Наградата „Ристо Шишков“ ја доби Благоја Чоревски
— 12 септември, 2018Наградата за високо актерско остварување на 26. издание на фестивалот на Камерен театар „Ристо Шишков“ ја доби актерот Благоја Чоревски. Жирито, предводено од познатата српска актерка Тања Бошковиќ, му ја додели оваа награда за улогата на Вилфред Бонд во претставата „Квартет“ по текст на Роналд Харвуд, во продукција на Македонскиот народен театар и „Контрапункт“ од Скопје, како и за неговиот севкупен творечки придонес во современиот театар.
Претставата „Еднаш свет изградив“ во продукција на Театарот за деца и младинци од Скопје, е прогласена за најдобра претстава, наградата за најдобра режија му е доделена на Ник Апер за претставите „Петтиот чин“ во изведба на Народниот тетатар од Струмица и „Ибзеновите женски“ во продукција на Покет театар студио од Љубљана и Аграрија од Копер, Словенија. Награда за најдобра сценографија, дизајн на светло и костимографија е доделена на Јулијана Војкова Најман за претставата „Клетници“ во изведба на Прилепскиот театар.
Наградата за најдобра музика ја доби групата Фолтин, исто така за претставата „Клетници“, наградата за најдобар текст му е доделена на Радован Тишма за „Четири браќа“ на Књажевскиот српски театар од Крагуевац.
Актерите на Струмичкиот театар Бранко Бенинов и Ванчо Крстевски добија награда за машка улога за нивните остварувања во претставата „Петтиот чин“.
Награди за женска улога добија Румјана Мерџанска за улогата во претставата „Трговци на презервативи“ на театарот од Враца од Бугарија, и Мирјана Поповска Ристов за улога во претставата „Дони дарк“ на Театарот комедија од Скопје.
Наградата за дебитантско остварување и е доделена на Димитрина Мицкоска за претставата „Женска утопија“. Специјална награда на фестивалот доби претставата „Доктор Фауст“ во изведба на Битолскиот народен тетатар со која беше затворен фестивалот.