Култура

Васил Христов: Реалните промени се уште не се гледаат

Филмот „Еј“ на Васил Христов, по десет години чекање за да се заврши постпродукцијата, конечно ја доживеа својата премиера, која се случи на затворањето на 17. Фестивал на европски филм „Синедејс“ во киното „Милениум“. И сосема е нормално што тој го доби целото внимание, особено што се работи за политичка сатира, а случувањата во филмот се поклопуваат со актуелните случувања во  земјава – исчезнат премиер, снимен пред десет години, со тема која се уште трае и настани кои речиси пророчки се остваруваат. Филмската приказна е за група пријатели кои на спиритуална сеанса се обидуваат да стапат во контакт со духот на Александар Велики, но наместо духот на античкиот лидер, меѓу нив се материјализира вистинскиот премиер на Македонија. Молскавично се шири веста за исчезнувањето на македонскиот шеф на Владата, а светските медиуми ја пренесуваат веста дека премиерот мистериозно исчезнал од неговата спална соба.

Долго ја чекавте премиерата на филмот „Еј“. Слегнаа ли емоциите, кои се чувствата после толку време да се види свое дело?

-Со самиот чин на прикажување, по премиерата на филмот, како да ми се симна од грб едно тешко бреме. Како минуваа годините, ми стануваше се понереално дека филмот ќе ја доживее својата проекција на филмското платно.  Кога таа конечно се случи како да се ослободив од еден тон измешани емоции, но во исто време бев и среќен и радосен што публиката конечно ќе може да го види мојот филм.

 

 

Велите дека сте критички настроен кон секоја власт, која контролира помалку или повеќе. Која е границата што треба да постои помеѓу оние што ги распределуваат парите и уметниците, за да можат да бидат независни во она што го работат? Претходната власт контролираше и тоа многу…

Прво, ќе ве потсетам, не знам дали забележавте, на крајот на филмот оди шпица на која се чита дека филмот им е посветен на сите филмаџии што се борат за слободата на изразување и се против било каква репресија. Јас цврсто верувам во ова и сметам дека во едно општество, политиката и културата не би смееле да имаат никаква поврзаност. Јас бев сведок, бидејќи живеев долги години во Холандија, како тоа функционира таму. Постои еден изграден систем, далеку е од идеален, но сигурно многу подобар кога ќе се спореди со нашиот. Директорот т.е. менаџерот на институцијата, каква што е кај нас Агенцијата за филм, нема никаква пресудна улога за тоа кој проект би добил средства. Постои тело составено од 5 или 7 членови на комисија, кои ги разгледуваат приложените проекти. Тие членови постојано се менуваат и не смеат да се повторат во следните 5 години. Конкурсите се два пати во годината и на сите конкурси комисиите се различни.  На тој начин и оние што се во позиција или во опозиција ќе дојдат на ред, а истовремено се постигнува и деполитизираност на самото тело кое одлучува.

Во Холандија поминавте повеќе години. Што работевте таму?

-Во Холандија живеев речиси 14 години. Првпат отидов на постдипломски студии за филм и телевизија, па потоа на уште едни магистерски студии за филмска режија. Тогаш се запознав со многу колеги, направив мрежа на луѓе со кои соработував. Работев како сценарист и режисер на кратки филмови и на реклами. Се до 2006, кога одлучив да се вратам.

Од тогаш настапи вашиот период на стагнација, изолираност!? Како дојде до тоа да бидете тргнат настрана?

-На некој начин, се започна со претставата „Мара Сад“, претстава која во тоа време беше третирана за политички неподобна. Точно од тогаш и датира моето исклучување од  културните институции во земјава, без разлика дали се работи за филм или театар. Во тој ист период паметам дека сработив уште една претстава во Турскиот театар кој веднаш по премиерата, беше тргната од репертоарот заради провокативната содржина. Оттогаш немав работено во ниедна институција, а немав ни шанси да аплицирам во тогашниот Филмски фонд, подоцна Агенција за филм. Дури, тогашниот новоназначен директор на Агенцијата за филм, Дарко Башески, се појави на првата клапа на снимањето на ЕЈ, чисто да види што тука се случува, дојде се изнасмеа и си замина…

Сепак, не се откажавте!

