Мира Фурлан: Предавството лесно им оди на нашите луѓе
— 7 август, 2018Мира Фурлан би можело да се опише и преку улогата во американската ТВ серија „Just Add Magic“, како жена што не старее и има магични моќи.
Ако сакаме да ја почитуваме статистиката и официјалните биграфски податоци, би биле вчудоневидени колку брзо по дипломирањето на Академијата, станала неизоставен дел од најзначајните филмови на некогашната југословенска кинематографија („Татко на службено патување“, „Киклоп“, „Убавината на порокот“…). Пред неколку години нè воодушеви претставата „Додека смртта не нè раздели“, по нејзин текст, а во режија на Мики Манојловиќ.
Таа е прва актерка од овие простори која успеала да се најде во престижната ТВ серија. Тоа беше, сега веќе култниот ТВ хит „Lost“. Предава на одделот „Liberal art and science“, познатата њујоршка Академија за филм. На почетокот на август, Мира Фурлан дојде во Белград како учесник на фестивалот „Крокодил“.
Изјавивте дека престојувајќи неодамна во регионов сте сфатиле дека целиот простор е толку загаден со сензационализам, вулгарност и примитивен националистички дискурс, кој не се променил од деведесеттите години кога си заминавте. Дали е обеспокојувачки тоа што вашите реченици и понатаму се актуелни и што овој простор, всушност и не се менува?
„Обеспокојувачки“ веројатно е преблаг збор, иако е прекрасен и се обидувам да се сетам кога последен пат сум го употребила. Секогаш сум благодарна за добрите, стари зборови на нашиот јазик кои во емиграција често исчезнуваат од репертоарот, а толку се мудри, комплексни и прецизни! Но, не се работи само за „нашите краеви“, или како што Американците велат: „old country“. Сето тоа е дел од глобалниот тренд на враќањето на десничарските, конзервативни тнр. вредности, кои во денешно време не би можеле да постојат ако владејачките класи насекаде низ светот не би правеле сè што е во нивна моќ, своите жители да ги држат необразовани и да ги заглупуваат на сите можни начини. Се разбира, тука е и елементот технологија, мобилните телефони и социјалните медиуми и сите тие оперираат само со бројки во кои сосема изостанува етичкиот елемент. Технологијата без хуманост би можела да биде нашиот крај. Кога велам „наш“ секогаш мислам на сите нас, човечките суштества.
Одамна си заминавте од овие простори, што чувствувате сега кога доаѓате во Белград, Загреб…?
Сега останаа само пријателите на сите тие простори. Ги има малку, но затоа се уште повредни. Сето останато веќе не ме интересира, ниту се занимавам со тоа. Што се однесува до мене, сето тоа веќе се потроши. Не читам домашни весници, не гледам домашни тeлевизии, веќе не ги знам имињата на политичарите, ниту можам да ги препознаам нивните лица на фотографиите.
Неодамна на социјалните мрежи силно одекна вашата изјава дека студентите на вашата академија се поконзервативни од вашата баба. Па добро, какви се младите, навистина, барем оние што вие ги среќавате? Ние пораснавме на некој бунт, рокенрол…а тие?
Тоа е многу интересна појава со која постојано се сретнувам, бидејќи предавам на академита во Лос Анѓелес. Кога, да речеме, се занимаваме со Чехов, студентите, не само американските, туку од целиот свет, многу често имаат проблем со „погрешните“ вљубувања во драмите на Чехов. Како вујкото Вања смее да биде вљубен во Елена, кога таа е омажена за Серебрјаков? Како Маша може да биде вљубена во Версињин, кога и двајцата се во брак? Притоа, американските студенти го критизираат Чехов и на друго ниво: затоа што пишува за мрзливи, „self-centered“, здодевни, средовечни алкохоличари. „Годо“, да речеме, го гледаат низ призмата на американските self-help прирачници и се прашуваат зошто тие луѓе постојано нешто чекаат наместо да бидат „проактивни“. Понекогаш едноставно не ми преостанува ништо друго освен слатко да се смеам. Но, тоа слатко смеење многу брзо станува горчливо кога човек ќе сфати дека денес, младите луѓе не читаат, па затоа не се во состојба да го сфатат јазикот на литературата и сè сведуваат на она што го знаат. А тоа е многу малку.
Од друга страна, пак, тие знаат многу работи што јас не ги знам. Многу сум благодарна за искуството на средбата со сите тие млади луѓе од целиот свет. Моето, т.е. нашето образование е крајно евроцентрично и не можеме да се оттргнеме од вредностите што нам ни се познати, а во кои спаѓа и спомнатиот Чехов. А каде е културата на Африка, каде е Јужна Америка, сите земји на Азија? За тоа во нашите училишта сме научиле недопустливо малку. Многу учам од тие деца. А веројатно и јас нешто успевам да им дадам.
Ако разговараме за овој простор и неговата загаденост, вие добивте и твитер „пацка“ кога го критикувавте Трамп? Како ви изгледа Америка, светот?
Од сите социјални медиуми што ми се антипатични, понекогаш, сè поретко на Твитер ставам некоја своја длабока мисла (ова е иронично). Тоа ми е единственото заедничко со претседателот! Но, гледајте сега, никогаш не ги читам коментарите, одговорите, писмата што ми се упатени. Така живеам во блажено незнаење. Така ги третирам сите плукања врз мене, како домашните, така и странските. Додека ја работев претставата во Риека, актерите од театарот понекогаш ќе ми покажеа некој весник со најновите напади, а јас, без да ги погледнам ги фрлав тие весници во ѓубре. Веќе немам ни сила, ни интерес. Сето тоа се проблеми на самите плукачи и нека си ги решаваат самите со себе, или со своите психотерапевти. Со мене тоа всушност нема никаква врска.
Како ми изгледа Америка, светот? Многу лошо. Опасно. Се чини дека сите ние, целата човечка раса сме во голема опасност едноставно да исчезнеме, заедно со своите Чехови и Годоа. Тука е огромната количина на нуклеарно и друго оружје кое моментално е во рацете на лудаци. Тука е глобалното затоплување околу кое никој не презема ништо, а се чини дека тоа го кажуваат оние што знаат дека веќе и не е важно дали преземаме или не затоа што едноставно е предоцна да се сопре безумното трчање по профит кое на крај ќе нè уништи.
По огромниот успех кој го постигнавте со улогата во светски популарната серија „Изгубени“, дали имавте понуди и за други ТВ серии?
На својата најуспешна работа се чувствував најлошо. Но тоа е некоја друга приказна што се обидов да ја напишам во мојата необјавена книга. А тоа е уште една „друга приказна“.
„Големиот успех“ во капиталистичкиот свет не оди без понижување на „другиот“. Јас, како „странска“ глумица, па уште и „постара“ жена, бев тој „другиот“. Во таа серија имаше многу арогантен тестостерон. Сега во нашата професија во Америка многу работи се менуваат благодарение на движењето „Me Too“. Или барем така се чини. Мислам дека во овој момент, моето искуство во таа серија би било поинакво. Тогаш, пред десетина години немаше никој за да го дигне гласот.
Како се чувствувате на граничните премини и пасошките контроли? Поранешна Југословенка? Американка? Во кои моменти можете да бидете патриот кон некоја држава?
Долго време велев „екс Југославија“ а потоа и тоа стана неумесно. Колку далеку да се вратиме наназад? Во Австроунгарија и турското царство? Зошто не и во Римското царство? Како гласеше онаа реченица од „Леб и чоколада“, стар италијански филм со прекрасниот Џанкарло Џанини? „Italiano ma non fanatico“. Така и јас „Americano ma non fanatico“. Можеби. Веројатно. Не знам. Не верувам во тој вид самоидентификација. Според моето скромно мислење, државите – нациите се сосема надмината категорија. Треба само да се погледнат ретките бегалци од Сирија и Африка и вооружената војска на граничните премини на разни држави, како што е Унгарија, за да сфатиме дека ваквото уредување на светот е извор на зло и ужас за мнозинството жители на нашата планета.
Што им кажувате на американските студенти? А што би ѝ кажале, на некое предавање, на српската младина која во огромен процент сонува да ја напушти земјата, а од друга страна, дел од неа се дави во митови?
Минатиот семестар, држев еден час којшто мислам дека добро би им дошол на нашите, домашни студенти. Предавањето се вика „Art, Culture & Society“ и таму главно разговаравме за сите можни курентни теми. Јас, но и тие ќе ги презентиравме тие теми, секој од свој агол. На крајот од семестарот сите бевме во солзи и јас им реков: „Толку ми е жал што светот е ваков каков што е. Колку би сакала да го променам“. И тогаш на крајот го кажав единственото што учителот и родителот може да му го каже на детето што влегува во светот: „Good luck!“
Југословенската кариера ја градевте во годините на новиот бран, рокерското братство на Загреб, Белград, Љубљана…Дали можевте да претпоставите дека еден од уредниците на тогашниот „Полет“ (младинско списание што го промовираше тоа братство на новиот бран) ќе се сврти против вас и ќе ве направи мета?
По сите овие години заклучив дека на нашите луѓе предавството им е лесно, некако премногу лесно им одеше. На сите нивоа, во сите категории, од јавни до приватни. Беше и сè уште е толку лесно да го предадеш пријателот, идејата, ставот. И на крајот, самиот себе. Предавствата се кукавички зашто најчесто се мотивирани од опортунизмот, или уште полошо од стравот. Кукавичлукот и предавството одат заедно.
Овие одговори ги давам од земјата на големиот Ганди, кој создаде единаесет принципи за благороден и вреден живот (се разбира, во својот ашрам, но и пошироко). Еден од тие принципи е – бестрашноста. Отсуството на страв. Неприфаќањето стравот да нè води низ животот.
Кон тоа треба да се тежнее, на тоа треба да се работи. Никого не осудувам зашто и самата сум несовршена. Секоја духовна дисциплина, секоја религија нè учи на истата работа. Но, луѓето не сакаат да слушаат.
Извор: Nedeljnik
Автор: Бранко Росиќ