Проекција на филмовите на Киро Урдин во рамки на изложбата „Духовите на Африка“
— 11 декември, 2018Утре, во кино салата на Музејот на Македонија, со почетокво 20 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Догона“ и „Оган и вода“ на Киро Урдин, во рамки на изложбата „Духовите на Африка“. Филмовите на Киро Урдин се директно поврзани со Африка, каде престојуваше додека ги снимаше, особено меѓу народот Догон во Мали.
На проекцијата ќе присуствува целата екипа што ги изработи филмовите, режисерот Киро Урдин, снимателот Владимир Петровски-Картер, композиторите Венко и Васко Серафимови, а модератор на настанот ќе биде Влатко Галевски, филмски критичар. По проекцијата ќе се одржи едно од последните групни водења низ изложбата „Духовите на Африка“.
ДОГОНА
Велат, човекот-уметник не мора да патува далеку за да ги наслика своите мечти и имагинации, во умот стокмени слики, но Урдин-уметникот љуби да го почувствува конкретното, голо, живо искуство на патувањето, на просторот, на изворната мудрост, да црпи од различноста на цивилизациите, да допре до есенцијата на животот… и до смртта. А што повеќе да ве вознемири, возбуди и да ве просветли во исто време колку ли мудроста на Догоните од Мали, да се празнува во слава на раѓањето на смртта…како апотеоза на животот.
ОГАН И ВОДА
Е филмски документ на Урдин-патувачот, кој со својата патувачка aura vitalis ја бележи конечната природа во нејзините прапочетоци, до самиот зигот. Оганот и водата како метафори на спротиставено единство, животинскиот свет како креација на природата, Африка како колевка на древната цивилизација.