имам поминато едно претпладне. Надвор од театарот, надвор од книжевноста,.. внатре во средиштето на животот, во неговата амбасадорска резиденција во Софија 2002. 

Бев на зимување со децата во Банско. Изгубивме пасоши, пари, сѐ… Беа празнични денови, беше -20, ништо не работеше… Немав пари, немав документи, сама со две мали деца. Се јавував по телефон сегде,.. сѐ дури не се слушнав лично со амбасадорот. Потоа сѐ стана лесно и возможно. На 7 јануари, на Божиќ, од Банско до Софија со такси, двете деца со температура, возачот – прекрасен поморски инженер кој вози такси за дополнителен приход.

Македонската амбасада не работеше, беше затворена; ама македонскиот амбасадор ме чекаше буквално на улица, наполно отворен. Децата, јас и возачот поминавме едно претпладне во резиденцијата како дома. Со ќебенца и парацетамоли за децата, чај, храна, понудени пари, излеана човечност насекаде околу нас додека се изработуваа привремените документи, за да излезам од Бугарија. На заминување, син ми, шестгодишен, рече: „Кога ќе пораснам сакам да бидам како овој чичко“. 

Не ми беше гајле дека Љубиша Георгиевски е познат режисер, дека размислуваме сосем различно за милиони нешта. Не му беше гајле ни нему што сум и која сум јас, ниту како размислувам за театарот, за литературата, за политиката… На двајцата ни беше гајле само тоа дека Другиот е Човек. Лесна му земја, поклон до небо, од мене, од моите деца и од тогаш восхитениот бугарски таксист-инженер од нашиот амбасадор.

Оливера Ќорвезироска

Преземено од Окно.мк

Автор:

Слични статии