Струшките вечери на поезијата, поради намалениот буџет за 30 проценти, и оваа година ќе се одржат со веќе востановените содржини, без воведување нови програми, рече Елизабета Шелева, претседателката на Управниот одбор на СВП, на денешната прес конференција.
- Со намалените средства СВП годинава едвај ќе го одржува високото ниво што веќе го има постигнато и ќе ги задоволи стандардите што самите сте ги поставиле во изминативе 57 години. А, ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, мора да се знае дека тие се поврзани со средства, рече директорот на СВП, Мите Стефоски.
Сегашниот буџет на Струшките вечери на поезијата е ист како во 1999 година, но во меѓувреме сите трошоци се зголемени. Намалените средства ќе се одрзаат на издавачката продукција а исто така ќе се јават финансски проблеми и кај одржувањето на зимскиот поетски фестивал, планиран за ноември.
За да се задржи „освоеното“ ниво на Манифестацијата, обезбедена е соработка и добиле поддршка од странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“, НОРЛА од Норвешка, Данскиот културен совет, Гете институт, Шведскиот културен совет..
– Струшките вечери на поезијата се одржуваат на високо ниво и ќе биде штета ако на некој начин тоа биде загрозено. Наместо да се наоѓаат начини за развој на фестивалот, треба да се мисли како да се одржува нивото што веќе е постигнато. СВП може да играат само во лигата на шампиони, бидејќи во изминативе години ние работевме да дојдеме до ова ниво. Државата треба да води сметка никогаш да не падне нивото кое е веќе постигнато. Недозволиво е да ги враќаме назад начините на организација на фестивалот наместо да ги унапредуваме. Незамисливо е во 21 век да не го покриете основниот надомест за авторски права на врвен поет кој настапува на вашиот фестивал, рече Стефоски.
И оваа година интенцијата на СВП, кои ќе се одржат од 22 до 27 август е да се покануваат поети од сите континенти и оваа година програмата вклучува повеќе од 80 поет, заедно со македонските. Фокусот е ставен на нордиската поезија, но ќе биде претставена поезија од сите континенти. Годинава концептот „Поезија на пат“, наместо по завршување на фестивалот, ќе се одржува за неговото времетраење. Ќе се одржат поетските читања во Охрид, Битола, Скопје и матинето на Матка, а првпат годинава ќе има и читање во Прилеп.
И годинава ќе ги има стандардните – поетски читања за отворањето и затворањето на фестивалот („Меридијани“ и „Мостови“), книжевниот портрет на венценосецот – поетот Адам Загајевски од Полска во црквата „Света Софија“ во Охрид, симпозиумот „Изгубено најдено во преводот“ во рамки на преведувачката работилница. Ќе бидат промовирани се тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2018“, Адам Загајевски, на три јазици, објава на поетската книга на Паули Тапио од Финска – добитник на наградата на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на современата кубанска поезија, наслови од едицијата „Плејади“.
Годинешниот добитник на „Златен венец“ на СВП е полскиот поет Адам Загајевски (1945). Претседателката на Управниот одбор на СВП Елизабета Шелева, рече дека е чест и гордост е што оваа година венценосецот доаѓа од словенските литератури.
Поезијата што тој ја пишува е широко прифатена и оценета како поезија по мерка на човекот, таа не е едно кабинетско и самозадоволно искуство. Неговата поезија е се занимава со најдлабоки и најдраматични теми поврзани со човековата егзистенција – селидбеност, обескоренетост, невдоменост, егзил, прашања на смислата на постоењето, таа ја има во себе таа филозофска запрашаност и хуманоста.
– Интересно е тоа што тој го обединува во своето творештво и она што е филозофска запрашаност и она што би го нарекле ангажираност, во најубава смисла на хуманиззмот и зачувување на суштинската блискот до човекот, рече Шелева.
Во текот на одржувањето на СВП ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка помеѓу две фестивалски изданија. Една фестивалска вечер е предвидена за тројца македонски автори кои починаа во изминатите осум месеци – академиците и книжевници Матеја Матевски, кој со Блаже Конески се единствените добитници на „Златниот венец“ на СВП, (Матевски го доби во 2011), писателката Лилјана Дирјан, добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ и е меѓу основачите на Независни писатели на Македонија и Милан Ѓурчинов, во еден период претседател на Уметничкиот совет на СВП.