Изложба која го покажува интегрално културното наследство на етничките Албанци, Турци, Роми и Власи
— 10 декември, 2018Во Музејот на Македонија, утре, 11 декември, во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Етнолошкото наследство на малцинските етнички заедници“. Изложбата ќе ја отворат министерот за култура, Асаф Адеми, министерот за дијаспора Едмонд Адеми и амбасадорот на ЕУ во Р.М, Самуел Жбогар а ќе се обрати и директорот на Н.У. Музеј на Македонија, Гордан Николов.
Изложбата “Етнолошко наследство на малцинските етнички групи во Македонија” е прва изложба во Музејот на Македонија која го претставува интегрално културното наследство на етничките заедници на Албанците, Турците, Ромите и Власите. Музејот располага со богати музејски збирки поврзани со овие заедници, кои беа од витално значење за истражувањето на нивниот фолклор и традиција.
Овие етнички заедници, со векови живеат на исто тло и потребата и нужноста за нивна непосредна секојдневна комуникација е сосема природна. Како резултат на тоа, материјално и духовно културно наследство на овие енички заедници било во постојан допир и меѓусебно влијание, но сепак тие успеале да создадат автохтони културни вредности, зачувувајќи ја на тој начин својата посебност и индивидуалност, односно, својот идентитет.
„На изложбата се прикажани најистакнатите предмети кои се дел од народни носии и накит, како и предмети за домаќинство направени од дрво, текстил, метал и грнчарија. Секој од презентираните експонати, кои датираат од 19-от до средина на 20-от век, во себе ја носи колективната историска и емоционална меморија на овие заедници. Тие ги раскажуваат приказните за минатите времиња и културните достигнувања на етничките групи, со што се потврдува и зачувува нивниот идентитет.
Јазикот, религијата и народните носии се клучни елементи по кои се разликуваат различните етнички заедници. Нивните разлики треба да се сметаат за привилегија која го поттикнува меѓусебното разбирање и почитување на културите на другите. Овие разновидни културни богатства на нашата земја треба да бидат заштитени со големо внимание со цел да се афирмираат и заштитат различните идентитети на етникумите.“ (текст на Фима Трајковска, Н.У Музеј на Македонија).