Филмот „Ругање со Христос“ е навредлив за Албанците во Македонија
— 3 септември, 2018Врз основа на видениот трејлер и по прегледот на сценариото и режисерската експликација, министерот за култура Асаф Адеми и директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија, одлучиле филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јане Бојаџиев, да го окфалификуваат како филм навредлив за Албанците и филм со политичко влијание.
- Реакцијата беше како резултат на она што го видовме од трејлерот и од сценариото. Јас како Албанец и како граѓанин се чувствував навреден, и откако го видовме сценариото заедно со директорот на Агенцијата за филм се одлучивме на ваквата реакција, изјави министерот Адеми, на денешната конференција за новинарите.
Миинистерот Адеми рече дека во комисијата и во телата што го одобриле снимањето на филмот, во кој војниците на ОНА се претставени како насилници силувачи, немало ниту еден Албанец. Законот му дава за право да го преиспита целиот процес во одобрувањето на овој филм во 2015 година и токму тоа ќе го направат инспекторите кои ќе ја преиспитаат работата на комисиите при Агенцијата за филм.
- Скандал е што во вакви скапи проекти, кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата, не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници. Според нас, ова не е замислената мултиетничка и мултикултурна Македонија. Иако овој не е првиот филмски проект кој се засновува на омраза кон другиот, бидејќи во минатите години имало филмови со такви содржини, а во меѓувреме може да се појави и некој друг таков филм поддржан во изминатите години и минатиот режим, но за нас е важно да кажеме дека овој ќе биде последен филм со ваква содржина“, кажа денес Адеми.
Министерот ги наброја имињата на рецензентите на ова филмско остварување. Меѓу нив се поранешните директори на Агенцијата за филм Дарко Башески и Мими Ѓорѓовска Илиевска, Огнен Неделковски, режисерот Владимир Блажевски, писателот Александар Прокопиев, филмскиот критичар Благоја Куновски, Евгенија Димитриевска и други.
- Ова не треба воопшто да се сфати како некој вид цензура или ограничување и кратење на авторските права. Секаде во светот и во Европската конвенција за филм и во сите други европски напишани закони, постои етичка вредност што треба да се почитува. Во ова време кога се стремиме да одиме во Европа, нема цензура, нема забрана, но некоја етика и морал мора да има. Филмот треба да се тргне од политичкото влијание и заедно со министерот Адеми работиме и ќе изградиме стратегија за тоа како ќе се однесуваме, рече Тозија на денешната средба со новинарите.
Тозија смета дека филмот „Ругање на Христос“ треба да ја претставува Македонија како мултетничка и мултирелигиозна. Правилникот за филм и Законот за филм мора да се почитува, а токму во овој филм тој смета дека тоа не е испочитувано. Директорот на Агенцијата за филм истакна дека многу од проектите кои се покажале проблематични и кои придонесуваат за еден негативен имиџ на Р. Македонија, во моментот се прекинати.
Директоро на Агенцијата за филм истакна дека авторската слобода и креативност и натаму остануваат приоритети, но дека проектите не смеат да бидат со навредлив национален или религиозен карактер, дека треба да се негуваат културолошките разлики и интегративните вредности. По примерот на европската регулатива ќе биде воведен и дополнителен увид во снимените проекти преку механизам за колаудација односно пред нивната дистрибуција ќе бидат погледнати забелешките од потписниците што дале зелено светло на сценаријата.
На прес конференцијата беше поставено прашањето како да се повлече филмот и дали ќе има санкции за авторите?
Премиерата на режисерското деби на Бојаџи беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал.