Култура

Пред 95 години, на денешен ден, е роден Ацо Шопов еден од основоположниците на македонската книжевност

Aцо Шопов е роден на 20 декември 1923 година во Штип, каде завршува основно училиште и гимназија. Филозофски факултет завршува во Скопје. Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија ДПМ и негов член од основањето во 1947 год., прв претседател на Советот на фестивалот Струшки вечери на поезијата, претседател на поранешниот Сојуз на книжевните преведувачи на Југославија, претседател на Сојузот на писателите на Југославија, член на Македонската академија на науките и уметностите (УМАН) од нејзиното основање (1967), член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство, амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971 – 1975), прв директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, долгогодишен директор на издавачката куќа „Македонска книга“, како и уредник или главен и одговорен уредник на списанијата: „Нов ден“, „Млад Борец“, „Иднина“, „Современост“, „Хоризонт“ и сатиричниот весник „Остен“.
Ацо Шопов
 (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982) — македонски поет и преведувач, член на МАНУ.

Песната „Очи“ од Ацо Шошов , посветена на  Вера Јоциќ, соборец на Ацо Шопов,  

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Последната вечер в планинското село,
кај борците беа со дрипава дреа,
со пликови жешки на стапал тешки,
и смрштени чела – згасени, мразни
ко нивните пушки укочени, празни,
и нечујно, глуво, ко здушена реја
се точеше шепот од уво до уво:
“Утре, друже, в зори, страшен бој не чека,
а ние сме малку, – сал неколку души…”

И кога ко игла ти прободе уши –
ти растресе снага и размолска тага,
со лунјени очи широки и волни
ги расече в ноќта здивените молнји!

Ко тогај, ко тогај, о другарко, помниш –
в смрзнатата вечер на пролетта рана,
кај нашата младост и првата радост
ја косеше луто куршумната слана,
а ти чело збрчка, ко тигрица рипна
и летна во ноќта крвава и црна, –
со своите очи што ригаа пламен
ги растопи чашкум челичните зрна…

И после! И после – в последната вечер…
јас нејќам да мислам што потаму стана,
прошталниот шепот ти замрзна в усни,
ти гореа очи под веѓите густи!
Со нивниот пламен и со клетва света,
на заседа тргнав сред мојата чета.

А утринта кога зрив чела ни спраши
ти не беше веќе в редовите наши,
но скипеа борци со одмазда жолчна,
и видов! о видов – кога бојот почна
развихреа сите со твојата сила –
ко елени брзи и лесни ко птица.

А твоите очи се искреа гневно
во нивните потни, распалени лица…

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

“Во тишината“

Ако носиш нешто неизречено,
нешто што те притиска и пече,
закопај го во длабока тишина,
тишината сама ќе го рече.

Ацо Шопов почина во Скопје на 20 април 1982 година.

Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година.
По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Издал повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др.

Ацо Шопов како претседател на Југословенското дрштво на писатели, во Брлин, 1970

 

Македонската повоена поезија се дели во три фази кои ги следи и Шопов.
Во првата фаза, која ги опфаќа годините по војната, тој пишува борбена и патриотска поезија, во која сè е подредено на татковината. Тука спаѓаат збирките: „Песни“, „Пруга на младоста“ (заедно со Славко Јаневски), „Со наши раце“, „На Грамос“.

Следејќи ги тековите на модерната поезија, во следната фаза пишува интимна лирика. Мотивите се: човековото битие, минливоста и смислата на животот. Тука спаѓаат збирките: „Стихови за маката и радоста“ и „Слеј се со тишината“.

Во последната фаза, поезијата на Шопов е исполнета со интровертност и автобиографски елементи во која спаѓаат збирките: „Ветрот носи убаво време“, „Небиднина“, „Гледач во пепелта“.

 

Автор:

Слични статии