Судот одлучи: Министерството за култура погрешно постапило поништувајќи го Конкурсот за откуп на музички дела за 2017 година
— 5 декември, 2018Судот одлучи: Министерството за култура погрешно постапило поништувајќи го Конкурсот за откуп на музички дела за 2017 годинаУправниот суд во Скопје донесе пресуда во која се вели дека се уважува тужбата на наградените автори на Конкурсот за откуп на нови музички дела за 2017 и се поништува решението од 27 април 2018 година донесено од Министерството за култура, со кое екс-министерот за култура Роберт Алаѓозовски реши да го поништи Конкурсот за откуп на музички дела за 2017 година.
По наоѓање на Управниот суд, Министерството за култура погрешно постапило поништувајќи го Конкурсот за откуп на музички дела за 2017 година и притоа се сторени повеќе формално правни повреди на постапката регулирана со Законот за култура, според член 55 од Законот за организација и работа на органите на државна управа и член 64 став 1 и 2 од Законот за култура.
Конкурсот беше објавен на 6 април 2017, траеше до 31 октомври, а резултите беа објавени на сајтот на Министерството на 18 јануари годинава и во истиот ден беа повлечени. Министерството за култура, во образложението за поништување на конкурсот, како причина ги наведе административните пропусти во неговото спроведување и најави дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти.
По мислење на судот, рокот од 45 дена за одлучување на изборот од конкурсите, не е преклузивен рок, што значи дека доколку не се испочитува овој рок не настапуваат одредени правни последици, ниту пак одредбата од Законот за култура, член 65 став 2, предвидува должност дека мора да се изврши избор во рок од 45 дена. Дотолку повеќе што и министерот за култура со Решение од 22 декември 2017 година, кога ја формирал комисијата за разгледување на пристигнатите пријави, го надминал рокот од 45 дена.
Тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, најави повторно распишување на конкурсот, но до денеска нема никаква најава за повторно распишување на овој конкурс од страна на Министерството за култура.
Композиторите чии дела беа избрани на Конкурсот на Министерство за култура за откуп на нови композиции од 2017 година, реагираа и бараа одговори од Министерството за култура, по што се одлучија правдата да ја бараат на суд.
Композиторите реагираа и со писмен допис до Министерството за култура во кое што меѓу другото бараа објаснувања за какви административни пропусти станува збор, зошто воопшто се случиле пропустите и кој ги направил во самото Министерство за култура, зошто министерот не постапил по препораките на истакнатите професионалци, кои самиот ги назначил како членови на комисијата?
Споменувањето на организирање повторен конкурс и напомената дека наградените автори од поништениот конкурс ќе можат да конкурираат по втор пат, го игнорира фактот дека анонимноста на делата кои се наградени во поништениот конкурс е веќе повредена од самото Министерство, поради објавата на резултатите на 18.01.2018, истите дела се неупотребливи во повторениот конкурс.
Наградените композитори откако ги добија Решенијата за поништување на конкурсот од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, и тоа по два претходни налози од Државниот управен инспекторат, се одлучија за поведување на тужба до Управниот суд со барање надомест за штета, поради компромитирање и нарушување на анонимноста на нивните дела и нивниот повеќемесечен труд.
Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, исто така реагираше и побара од тогашниот министер за култура Алаѓозовски, да ја преиспита одлуката за поништување на конкурсот. „Соопштението на Министерството за поништување на конкурсот содржи информации, ирелевантни за самото поништување. Цитирани се неколку делови од пропозициите (роковите за поднесување на пријавените дела, но и потребата за поднесување на пријавите под шифри), кои немаат никаква врска со поништувањето на конкурсот. Вметнувањето на овие цитати е пиар-трик на Министерството со намера да се создаде впечаток дека авторите што се наградени го компромитирале процесот“, се вели во реакцијата на СОКОМ.
Согласно Законот за култура, член 65 ставови 2,3 и 4, министерот за култура одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување на решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб страницата на Министерството за култура. Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот, ги разгледала пријавите и изработила Записник од 29. 12.2017 година во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18.01.2018 година, по доставена предлог-листа на резултати од страна на комисијата, истите се објавени на веб страницата на Министерството за култура. Во овој случај, објавените резултати на веб страницата се всушност предлози на комисијата, а не финални резултати, бидејќи за истите министерот за култура не донел решенија“, соопшти тогаш кабинетот на Алаѓозовски.