-Напротив, наместо да кренеме раце и да се предадеме на грубото насилие врз нашата уметност, голем дел од екипата реши да влезе во уште поголема авантура – да снимиме целовечерен игран филм без никаков буџет, кој ќе биде одговор на политичката цензура наметната од власта. Во правењето на филмот учествуваа голем број актери од претставата „Мара Сад“, па така се роди и „Еј колектив“, неформална група на професионални ентузијасти кои шест недели  работеа инкогнито, по шеснаесет часа на ден. Снимањето почна  на 24 декември 2008 година, а заврши на 3 февруари 2009 година. Во снимањето на филмот учествуваа и тогашни студенти по продукција на ФДУ. Се сеќавам дека една од студентките имаше добиено средства за дипломски проект од Филмскиот фонд и сакаше истите да ги пренасочи за нашиот филм. Тоа беа навистина малку пари, околу 10 илјади евра, но за нас да ги добиеме во тој момент ќе беше како да сме добиле милион. Нејзиното барање парите да се пренаменат за филмот „Еј“ беше одбиено. Дури и луѓето кои тогаш ни помагаа со техника откако слушнаа за содржината на филмот не замолија да не спомнуваме дека  на било каков начин учествувале и дале поддршка за негова реализација…

Како го преживеавте тој период на изолираност?

-Во 2010 година јас и Нела Витошевиќ го формиравме независниот театар „Wonderland“. Прво излезе претставата на Нела „Брод за кукли“, а потоа мојата, „Класен непријател“. Претставите во „Wonderland“ генерално беа работени волонтерски. Мојот професионален ангажман морав да го пренасочам во сосема други води за да преживеам, и се посветив на правење реклами и рекламни спотови. За жал, кај нас на рекламата се гледа како на дел од адвертајзингот што се прави по нарачка. Клиентот е најбитен, потоа агенцијата и целиот маркетинг тим, додека креативноста на режисерот доаѓа на последно место. Режисерот најчесто ја одигрува улогата на реализатор и исполнувач на желби. За разлика, пак ќе споредам со Холандија, каде што режисерот се избира токму поради неговата креативност и знаење.

Татко ви е познатиот актер Чедо Христов. Колку тој влијаеше на вашата определба да се занимавате со режија?

-Не сакам тоа да звучи патетично, но јас практично сум роден во МНТ. Мајка ми како медицинско лице работеше во смени и бидејќи немаше кој да ме чува, татко ми ме носеше во театар, па таму ме чуваа сите. Така што јас и ден денес повеќе го чувствувам мирисот на театарот отколку што се сеќавам на тоа како било дома. Освен тоа, ние живеевме во т.н. театарска зграда, во која беа сместени сите од опера и балет, музичари, оперски пејачи, актери…

Татко ми категорично беше против јас да се занимавам со било која форма на театар, а уште помалку филм. Се запишав на книжевност, и потоа на редовно отсуство се запишав на Факултетот за драмски уметности во Белград.

Се смени власта, добивте два театарски проекти, што е следно?

-Да, но проектот во Турскиот театар, за жал оваа година, нема да се реализира, бидејќи сметката им беше блокирана во времето кога требаше да се подготвува претставата. Во моментов работам на претстава во Драмски театар.

Моја желба е конечно да снимам игран филм во нормални услови, со некој нормален буџет. Досега имам снимено два кратки филма, „Судијата“, кој е работен во Холандија и „Писмо“, кој е направен овде. И за двата филма имам добиено многу меѓународни награди и признанија. Се надевав дека  благодарение на тоа ќе можам овде да работам. Но, се случи спротивното.  

Ја имате почувствувано моќта на власта на своја кожа, знаете како е ако ве сметаат неподобен. Како ја оценувате сегашнава состојба, во која сите очекуваме промени?

-Да ви кажам најискрено, луѓето што ме познаваат знаат дека сум критички настроен кон било која власт. Промените се очигледни, но, за жал, морам да кажам дека чувството кај мене и кај колегите е дека, сепак, културата е на последното место во однос на останатото. Разбираме дека се наоѓаме во критично време, кога се случуваат многу поважни работи. Меѓутоа, она што се случи во последните десет години, а тоа е тој т.н. културен геноцид, каде што преку културата се обидоа генетски да го модифицираат кодот на македонскиот народ, да го преиначат, да ја изменат естетиката на главниот град, на државата, што, за жал, кај еден дел во тоа и се успеа, ќе се чувствува со генерации. И наместо да се тргне во една реална културна офанзива, во која навистина би се случила културна преродба, мислам дека сегашните власти тоа го оставија настрана, како најнебитно поглавје.

Како понатаму?

-Ние, за жал, се препелкаме во сите области, па така и во културата сеуште не се чувствуваат некои поголеми промени. Да, сменети се некои луѓе, генерално атмосферата е порелаксирана,  меѓутоа реалните промени се уште не се гледаат.

Не може еден центар на моќ да контролира се, не е потребно! Затоа постојат министерства, министри, заменици, директори итн. И добро е што конечно почнавме да ја напуштаме таа матрица на размислување и полека да влегуваме во процес на демократизација. Но пак ќе повторам дека сеуште сме далеку од видливи промени. На сите ни е јасно дека постојат приоритени работи во државата, но тоа не значи дека се друго треба да застане.

Слични статии