Руичи Сакамото горд на наградата на Скопје Синема Сити
— 3 октомври, 2018
Во пресрет на четвртиот филмски настан којшто Скопје Синема Сити го организира годинава, Руичи Сакамото го изрази своето задоволство за наградата доделена од овој Фестивал за животно дело. Инаку, пролетното издание на Скопје Синема Сити, коешто се одржа во јуни, беа прикажани 15 филма и беше отворено со познатиот јапонски музичар и композитор, Руичи Сакамото со филмот „Кода“. Филмот освен што е портрет, го покажува уметникот и како познат активист. Тој е сестран уметник и неговите достигнувања во музиката се светски познати, почнувајќи од поп-изданијата и соработките со уметници како Дејвид Силвијан, Бил Ласвел, Иги Поп, Лори Андерсон, Хектор Зазу, па до бројните филмски проекти, како „Среќен Божиќ г-не Лоренс“, серијата филмови во соработка со реномираниот режисер Бернардо Бертолучи „Последниот кинески цар“, „Чај во Сахара“ и „Малиот Буда“. Неодамна тој беше актуелен и со музиката за филмот на Алехандро Инариту „Повратникот“, со Леонардо ди Каприо.
Четвртото есенско издание на Скопје Синема Сити се одржува на 5 и 6 октомври во Кинотека на Македонија. На есенското издание ќе бидат прикажани 4 филмови: „ЕКВ – Како да беше некогаш“, „Звуци и тишина: Патешествијата со Манфред Ајхер“, „Приказната за Ланг Ланг: Постигни или умри“ и „Стив Рајш: Соочување со фазата“.
Гости на ова издание на Фестивалот ќе бидат режисерот и сценарист на филмот за ЕКВ, Душан Весиќ , кој воедно ќе има и промоција на својата книга за Маргита Стефановиќ „Маги: Како таа да беше некогаш“ и Сандра Ранчиќ, која е и косценарист на филмот и уметнички директор на филмскиот фестивал за музички документарни филмови од Белград „ДокендРитам“. Бидејќи Скопје Синема Сити се приклучи на манифестацијата „Бела ноќ“ иницирана од МКЦ, проекциите на филмовите за Ланг Ланг и Стив Рајш ќе бидат со слободен влез.
Оваа година, Скопје Синема Сити организираше 4 филмски настани, на кои вкупно беа прикажани 26 музички документарни филмови и една изложба на џез-фотографии. На Фестивалот оваа година уметник во фокус беше јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, со чиј филм „Кода“ на Стивен Номура Шибле беше отворено летното издание и кому фестивалот му врачи и награда за животно дело за „Достигнувања во филмот и музиката.“